Дека во деловните и политичките ешалони на Трамп има македонски или промакедонски настроени лобисти е сосема јасно. Оттука, според расположливите податоци, обработени со еден аналитичко-синтетички приод, се очекува новата администрација во Белата куќа по дипломатското решение за Украина да го форсира таканаречениот Пат на килибарот, една од геостратегиските артерии што ги поврзуваат Медитеранот и Средна Европа. На таа трансверзала важно место има Македонија (коридорот 8). Тоа е шанса што дипломатијата не смее да ја испушти, а притоа засилено да ги брани своите национални интереси
МОЖНА СТРАТЕГИСКА ВАРИЈАНТА НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА НА САД ПОД ВОДСТВО НА ТРАМП
Што има на геополитичката маса по изборот на Доналд Трамп за претседател на САД? Пред да тргнеме со некои одговори на ова комплексно прашање, добро е да се потсетиме на искуството што нѐ учи дека… „кога сме имале можности, сме пропуштале златни шанси“. Зошто е тоа така, останува не сосема јасно. Но, приказната вели дека тој што тргнал да лови риби, еден ден можеби ќе улови и златна рипка. И што тогаш? Дали е подготвен за тоа, дали има три желби? Малку метафори не штетат, но се навистина сликовити за она што било и она што следува…
Македонија може да се пофали на повеќе промашени колосални шанси. Едната е невлегувањето во НАТО во 1999 година, а тогаш имавме шанса, а подоцна и влез во ЕУ и таму промашен пенал.
Да веруваме дека сега има поголемо политичко искуство, а златната рипка за нас е изборот на Трамп. Ако во администрацијата на Џорџ Буш имаше неколку истакнати лица на извршната власт со македонски корен (да потсетам влијателни Евреи), наклонети кон Македонија, нашата земја тогаш само делумно го искористи тоа. Ни недостигаа лобисти и промоција на македонската приказна (читај вистина).
Сега, со тие врски со промакедонски политичари во кругови околу Трамп, ситуацијата е можеби и подобра за македонските национални интереси, но треба да се тропа на вратата на Белата куќа, во Капитол Хил, да се тргне во многу поагресивна дипломатска активност и да се пронајдат вистинските точки на остварување на стратегиското партнерство што постои меѓу Вашингтон и Скопје.
САД ГО ПОДДРЖУВААТ ОТВОРЕН БАЛКАН, А НЕ КРОЕЊЕ НА ГРАНИЦИТЕ
Голем број политичари од Балканот и од Средна Европа со огромна радост ја поздравија веста за победата на Трамп, оти гледаат шанса за промоција на нивните интереси, иако некои, како во Србија, отидоа малку предалеку, па веќе формираа „велика Србија“. Но и официјален Белград не се согласува со таквите изливи на задоволство. Работите нема да одат кон такви насоки. Јасно е дека големата слика налага решавање на големите прашања. На Балканот не чукнал часот за менување на границите и создавање големи држави. Најверојатно Отворен Балкан ќе доживува натамошна промоција не само како интересен туку и како добар проект. Дали Вашингтон ќе застане зад тој процес на соработка? Без дилеми, дури се очекува да најде и свој интерес за инвестиции.
Македонската влада јасно кажа дека може да се надева на личните контакти со блиски луѓе на Трамп. Климата беше детектирана пред изборите во САД, а посетите на неколкумина од важниот бизнис-ешалон на Трамп на Скопје расчистуваат многу дилеми. Кои се тие луѓе на Трамп, а сега важни за Македонија?
ВРАТИТЕ ОТВОРЕНИ ЗА „РАМБЛ“ И ДРУГИ ИНВЕСТИЦИИ
Девин Нунес, поранешен конгресмен на Калифорнија, сега извршен директор на „Трамп корпорација за медиуми и технологија“. Хауард Лутник, основач и извршен директор на една од водечките финансиски корпорации во САД – „Кантор Фицџералд“. Во последните месеци пред изборите тој стана еден од најблиските советници на Трамп. Крис Павловски, бизнисмен со македонско потекло, основач и извршен директор на интернационалната компанија „Рамбл“. „Рамбл“ вклучува и видеосервис, каде што се префрлија и Доналд Трамп и неговата корпорација откако добија забрана на Јутјуб.
Според изјави на високи политички претставници од Македонија, Павловски по изборите во САД ја пренел пораката: „Сега нема никакви пречки да влеземе со сериозни инвестиции во Македонија“.
И секако не треба да се заборават повеќето средби со тешкашот во политиката Ричард Гренел, кој можеби е вистинската златна рипка за остварување на македонските национални и геополитички и бизнис-интереси.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски за содржината на средбите изјави дека тимови разговарале за новите блокчејн-технологии, за криптовалутите и можностите за „дигиталниот денар“. Ова се теми што совршено се совпаѓаат со плановите на администрацијата на Трамп. Не треба да се заборави дека токму Хаурд Лутник во моментот е еден од десетте најважни фактори на светскиот финансиски пазар и тој дојде во Македонија. Гренел во првиот претседателски мандат на Трамп беше в.д. директор на Националното разузнавање на САД, амбасадор на САД во Германија и специјален пратеник на Трамп за Балканот. Од разговорите со Гренел се издвојуваат проекти во енергетскиот сектор, при што на маса бил ставен и проектот „Чебрен“.
ЗОШТО СМЕ ВАЖНИ ЗА ТРАМП?
На прв поглед можеби звучи невообичаено и несекојдневно зошто ваква силна екипа на Трамп остварува средби со македонската влада, но ако се погледне на геополитичката мапа, некои нешта стануваат појасни.
Сосема е јасно дека руско-украинскиот конфликт исцрпува многу глобални ресурси и, според сите индикатори, тој полека ќе влегува во својата завршница. Генералите ќе им го отстапат местото на дипломатите, кои ќе треба да ги искористат сите свои знаења и вештини за да се постигне стабилен мир, а тоа значи остварување на планираните стратегии на големите ајкули на светската политика и економија. Македонија се наоѓа на таа мапа, на тие за нас две геостратегиски крстосници – коридорот 10 и коридорот 8. Ако за нас главен приоритет е коридорот 10, каде што се прекршува и Патот на свилата, односно сега кинескиот мегапроект „Иницијатива за појасот и патот“, аналитички извори велат дека во наредниот четиригодишен период за САД приоритет ќе биде развивање на античкиот коридор познат како Виа Марис, односно Патот на килибарот преку Медитеранот. Пречките што стојат на тој пат главно се на Блискиот Исток, а во моментов сериозни бранови во Медитеранот крева Турција, која игра остро во однос на Израел, а таа земја е една од клучните точки на американскиот стратегиски проект и ќе се обиде да ги отстрани тие пречки. Можен начин е да се најде фер спогодба за искористување на резервите природен гас во водите кај Кипар. Една од тие проблематични точки е и Бугарија, која упорно ја блокира „идентитетски“ Македонија за ЕУ, а високи извори во Скопје велат дека наредниот месец се очекува сериозна порака од Вашингтон до Софија да го одблокира процесот. На Патот на килибарот се земји како Египет, Израел, Турција, Грција, Македонија и таа геостратегиска артерија продолжува кон Србија, Унгарија, Словачка, Австрија. Кога се има предвид ова, јасно е каде се шансите на Македонија.
Најважните точки од стратегиското партнерство меѓу САД и Македонија
Според прегледот од стратегискиот дијалог одржан во јуни 2022 година, клучни точки се: регионалните иницијативи, при што американската страна истакнува дека за Македонија се важни Иницијативата VIII, Б6 и Иницијативата на трите мориња; одбрана и безбедност, при што во фокусот е соработката во рамките на НАТО, еден од проектите на САД е тренинг-центарот во Криволак; енергија и екологија, со нагласка на климатските промени; развивање на врските во образование, култура и професионална размена на кадри; билатерална соработка, добро владеење и владеење на правото, како и трговија и инвестиции.
Ќе ја следи ли Америка кинеската политика за визите?
Неодамна Кина објави дека еднострано ги укинува визите за Македонија во траење од една година. Доколку нема никакви проблеми при процесот, се очекува таа одлука да биде продолжена. Тоа многу ќе го олесни патувањето на Македонците во Кина, која и сега е дестинација за работа, бизнис, или школување на голем број македонски државјани.
Од друга страна, Македонија веќе подолго време се обидува да влезе на „зелената“ листа на Вашингтон за визниот режим, односно да влезе во земјите што ќе патуваат без визи во таа земја, како на пример привилегијата што ја имаат Хрватите. Тие од 2021 година можат за работни или туристички патувања без визи да патуваат во Америка со престој до 90 дена.
Клучни македонски поддржувачи според ОМД
Обединетата македонска дијаспора (ОМД) со седиште во Вшингтон ги наведе клучните личности за односите со Македонија по победата на Трамп. Реизбрани се во Конгресот членови на Групата за соработка со Македонија: Клаудија Тени (Републиканска партија – Р), Брендан Бојл (Демократска партија – Д), Деби Дингел (Д), Лиза Меклејн (Р), како и Френк Мрван (Д), Еленор Холмс Нортон (Д), Мајк Тарнер (Р) и десетина други од Групата.
Како еден од клучните луѓе со промакедонски ставови ОМД го посочува сенаторот Марко Рубио од Флорида, кој ќе биде новиот државен секретар, а не треба да се заборави ниту значајната улога на Мајкл Валц, кој има одлично познавање за Балканскиот Регион.
Зацврстување на Групата за поддршка на Македонија со нови членови ќе биде еден од приоритетите на ОМД. Потоа тоа ќе биде и зацврстување на американско-македонските односи, поддршка за правата на македонското малцинство и вклучување на Македонија во програмата за безвизен режим. Х.И.