Фото: Роберт Кленкоски

Шест активни години на Централниот совет на Македонците – македонскиот глас во Германија

  • Главните активности на Централниот совет на Македонците во Германија се насочени кон зачувување на културната и историската идентификација на Македонците во дијаспората, како и промовирање на македонската култура, јазик, традиција и историја преку културни настани. Идеолошки, ова македонско здружение се залага за почитување на правата на Македонците во согласност со принципите на меѓународното и човековото право. Централниот совет на Македонците неколкупати испрати писма и отворени апели, како што е писмото до германскиот канцелар Олаф Шолц во врска со преговарачката рамка за Македонија (2023–2024), во кое беа побарани транспарентност и информации за пристапните преговори, велат добро упатени лица

Деновиве се одбележуваат шест години од основањето на Централниот совет на Македонците во Германија, на 3 октомври 2019 година, кој потоа беше официјално впишан во германскиот регистар на здруженија со одлука на Регистарниот суд во Берлин-Шарлотенбург од 28 јануари 2020 година.
По повод шестгодишнината од постоењето, Управниот одбор на Централниот совет на Македонците им изрази благодарност на сите членови, партнери и поддржувачи за нивната соработка и доверба, истакнувајќи дека само преку заеднички ангажман Централниот совет може да ја исполнува и унапредува својата улога како глас на македонската заедница во Германија.

Зачувувањето на македонскиот идентитет и унапредување на македонско-германските односи како главни задачи

Во изминативе шест години, Централниот совет на Македонците се афирмираше како централно претставничко тело на македонската заедница во Сојузна Република Германија. Таа е непартиска и непрофитна институција, чија главна задача е зачувување на македонскиот културен идентитет, јакнење на општествената кохезија и унапредување на германско-македонските односи. Идеолошки, ова македонско здружение се залага за почитување на правата на Македонците во согласност со принципите на меѓународното и човековото право.
Во овој контекст е и поддршката што им се дава на другите македонски здруженија и организации во Германија за успешно остварување на нивните цели и активности. Централниот совет на Македонците од 2020 година е присутен во онлјан просторот преку сајтот www.zentralratdermakedonen.de каде што може да се прочитаат содржини и информации од областа на културата, политиката и општеството на македонски и на германски јазик.
– Главните активности на Централниот совет на Македонците во Германија се насочени кон зачувување на културната и историската идентификација на Македонците во дијаспората, како и промовирање на македонската култура, јазик, традиција и историја преку културни настани – велат нашите соговорници.

Испратени апели во врска со преговарачката рамка и до тогашниот канцелар Шолц

Централниот совет на Македонците пред европските и германските институции се застапува и за интересите на македонската заедница, вклучително со барање информации и посредување во прашања поврзани со процесите за европска интеграција и правата на македонската заедница.
– Централниот совет на Македонците неколкупати испрати писма и отворени апели, како што е писмото до германскиот канцелар Олаф Шолц во врска со преговарачката рамка за Македонија (2023–2024), во кое се побараа транспарентност и информации за пристапните преговори – велат добро упатени со активностите на организацијата.
Оваа македонска организација исто така учествува и во голем број иницијативи и културни настани во повеќе германски градови, како и средби и јавни настапи во Берлин и други градови поврзани со прашања за македонската заедница во Европа.
– Членството е составено од претставници на македонски здруженија, поединечни активисти и експерти од дијаспората, таа е широк спектар на македонски здруженија во Германија, кои ги промовираат македонскиот култура, јазик и историја – посочуваат нашите соговорници.

Македонската дијаспора во Германија е важна за одржување на врските
меѓу двете земји

Македонската дијаспора во Германија е значајна заедница што растеше во неколку брана низ 20 век и почетокот на 21 век и која денес придонесува со економски, културни и социјални врски помеѓу Германија и Македонија. Процените за бројот на лица со македонско потекло во Германија варираат според изворите и критериумите (државјанство, родителско потекло, самоидентификација). Извештаите наведуваат опсег од 62.000 до 200.000 или повеќе, а некои извори презентираат и процени што наведуваат број помеѓу 100.000 и 265.000 во различни моменти и за различни дефиниции на дијаспората.
Првиот континуиран прилив започнува уште околу почетокот на 20 век, додека поголеми економски и политички миграции се интензивираат по Втората светска војна и особено во 60-тите, 70-тите, 80-тите и 90-тите години на 20 век. Во специфични историски моменти, големи групи македонски работници и семејства се населувале во германските градови како резултат на потребата на германската индустрија за странска работна сила, како и поради нестабилност и економски притисоци во поранешна Југославија и Македонија.
Македонските здруженија и културни центри, фолклорните ансамбли и црковните заедници се центри за одржување на јазикот, традицијата и обичаите во поголемите урбани средини. Преку нив се организираат јазични курсеви, прослави на национални и религиозни празници, се врши издавање и дистрибуција на публикации и одржување на македонските неделни училишта или часови за деца. Поединци и организации од дијаспората учествуваат во јавното граѓанско поле, лобирање за прашања поврзани со правата на мигрантите и одржување контакти со конзуларни структури кога е потребно. Македонската заедница ги поддржува германските локални економии преку работна сила, создавање бизниси и плаќање даноци; културните активности ги збогатуваат локалните културни сцени и ја одржуваат поврзаноста со македонската култура во дијаспората.
Македонската дијаспора во Германија е важна за одржување на врските меѓу двете земји, нејзината бројност е предмет на различни процени, но нејзиниот придонес и присуство во културниот, социјалниот и економскиот живот на Германија се очигледни преку активните организации, културните практики и мрежите на поддршка во заедницата. Д.Ст.