Фото: Игор Бансколиев

Протестната нота што македонското МНР ја испрати до Бугарија е официјална дипломатска алатка преку која една влада ѝ се обраќа на друга влада за да посочи на некаква негативна појава од земјата кон која е упатена нотата. Но она што досега се покажа како практика е дека официјална Софија не реагира на нотите од македонското МНР, туку напротив, уште повеќе се засилува агресивниот, навредлив и негаторски тон што доаѓа од страна на дел од бугарските политичари. Треба ли тогаш македонските реакции за самоволието на Софија да се испратат на други порелевантни светски адреси? Да се документираат сите овие изблици на фашизам, хегемонизам, уцени и закани на бугарски политичари кон Македонија и да имаме фактографски црно на бело какви се вистинското поведение и вистинското лице на Бугарија како членка на ЕУ и да го дознаат тоа целиот демократски свет и прогресивната јавност

Цел свет го виде бугарското срамно поведение

По редица навреди, омаловажувања, негирања, искажување отворени територијални претензии, македонското МНР конечно се одважи да испрати протестна нота до Бугарија поради последните навредливи изјави на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, во кои директно ја навредува Македонија, а сето тоа го прави преку видеообраќање пред картата на голема Бугарија.
Бугарскиот европратеник и досега во повеќе наврати имаше слични изјави, а во промотивно видео за време на ланските избори во Бугарија порача дека Македонија е бугарска. И тогаш македонското МНР реагираше со нота, но очигледно оваа дипломатска алатка нема никаков ефект во Софија. Сега повторно бугарскиот европратеник упатува закани и навреди кон Македонија.
– Изјавата на европратеникот Ангел Џамбаски ги надмина сите граници на провокација, тука треба да реагира и бугарската држава. Говорот на омраза, според меѓународните договори, е основа за да се реагира, ние досега се обидувавме да го игнорираме европратеникот затоа што целта е да си направи промоција и тоа нема да го премолчиме – порача шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.
Поддршка доби и од неговата словенечка колешка Тања Фајон, која смета дека со ваквите изјави на бугарскиот европратеник се навредуваат македонските граѓани.
– Ги повикувам сите пријатели во соседна Бугарија да се воздржат од несоодветни коментари што внесуваат раздор, нерасположение и конфликти помеѓу населението – истакна Фајон.
Протестната нота што македонското МНР ја испрати до Бугарија е официјална дипломатска алатка преку која една влада ѝ се обраќа на друга влада за да посочи на некаква негативна појава во земјата кон која е упатена нотата. Она што досега се покажа како практика е дека официјална Софија воопшто не реагира на нотите од македонското МНР, туку напротив, уште повеќе се засилува агресивниот, негаторски и навредлив тон што доаѓа од страна на дел од бугарските политичари.

Од тие причини, дилемата што се наметнува во македонската јавност е дали протестната нота се испраќа на вистинската адреса, односно дали наместо кон Софија, адресата на нотата треба да биде Советот на Европа, ОБСЕ или, пак, дури и Обединетите нации, бидејќи Бугарија е членка на сите овие меѓународни институции, а се однесува спротивно на нивните начела. Или можеби ваквото поведение на Бугарија треба да се предочи пред сите релевантни меѓународни светски организации. Да се документираат сите овие изблици на фашизам хегемонизам, уцени и закани на бугарски политичари кон Македонија и да имаме фактографски црно на бело какви се вистинското поведение и вистинското лице на Бугарија како членка на ЕУ и да го дознаат тоа целиот демократски свет и прогресивната јавност.
– Добро е што конечно министерот Османи се одважи да испрати протестна нота до Бугарија и така треба да се одговара на секоја навреда што стигнува од таа страна. Не може постојано да се попушта бидејќи како лавина продолжуваат да се шират бугарските барања едно по друго. Се разбира, нотата е еден од начините на спротивната страна да ѝ се укаже на некои работи и сметам дека тој инструмент треба да се користи малку повеќе од страна на нашата дипломатија, така што да се користеше досега, немаше да дојде до тој степен да се случуваат глупости – вели поранешниот дипломат Драган Јањатов.
Според него, се покажало дека Софија е глува на протестните ноти и на забелешките што стигнуваат од македонска страна, па затоа треба да се работи и на поширок фронт, односно забелешките да се упатуваат и на други адреси.

– Таа протестна нота не мора да биде упатена само до Софија, туку нашиот протест може да се изрази и во Советот на Европа. Бугарија е членка на ЕУ,така што и таму може да се укаже дека таа членка се меша во внатрешните работи на една суверена држава, изразува територијални претензии, не почитува договори и слично. Треба билатерално да се настапува, еве, вака со ноти, а паралелно да се известува и соодветното тело на Унијата. Имаше случаи кога други земји ставале забелешки на членки на ЕУ, конкретно за Полска и за Унгарија, но и за други земји – истакнува Јањатов.
Тој смета дека покрај билатералната реакција до Софија, со паралелното информирање на ЕУ треба да се оди и чекор понатаму, односно проблемот да се изнесе и пред Советот за безбедност на Обединетите нации.
– Не се тоа тие декларирани европски вредности на Унијата што ги спроведува Бугарија. Кој е тој јазик полн со омраза и навреди и како може да се прави ова што се прави со клубовите низ Македонија. Затоа, на Бугарија билатерално ѝ е упатена протестна нота поради однесувањето на Џамбаски, но паралелно треба да се реагира и во ЕУ оти таа земја е членка на Унијата и има некои меѓународни обврски што треба да бидат во согласност со општата политика на Унијата. Следен чекор е реакција и во ОН. Има комисија во ОН што се занимава со кршењето на меѓународното право, а да не ги споменувам тие меѓународни судови во Хаг. Ова што Бугарија го прави е флагрантно мешање во внатрешните работи на една суверена држава и изразување територијални претензии, така што треба да се реагира до сите можни инстанци – истакнува Јањатов.
Тој и натаму опстојува на својот став дека однесувањето на Бугарија е одобрено и толерирано од ЕУ.

– Ако сакаа, тие имаа начини да му застанат на патот на ова провокативно однесување на Бугарија. Да се прашувам јас, овој проблем веќе ќе беше стигнат до ОН, а Советот за безбедност ќе можеше да расправа за отворените територијални претензии и мешањето во внатрешните работи на Македонија од страна на Бугарија – констатира Јањатов.
Поранешниот македонски амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев, е на иста линија со констатацијата дека протестната нота сама по себе не е доволна и дека Македонија треба многу поофанзивно да дејствува на бугарските провокации.
– Сосема е јасно дека ние треба да воведеме еден регистар и да бележиме колку пати имало таков говор и напади врз македонската државност, нација и историски личности, забележано со датум и приложено до Советот на Европа од нашата дипломатска мисија таму – порачува Ѓорчев.