- Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во посета на Хрватска
Со највисоки државни и воени почести, вчера во Загреб беше пречекана македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова од претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, со што официјално започна нејзината дводневна официјална посета на оваа земја.
Двајцата претседатели одржаа средба лице в лице, по што следуваше пленарен состанок на македонската и на хрватската делегација, во чиј фокус беа традиционално пријателските билатерални односи.
На заедничката прес-конференција, Сиљановска-Давкова истакна дека членството во Европската Унија останува една од стратешките определби на државата и се заблагодари за пријателскиот однос, поддршката и разбирањето од страна на Хрватска, како и за помошта во отворањето нови перспективи и можни решенија во процесот на европските интеграции.
– Се разбира, политиката е далеку од уметност на можното денеска, туку е повеќе она што власта го нарекува кој, кога и како добива. И, за жал, нашиот пат кон ЕУ се трансформира во маратон. Можете да замислите, кандидатскиот статус го добивме во 2005 година и во онаа чудна синтагма на Западен Балкан, и денеска не знам што значи, која се роди, а… Знам всушност, геополитичка синтагма, периферија на периферијата, и сега чудно е, бившите југословенски држави, минус Словенија, па потоа бившите југословенски држави, минус Словенија и минус Хрватска, плус Албанија, и тоа е што би рекле Англичаните нешто, changing, чудно нешто – рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката уште нагласи дека државата доследно се водела од Копенхашките критериуми, со цел да изгради функционален и демократски систем компатибилен со европските стандарди. Според неа, евроинтегративниот процес мора да остане заснован на заслуги, реформи и исполнување на европските критериуми, а не да биде оптоварен со билатерални историски, културни, јазични и идентитетски прашања.
– Европската Унија понекогаш примала членки за кои и парламентот и Европската комисија велеле не, и добар чекор направиле бидејќи помогнала во демократизацијата. Значи, веќе претседателот рече, на овој пат се разбира ние размислуваме за сите можни решенија, меѓутоа, кај сите политички партии во програмите, една од стратешките определби е Европската Унија како заеднички дом, нели? И ние, исто така, граѓаните кај нас, околу оваа синтагма, околу ова барање се обединуваат. Се разбира, она што го бараме ние е многу едноставно, исти стандарди, какви што се барале од вас, или какви што се бараа и од другите членки. А тоа се Копенхашките критериуми. Меѓутоа, ние добиваме барања што се однесуваат на историјата, на културата и на јазикот или на идентитетот. А во преамбулата на договорот за Европската Унија јасно пишува дека ЕУ ги признава, бидејќи е единство на различностите, и ги почитува историјата, културата, јазикот на другите народи, па дури и уставните и политичките структури, а особено дигнитетот и интегритетот на граѓаните. Се разбира, јас барам совети и мислења што се засновани на сопственото искуство, истото тоа го барам и од оние што веќе од регионот чекорат напред, како Црна Гора и Албанија, и повторно забележувам разлики. Значи, разликите се врзани за ветото и за консензуалното одлучување во рамките на Европската Унија, се разбира, мене ми е јасно дека тоа не може да се смени прекуноќ, бидејќи треба да се менуваат уставните документи, но она што го бараме ние скромно, како држава, како нација, е да нема двојни стандарди и да се вреднува она што се вреднува и кај другите – истакна македонската претседателка.
Таа порача дека очекуваме еднаков третман и примена на исти стандарди како и за другите земји кандидати, со уверување дека во европските институции сè уште постои слух за аргументите, за правото и за достоинствено место на секој европски народ во Унијата.
– Има прашања за кои навистина не може и не треба да се разговара, но се разбира, еве, јас во моментов велам дека ако проширувањето не е само политичко, економско и културно прашање туку е безбедносно прашање денеска, бидејќи некако секогаш кога имало големи турбуленции во светот се прекршувале на Балканот, јас исто така мислев и сѐ уште верувам дека има бона фиде пристапи, дека сѐ уште има можности да ни се овозможи да се натпреваруваме како и сите други во освојувањето на владеењето на правото, поделбата на власта, демократијата, почитувањето на човековите, вклучувајќи ги и малцинските права, за да можеме навистина да го препознаеме местото во европското семејство. Не го препознавам во моментов, но ме теши фактот дека сепак ЕУ не е заедница полити на европскиот демос, го нема европскиот демос, а демократија без демос нема, тоа е политички систем sui generis, со исто така сериозни демократски проблеми. Меѓутоа, еве јас велам дека во моментов ние сѐ уште, можеби наивно, очекуваме разбирање на нашата улога, можеби, замислете, ние имаме стопроцентно заедничка надворешна и безбедносна политика со ЕУ, така што тоа некако е компатибилно со вашата теза за Бергман и за филмот, но мислам дека во овој реален свет на прагматични политичари, ние очекуваме можеби исчекор.
Ќе го цитирам францускиот претседател Макрон, кој можеби како мене, кога ќе се најде пред студентите, на „Сорбона“, поинаку размислува и тврди дека ЕУ не е бирократска и политичка машинерија, туку дека е заедница, филозофија. Филозофија без принципи и вредности нема – посочи претседателката.
Притоа таа изрази надеж дека во Европскиот совет, во Европската комисија и во Европскиот парламент навистина има Европејци што веруваат во силата на аргументите и дека веруваат во правото на секој народ и на секоја нација, особено оние за кои не треба да докажуваат дека се европски, да го најдат своето место меѓу нив.
– Се разбира во меѓувреме, вака, врз основа на совети, врз основа на разговори, врз основа на искуства, ние трагаме по заеднички, но во секој случај, европски решенија – заклучи Сиљановска-Давкова.
Од своја страна, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ уште еднаш истакна дека на земјата ѝ се поставуваат премногу барања и услови. Според него, Македонија сама одлучува за својот пат.
– Македонија сама одлучува што е подобро за неа и кој пат ќе го избере, претпоставувам дека тоа е патот на просперитет, мир и спокојство за граѓаните на Македонија. А вториот, вклучувајќи ги ЕУ и НАТО, е фасада, еден вид енергетска обнова, но она што прави куќа е внатрешноста. Ова се мои мисли, тие не се совет дури ни за соседот до кој живеам, а камоли за цела земја и народ. Ова важи и за Хрватска, ЕУ е надградба, но никако зграда. Нашата куќа и традиција се на наша земја, а ЕУ е добредојдена сезонска приказна додека трае. Тоа е тоа. Има живот без ЕУ и тој е успешен и достоинствен – рече Милановиќ.
Ангел Митревски, наш постојан соработник од Хрватска
































