МИРОТ ПРЕД ПРАГОТ НА УКРАИНА, ЕУ ПРЕД ПОРТИТЕ НА КАСАРНИТЕ: ШТО МОЖЕ ДА ОЧЕКУВА МАКЕДОНИЈА ОД БРИСЕЛ
- Јасно е дека геополитичките поместувања сериозно ѝ го наметнаа на Европа прашањето за својот идентитет и местото во новиот свет. Затоа, таа и го означи проширувањето за геополитички проект и прави план да ја замени ветократијата со мнозинско гласање. Според наши извори, тоа е план Балканот, Украина и Молдавија да влезат во ЕУ, но не како полноправни членки. Ако е така, зошто би го менувале Уставот? И зошто да се применува Преспанската спогодба?
Тектонските плочи на либерална Европа сериозно се изместени и затоа нејзината иднина е сосема неизвесна. Политички и идеолошки тоа значи дека падот на неолибералниот систем, кој доминира во Европа од градинките до армиите, вклучително и во црквите, ќе мора нужно и природно да му го отстапи местото на новото – на суверенизмот. Тоа се вика конзерватизам, односно враќање на христијанските вредности. Ако во оваа реченица христијански вредности можеби ви е нејасно и ви става прашалници пред очи, и тоа е нужност. Или ќе биде.
Нема да гледаме во кристалната топка на пророштвата, тоа не е работа на новинари што анализираат, туку на сигналите што ги слушаме и внимателно ги следиме. Ние сме и хроничари на времето во кое постоиме и би било промашување на професијата ако тоа токму сега и овде не го направиме со уште поголема страст за потрага по фактите и вистината. Ќе има промени, ќе има прегрупирања, ќе има сојузи и дури и непринципиелни коалиции, кованица едно време на македонската политика каде што етиката и моралот се нагризани до коренот одамна.
ЕДЕН ОД ПРИОРИТЕТНИТЕ ПРОЦЕСИ – РЕГИОНАЛНО ПРЕГРУПИРАЊЕ
Како еден од сигналите за можно регионално прегрупирање ќе го наведеме белгискиот случај, поточно со едвај избраниот премиер на Белгија, фламанскиот (холандско јазично подрачје) десничар Барт де Вевер. Тој наводно се откажал од своето политичко кредо со кое стекна популарност, а тоа е дека Фландрија треба да биде независна држава, што би значело Белгија да не постои. Вевер предизвика сериозна полемика во јавноста кога на 21 јули годинава на Денот на државноста не извика на француски „да живее Белгија“. Така, една стогодишна традиција не е испочитувана. Дали ова значи дека ќе има посериозни последици внатре во Белгија и пошироко? Сосема е неизвесно, но и можно. Сепак, Белгија е кралство, а Де Вевер му дава заклетва на кралот, кој е чувар на системот.
Наместо независност на Фландрија, сега белгискиот премиер заговара, а тоа е кажано како демант, дека тој не рекол дека Франција и Белгија треба да се спојат (дали без Фландрија?), туку дека тој се залага за поцврсти врски на земјите од Бенелукс – Белгија, Холандија и Луксембург. Тоа значи дека во неговата политичка рамка ги нема моќните Франција и Германија. Чудно, но првите пробни гулаби секако се пуштени од Брисел и некои од нив носат и важни пораки до други земји. Одамна постои една неформална унија на земји од Северот, а таму не е само Бенелукс и се протега и подалеку од Данска.
Но тоа никогаш за Европа не претставувало некоја поголема пречка, нормално е тие да се поврзани и со вода, и со канали и со брза железница, но малку поинаков однос имаат доколку Средна Европа, а особено Балканот, почне да ги збива своите редови и се движи кон поголема соработка и економски врски, кои немаат ројалистички инсигнии, туку се раководени од идејата на суверенизмот по моделот на Трамп – МАГА/МЕГА.
ФЕРМЕНТИРА НОВИОТ ЕВРОПСКИ ИДЕНТИТЕТ
Тоа што сега Европа го ферментира во своите политички буриња е потрага по својот идентитет во новиот свет. Таа гледа дека е маргинализирана, особено сега кога без неа се преговара мирот во Украина. Европа на чело со Урсула фон дер Лајен живее на стара слава. Никој не го оспорува нејзиниот модел, но прашање е дали тој може да ги издржи предизвиците на промените? Затоа сега се очекуваат сериозни геополитички поместувања, во кои се наоѓаат, не сосема јасно, и Балканот и прашањето за членство во Унијата. Но Европа во прв ред сака да ги среди своите стари врски, да ги зајакне, а засилената соработка на регионите е еден од плановите со приоритет. Затоа, според извесни анализи, а и според наши процени, во оваа трка со времето Балканот и источното партнерство, Молдавија и Украина, ќе мора да одат во побавна брзина, иако се најавува членство на брза пруга.
Еден од факторите за ставање кочници за проширувањето е промената на политичките сили во Унијата, при што сѐ појасно се гледа дека не е само прашање на замор во проширувањето, туку сериозно противење. Расположението во многу земји е драстично променето во однос на тоа кога и зошто поддржуваат како идна членка на Унијата. А бидејќи европскиот тренд е движење во десно, јасно е дека таа поддршка само ќе опаѓа. Сепак, европските лидери мораа да го стават прашањето на проширувањето, ќе речеме со задоцнување, во пакетот на геополитички решенија и одговори, но тука е заглавена, пак ќе истакнеме, од самата себе, со билатерални спорови. Затоа е и произлезен терминот „ветократија“. Таа самата си го постави прашањето – како да се излезе од тој лавиринт?
Еден шведски институт наведува дека ако проширувањето е „геостратешка инвестиција“, дискутабилно е дали треба да биде предмет на десетици едногласни одлуки на земјите членки и еднаков број можни вета. Според членот 49 од Договорот за ЕУ, се предвидуваат само две процедурални точки во кои земјите членки имаат одлучувачки збор. Прво, тие мора да одлучат дали да го започнат проширувањето на Унијата кон државата кандидат, а потоа мора да ги прифатат „условите за прием и приспособувањата на договорите [на ЕУ]“ што ги преговарале со таа држава, за да се случи нејзиниот прием. Кога е Македонија во прашање, тоа е само на хартија, затоа што за неа се поставија дополнителни услови – од промена на името сега и до значајна промена на Уставот. Тоа го нема во Договорот за ЕУ. Затоа и логично е да се постави прашањето – дали ЕУ е втемелена на закони или и на двојни стандарди?
МАКЕДОНИЈА ЖРТВА НА БРИСЕЛСКАТА ВЕТОКРАТИЈА
Македонија за овие 20 години додека е во чекалницата на ЕУ стана типична жртва на бриселската ветократија и од неа само се бара исполнување услови што се далеку од принципите на ЕУ, а поблиску до геополитички стапици на штета на македонската држава.
Македонија се придружува кон ЕУ во сосема поинаков геополитички контекст и со поинакви услови. Главни критериуми се Копенхашките критериуми, што значи правда, безбедност, отворен пазар, демократија…, но сега како ултимативен услов е промена на Уставот. И тоа ни се наметнува како реформска агенда?!
Тоа е едната од стапиците на неизвесностите. Македонија може да го смени Уставот, а потоа процесот на проширување да се оддолжи за некое ново време. Сведоци сме на такво нешто во минатото. Србија, на пример, одеше многу брзо со отворањето на поглавјата, но сето тоа не значеше многу зашто Брисел ја смени преговарачката рамка, односно процесот отиде во нова методологија. Таков луксуз ЕУ може да си дозволи, но што да каже една држава кандидат?!
Искрено нема што многу да каже, освен да живее со реалноста и со својот пораз. За Македонија реалноста е многу покомплицирана затоа што претходната влада на Зоран Заев без консензус се согласи да го смени Уставот и тоа да биде услов за почнување преговори. Тоа беше грубо кршење на собранискиот консензус преточен во Резолуција за преговорите со ЕУ, каде што беа истакнати македонските црвени линии, кои ги избришаа тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи и Заев. Иако Македонија има сериозни политички и правни аргументи за анулирање на тие отстапки искажани во протоколи, ЕУ не сака да чуе за бришење на тој услов во преговарачката рамка? Зошто? Ако се во прашање критериуми, односно приспособување на законодавствата, зошто Брисел не би покажал флексибилност?
Нацрт-план за формирање ЕУ од втора класа
Сега во оптек сѐ погласно се пушта планот, кој засега се смета само како нацрт, но според наши извори тој сериозно е во игра, со кој Брисел размислува да ја реши ветократијата со тоа што за новите членки нема да се гласа со консензус, за да се избегнат вета. Вето за Македонија за Србија, за Украина, за Молдавија, вето за Албанија, па дури е можно и за Црна Гора. Работите не се сјајни, затоа што има повеќе членки во ЕУ што цврсто се против нови членки. И за ова се размислува да се најде еден вид сурогат-решение – тие да влезат како блок земји, но да бидат еден вид втора или трета категорија членки без право на глас, но и без други бенефиции што им следуваат на полноправните членки. За Македонија и тој план е под прашалник, затоа што некој претходно се обврзал дека Бугарите мора да влезат во Уставот. Албанскиот премиер Еди Рама еднаш рече дека и такво членство би прифатил, што е прагматично размислување. Сепак, условите ги поставува Брисел.
„Северна Македонија сè уште не ги усвоила потребните уставни измени со цел да се вклучат во Уставот граѓаните што живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како што се Бугарите, наведени во заклучоците на Советот од јули 2022 година, кои земјата се обврза да ги започне и да ги постигне“, стои во еден документ на Европската комисија од 4 ноември 2025 година. Што е интересно? Дури и Брисел ја прифатил реториката за „делови од друг народ“, нешто што во Унијата го нема. Па, и ние да бидеме цинични и да им кажеме – е браво! Х.И.
Можна е нова преговарачка рамка по падот на Макрон
Постои една голема главоболка за голем дел од политичарите и експертите во Унијата. Јасно е дека според планот на францускиот претседател Емануел Макрон за проширување на Унијата, процесот е многу неизвесен, затоа што условите можат да се менуваат во текот на процесот. Тоа значи иако некоја земја ги отворила сите поглавја, Брисел може да ја врати на поправен, односно пак да ги преговара. Ова е едниот проблем, а вториот е што ако Макрон не ги добие изборите, што е сосема извесно. Дали некој нов Макрон ќе излезе со нова преговарачка рамка и каква ќе биде таа?
Додека не се реши ова прашање, а веруваме дека е можно да се најде решение, затоа, што, нели, нема цела Европа без Балканот, тоа ќе мора да се направи врз јасни критериуми и принципи, а политичките прашања да се решаваат билатерално.


































