За македонизмот како факт, реалност и вистина
За век и веков е запишано дека учебникарите, просветителите, преродбениците, комитите, војводите, револуционерите, народните херои и партизаните преку нивната посветеност, храброст, одважност, беспоштедна борба и саможртва, низ десетлетија и векови, за Македонија, ја создадоа ДНК-та на македонскиот бит – македонизмот. Овој поим – македонизам ги содржи колективното паметење, старите ракописи, симболите, митовите, преданијата, преродбеничките напори, револуционерните борби, културните вредности и духовното благо на Македонија од искон до вечност.
Во најширока смисла, гледано низ еден цивилизаторски ракурс, македонизмот е македонска филозофија што ги создала и ги негува фундаменталните принципи на разбирање и севкупното постоење на човековото битисување(на Македонците) на територијата Македонија и државата Република Македонија во светот и универзумот. Оваа филозофија е организиран систем на дејности заради сфаќање, оценување, структурирање и решавање на сите вредносни појави и процеси со една единствена крајна цел – позитивно осмислување и облагородување на животот на луѓето. Во Македонија, на Балканот, во Европа и во светот. Но македонизмот не е само македонска филозофија туку и психологија на потреба за самоспознавање на големата приказна, за тоа кои сме и какви сме ние Македонците. Понатаму, македонизмот е и антропологија на секоја наша лична, персонална приказна, но и на колективната приказна, за семејството, родот, коленото – приказна за нашите предци. И, секако, македонизмот е и уметност на живеење, егзистирање, опстојување и раскажување и традиција за таа опстојба.
Вака определен и дефиниран македонизмот може и треба да се сфати како творечки и создавачки процес – градителски процес. На прекрасни цркви, а манастири со мисија, на кули и тврдини, на мостови. Најконкретно се работи за познатите македонски градители, зографи, иконописци, резбари и сликари, кои твореле со цел да го зачуваат и овековечат името Македонија и Македонци. Во таа низа се дополнува и севкупноста од еманципаторски идеи, акциони пораки и револуционерни дејствија на македонските творци и создатели (учители, попови, преродбеници, револуционери).
На ниво на персонализирана линија, македонизмот е негување и понатамошно развивање на палеолингвистиката, писменоста и карпестата уметност, од страна на македонските селани, граѓани, феудалци, интелектуалци и културни дејци. А тоа подразбира негување на духовното, културното, научното и сето друго наследство на Македонците и Македонија. Национално, културно и духовно наследство што го сочинуваат славните имиња, преродбениците и револуционерите, народните умотворби, театарот, писмото, науката, филозофијата, религијата, музиката и уметноста.
Без разлика што македонизмот како филозофија на добра волја, сѐ до 1944 година, не можел да биде вграден во државните институции на Македонија, сепак овој концепт во суштина опстанал и се изразувал во животот, обичаите, културата и традицијата, на Македонците – како концепција на доброто и добрината. Фундамент на македонизмот се древното име Македонија и добрата позитивна волја на Македонците. Тие, името, сега веќе на држава и волјата, од искон на сите Македонци, втиснати се во колективната и поединечна меморија како тешки и крвави македонски ноктурна, во сите нивни животни и смртни нијанси. Во нив се и македонскиот творечки ген и македонската книжевност и поезија, од кои се создадени прометејските книги – ѕвездените патеки, како што се: „Панонски легенди“, „Зборникот на народни песни“, „Т’га за југ“, „Сердарот“, „За македонцките работи“, „Бели мугри“, „Печалбари“, „Македонска крвава свадба“, „Бегалка“, „Везилка“, „Тешкото“, „Црнила“, „Пасквелија“, „Непокор“, „Пиреј“, „Простум“, „Тетовирани души“ и многу други. Сите тие се проблесоци на македонската литература и трајни паметници на нашата севкупна духовна и културна историја.
Тоа се книги на нашите писатели, поети, проповедници и страдалници. Книги за нашите отпори, за нашите буни и востанија, за нашите трагични порази, за душманите и кодошите, револуционерните борби, за победите. Книги за нашите соништа и сонувачи, за нашите црнила, небиднини, грозомори, миракули, за нашите простуми и непокори… книги во кои е откриена нашата историска, национална, морална, ментална и интелектуална драма. За драмата и голготата, но и за триумфот на македонизмот. И да се знае – македонизмот не е насочен против другиот (Бугарин, Грк, Србин, Албанец или кој било друг Европеец или граѓанин на светот). Само очекува да биде препознаен од другиот.
Денес и овде, секој честит Македонец со пиетет може да изјави дека македонизмот, виден преку симетријата на: јазик (македонски), нација (македонска) и држава (македонска) е највисок домољубен чин. Впрочем, тоа се и пораката и поуката на нашите светилници: Миладиновци, ВМРО, Гоце Делчев, Илинден, Мисирков, Рацин, НОБ, АСНОМ, Конески. Ете тоа е македонизмот сфатен како Verum Ipsum Faktum. Тоа за македонизмот значи дека вистината за него е во самите факти, т.е. во нив, во историските факти е содржана вистината за македонизмот.
Македонизмот како културно, духовно и историско богатство на Македонија
По изодени 122 години од Илинденско востание (Крушевска Република), 81 години од АСНОМ и 34 години од создавањето на суверена, самостојна и демократска Република Македонија, треба да бидеме среќни и горди на историјата зад нас, на плејадата борци за независна и слободна Македонија, на нивниот непокор и простум вградени во темелите на државноста на Република Македонија.
Се прашувам дали можеме да ги изнајдеме вистинските зборови и да изразиме искрена почит кон македонската држава, македонскиот народ, јазикот македонски и нашиот идентитет македонски. Таткото на психоанализата за зборовите цени дека првобитно биле магии и дека и до ден-денешен тие зачувале нешто од својата древна магиска моќ. Ќе додадам при ова дека симболите и знаците се постојани преводи и дека, во извесна смисла, тие го остваруваат идеалот на антиката да ги одгатнеме и самите зборови.
Така е и кога ќе го изговориме зборот Македонија. Секој што ја видел, секој што престојувал во неа и барем малку го почувствувал духот на македонскиот народ, дознал дека Македонија е мистична, чудесна, егзотична. Многу автори на книги со прекрасни фотографии за Македонија и уште попрекрасни зборови што ги опишуваат убавините на македонските пространства запишале дека Македонија е волшебна. Опишувајќи ја велат дека таа е археолошки бисер, библиска земја, исполнета со небески кораби, земја со долга историја, богата традиција и многу културни џинови (Венко Андоновски). Токму поради ова, но и од други илјадници причини, денес ние Македонците сме должни пред историјата да се обидеме да си го доразјасниме парадоксот на времето во кое живееме: За нас и според резоните на сите преродбенски процеси и според пораките и препораките на мудрозборците од нашиот културен простор, од браќата Миладиновци, преку Мисирков, Јордан Константинов-Џинот, Рајко Жинзифов, па сѐ до Коста Рацин и Венко Марковски, нацијата и јазикот се синоними, а јазикот и татковината единство без кое не се може. Како нација од европска профилација, ние припаѓаме, бездруго, и на оној духовен концепт што ги претпоставува резоните на општите и позитивни европски искуства со кои главно се служи и човештвото.
Сотир Костов