Создавањето и почетното дејствување на Македонската револуционерна организација (МРО, ТМОРО, ВМРО)

Деветнаесеттиот век е век на постојан отпор на македонскиот народ, отпор кон турската власт и отпор кон пропагандите на соседните земји – Грција, Србија и Бугарија. Тој народен отпор, во последните три децении прерасна во континуиран синџир на револуционерна активност. Се формираа голем број друштва, другарства, кружоци, комитети, читалишта и организации, кои се бореа на културен, духовен, економски и на политички план, за да ги заштитат интересите на македонскиот народ и за македонска државност. Најпознати од нив се Македонската лига, формирана во Русе, 1880 г., Народното собрание и Привремената влада од 1880 година, формирана во Герман-Теке, Островски округ, Тајниот македонски комитет, основан во 1885 г., Славеномакедонска книжевна дружина на Ѓорѓија Пулевски, создадена во Софија, 1888 г., Револуционерниот кружок во Солунската гимназија, формиран во 1890 г., Младата македонска книжевна дружина, 1891 г., Софија, Тајниот македонско-одрински кружок, формиран во 1900 г. во Петроград, Македонското научно литературно другарство формирано во 1902 г. во Петроград, Македонската социјалистичка работничка група формирана во Софија од Васил Главинов, Ученичкото друштво „Вардар“, формирано во Белград, 1893 г. и многу други. Овој процес завршува со формирањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, на 23 октомври, во Солун. Тоа е период кога Македонија се бори за сопствена егзистенција во семејството на слободниот свет.
Тогаш Македонија е под власта на Османлиската Империја, која сѐ повеќе слабееше, поради деспотизмот, тиранијата и анархијата во империјата, и беше наречена „болниот од Босфор“. Влошената општествено-политичка и општествено-економска положба во империјата се одрази и врз Македонија. Рефлексии врз незавидната состојба даваа и светските империјалистички сили, кои пројавуваа интерес кон појавата и развитокот на македонското национално-ослободително движење, ама ништо конкретно не преземаа во насока на подобрување на лошата состојба.
Во една ваква комплексна состојба, Македонија настојуваше да го изнајде и да го претстави својот сопствен пат, во себеизнаоѓањето на својот самобитен развој, за што историјата ѝ беше строга автентична учителка. Се бараше излез од тешките социјални, политички и духовни состојби. Огромни беа желбата и подготвеноста тешките ропски времиња да се остават зад себе, во историјата. Излезот и спасот се најдоа во револуционерната дејност на националноослободителното и револуционерно движење, издигнато на едно ново ниво – Македонска револуционерна организација. Така, кај широките народни маси, а тоа се македонската интелигенција, македонскиот еснаф, селаните, работниците, учениците и студентите созреа мислата за создавање единствена револуционерна организација на националноослободителното движење.
Основоположници на Македонската револуционерна организација (МРО – ТМОРО – ВМОРО – ВМРО) знаеме дека се д-р Христо Татарчев, лекар од Ресен, Дамјан Груев, учител од с. Смилево, Битолско, Петар Поп Арсов, професор од с. Богомила, Велешко, Иван Хаџи Николов, наставник од Кукуш, Андон Димитров, професор од с. Ајватово, Солунско, и Христо Батанџиев, учител од Ѓуменџе. Тие на својот прв конститутивен состанок не составиле никаков пишан документ, но цврсто се договориле: Организацијата да биде тајна и револуционерна; Да дејствува на територијата на Македонија во нејзините географски и енографски граници, и затоа е внатрешна; Во организацијата да членуваат лица родени и што живеат во Македонија, без разлика на вера и народност; Политичкото верују на организираните Македонци е: автономија на Македонија; Да се запазува самостојноста на Организацијата, за да не падне под влијание на политиките на соседните држави.

Организацијата преку својата активност на теренот успеала да ги синхронизира своите револуционерни акции со поголем број групи и субјекти (македонските социјалисти, другите револуционерни сили и групи), со што создала комплексно единство на националноослободителното движење. Тој факт претставуваше голем и значаен чин во борбата за национално и социјално ослободување на македонскиот народ и на планот на остварување на македонската државност. Истовремено, беше и битен чин во новата историја на Македонија, во смисла на сплотување на македонскиот народ со народностите што живееја во Македонија.
Пред неа стоеја големи и одговорни задачи. Прва од нив беше поставување организациона структура за ефикасно дејствување. Истовремено се организираше и народот за борба против постојниот деспотски режим и против дејствувањето на странските пропаганди. Тоа особено се однесуваше на спротивставувањето на Егзархијата, штетната химера, која се обидуваше да се вовлече во организмот на македонската самодејност, како и на врховизмот, подлиот тројански коњ, осмислен од бугарскиот царски двор, со цел да се вовлече во македонските работи (Христо Андонов–Полјански).
Организацијата преку своите револуционерни акции ја ширеше организационата мрежа и ги насочуваше народните маси кон вистинскиот пат на револуцијата. Во тие самопрегорни активности на Организацијата се изнедрија нејзините највидни корифеи и херои: Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Јане Сандански, Димо Хаџи Димов… Тие и плејадата други му дале импулс и поттик на револуционерното движење, го омасовиле, ја доразвиле народнодемократската концепција за автентична револуција за социјална и политичка слобода. Сите тие како идеолози, стратези, револуционери и водачи пристапиле кон етапно изведување на македонската револуција. Ја изведувале како низа од постојани револуционерни дејствија и потфати, чија цел била – општонародно вооружено востание. Притоа да се запазат автохтониот пат и неговото изодување со самостојни сили. За таа цел Организацијата прераснала во „држава во држава“, со свои органи, тела, полиција, судство и вооружени формации. Тоа практично значело создавање револуционерна власт, како реална основа за изградување автономна и самостојна држава – Македонија, држава на македонскиот народ.

Улогата и значењето на Македонската револуционерна организација

Улогата на Македонската револуционерна организација во градењето на македонскиот идентитет, јазик и култура е голема, немерлива. Таа всушност е одлучувачка за раѓање и за создавање на македонската државност. Иако идејата за македонска државност во историјата се појави и е присутна уште од поодамна (од 6 век до 10 век), сепак, таа почна правно и политички да се оформува и изградува во втората половина на 19 век, во предвмровскиот и предилинденскиот период. Тоа е период кога демократските, либералните и националистичките идеи од Запад веќе се навлезени на Балканот (инаку тоа пенетрирање на напредни иден започна уште на крајот од 18 век). Како резултат на тоа почнал процесот на фрагментирање на милет-системот според кој населението (во османлиската држава) се разликувало според својата верска, а не според етничката припадност (Наташа Котлар-Трајкова). Токму тогаш и се формира македонското граѓанство, кое веќе е зајакнато и ги поставува своите први барања за образование на македонски народен јазик и богослужба на црквенословенски јазик. Тоа се барања вперени кон Цариградската патријаршија, која веќе создаде широк фронт за ширење на елинизацијата. Значи, првата битка е потиснување на грчкиот јазик и негова замена со живиот народен јазик. За таа намена и се јавуваат и првите национални агитатори и мобилизатори, кои со својата дејност и книгите што ги печатат и издаваат полека преминуваат во просветители, преродбеници, учебникари, печатари и револуционери.

Инаку, македонското национално, револуционерно и ослободително движење започна како културно-национално (40-тите години на 19 век), продолжи како национално-револуционерно (од 1876 до 1892), еволуираше во политичко-револуционерно (од 1893 до 1903), за да на крајот да се афирмира како национално-политичко, во периодот меѓу Илинден 1903 и АСНОМ 1944 (Блаже Ристевски). По преродбата, овој процес најконкретно започнува со: Разловечкото и Кресненското востание; Политичките акции на Македонската лига и на Привремената влада на Македонија. Овие востанија се кренати, а политичките активности се придвижени во рамките на источната криза во период од 1875 до 1881 г. (Источната криза започнала со востанието во Босна и Херцеговина во 1875 година, па преку Априлското востание (1876) во Бугарија, Разловечкото востание (1876 год.) во Македонија, Српско-турската војна од 1876 год. и завршила со Руско-турската војна во 1877 г., која завршила со Санстефанскиот мировен договор од 3 март 1878 г., а потоа со неговата исправка на Берлинскиот конгрес – 13.06.1878 – 13.07.1878 г.). Овие две востанија, Македонската лига и Привремената влада се демонстрација на социјалната, националната и државно-правната еманципација на Македонија.
Врз оваа основа, тогашните генерации Македонци, именски, културно, духовно, правно и политички ги разграничија интересите на својот НАРОД МАКЕДОНСКИ и на својата земја Македонија, од околните балкански народи, подоцна и држави, Србија, Бугарија, Грција и од Албанија. Така се поставени историските бариери, правни и политички, против претензиите на своите соседи, без разлика дали се состојат во заземање територија, потчинување и асимилација на населението, разнебитување на јазикот и културата и крадење на историја преку присвојување македонски мислители, револуционери и значајни историски настани.

Сотир Костов