Ниту Американците, ниту Русите, ниту Британците, ниту кој било друг не ни ја подарил оваа држава (како што некому одоколу му подарил), туку ја создал исклучиво македонскиот народ рамо до рамо со сите малцинства, а истиот тој народ има и сила и знаење како да ја води низ овие тешки премрежиња што се пред нас

Зошто извесни интелектуални кругови во земјава шират дефетистички сценарија за иднината на државата

Чудните времиња во кои се најде светот на почетокот на третата декада од 21 век бараат одговорен и внимателен пристап од сите општествени чинители за да може секоја држава полесно да ги преброди сите предизвици на политички, економски и секаков друг план, кои катадневно се појавуваат.
Покрај одговорни и визионерски настроени политичари, посебна улога треба да одигра и интелектуалната елита, која токму во вакви времиња треба да го стави на располагање сопствениот интелектуален капацитет нудејќи решенија на проблемите што се јавуваат поради динамичните светски трендови.
За жал, во Македонија подолг период функционира еден затворен интелектуален круг, кој упорно турка песимистички сценарија, шири страв и паника меѓу граѓаните, настапува дефетистички дека државата нема да ја биде, дека ќе исчезне, дека влегува во некакви „сојузи со ѓаволот“ наспроти сиот „демократски свет“ и дека се движи кон пропаст.
Таквите интелектуалци го сочинуваат дезавуирачкото јадро, кое оди дотаму што шири наративи дека Република Македонија ја создале Американците и дека ако тие не ја заштитуваат, тогаш опстанокот на државата ќе зависи исклучиво од некаква „голема среќа“.
Со ваквите ставови директно се подрива вековната борба на македонскиот народ за сопствена држава, чии темели беа удрени за време на Народноослободителната борба, а државноста со сите државотворни атрибути беше официјализирана за време на Првото заседание на АСНОМ.
Ваквиот нихилистички став кон сопствената државност може да дојде само од устата или од перото на некој што не ја чувствува Македонија како своја татковина, кој смета дека сме ништовни како народ, неспособни да ги водиме сопствените институции, па дури и дека не сме дел од некакви големи светски асоцијации, па затоа „големата среќа“ единствено ќе нѐ штити од опасностите што демнат.

За истите тие интелектуалци не е никаков проблем ако беспоговорно им се угодува на соседите, било да се работи за интервенција во името, во Уставот, а ако еден народ сака да ја зачува сопствената гордост, тогаш тоа е „рамно на самоубиство“. Очигледно за ова интелектуално внатрешно јадро гордоста е срамна категорија и дека нема зошто да се гордееме со тоа што сме Македонци, туку да гледаме да им угодиме на сите барања на соседите и така да покажеме пријателски однос.
Истите тие интелектуалци не сакаат да видат дека тридецениската блокада на земјава не е поради нашата гордост, тврдоглавост, кратковидост или нечии политички каприци, туку поради соседските хегемонистички политики, кои не признаваат народ, јазик, историја и култура, туку само територија врз која си полагаат одредено право базирано врз историските искривоколчени приказни.
Страшно е да се верува дека ова интелектуално јадро е теледиригирано од некакви моќни центри, кои не штедат ниту време ниту пари да ја спроведат сопствената агенда, а овдешните послушници слепо ја артикулираат таквата доктрина ширејќи дефетистички наративи дека државата оди во пропаст.
Се работи за класично труење на јавноста, ширење страв и паника дека сѐ е готово, судбината на Македонија е крајно неизвесна, дека се наоѓаме пред пропаѓање и дека „скокаме во празен базен“ или „во длабока река без да знаеме да пливаме“.
Истите тие забораваат дека чувствата на македонските граѓани не може никој да ги изманипулира, нема таква политичка партија што на Македонците ќе им продава лажен патриотизам без во почетокот да ја прочитаат, но има македонска свест што знае што значи Македонија и како да се брани таа. Ако се водеа по ваквите дефетистички ставови на ова внатрешно дезавуирачко интелектуално јадро, тогаш немаше да се кренат ниту Кресненското востание, ниту Илинденското, ниту ќе се случеа НОБ, ниту референдумот за независност во 1991 година, туку и натаму ќе се надевавме некаква голема среќа да падне од небо, да ни создаде држава и да нѐ направи сите среќни и просперитетни.
Како и да е, крајно време е оваа интелектуална каста да почне малку поинаку да ги гледа работите, да не спие на увото дека некој друг ни ја создал државата, туку да почне да ги учи сопствените студенти дека сами сме си ја изградиле со многу крв и пот. Да почнат и самите да нудат решенија, исто онака како што многу интелектуалци деновиве излегоа со свои идеи како Македонија да се справи со последиците од американските царини, од климатските промени, од финансиската криза, од ковидот, од евроинтеграциските блокади… Сите тие нудат идеи и решенија, без да шират песимизам и летаргија дека сѐ е готово, пропаѓаме, утре сонцето нема да огрее… Ниту Американците, ниту Русите, ниту Британците, ниту кој било друг не ни ја подарил оваа држава (како што му подарил некому одоколу), туку ја создал исклучиво македонскиот народ рамо до рамо со сите малцинства, а истиот тој народ има и сила и знаење како да ја води низ овие тешки премрежиња што се пред нас. Велат храбрите ги следи среќата, па така и ние со храброст, со верба во сопствените институции, пред сѐ со верба во себе, можеме да градиме силна и просперитетна држава на која ќе бидат горди и среќни сите оние што живеат во неа. С.Т.