Весникот во анализата наведува дека компромисот предложен од Франција требаше да понуди разврска на бугарско-македонскиот спор, но прифаќањето се покажа како уште полоша опција за Македонија бидејќи официјално ги увезува историските меѓудржавни спорови во преговарачката рамка на ЕУ. Сега, според договорот, ако Македонците не се согласат со интерпретацијата на бугарската страна, пристапниот процес, врз кој секоја членка на ЕУ може да стави вето во секоја фаза, нема да продолжи понатаму
И угледниот британски „Економист“ анализира и аргументира зошто договорот меѓу Македонија и Бугарија е крајно проблематичен
Изгледаше како добра вест од Западен Балкан кога Македонија на 19 јули ги отвори пристапните преговори со Европската Унија. Но радоста беше краткотрајна. Решението со Бугарија врз основа на францускиот предлог ќе ја попречува кандидатурата на Македонија за членство во ЕУ, а ќе донесе проблеми и за други држави што сакаат да му се придружат на европскиот блок. Што содржи договорот и зошто е веројатно дека ќе пропадне, пишува британски „Економист“ во анализата за спогодбата.
Весникот потоа во анализата прави едно историско навраќање за да дојде до корените на проблемите што Македонија најпрво ги имаше со Грција, а сега и со Бугарија.
– Типично за Балканот е корените на проблемот да бидат сложени. Откако османлиите беа протерани од регионот во 1912 година, територијата сега позната како С. Македонија беше освоена од Србија. Чувствувајќи се измамени, Бугарите ја окупираа за време на двете светски војни. Но во 1944 година, таа стана македонска република, дел од новосоздадената комунистичка земја Југославија. Кога Југославија се распадна во 1991 година, Грција го оспори правото на новата земја да се нарекува себеси Македонија, тврдејќи дека има ексклузивни права на името (кое го дели регион во северна Грција). За да се стави крај на кавгата, во 2018 година земјата се согласи да се нарекува Северна Македонија. Грција се откажа од своето противење С. Македонија да влезе во ЕУ и во НАТО; таа ѝ се приклучи на воената алијанса во 2020 година. Но Бугарија ја презеде диригентската палка во ЕУ истата година. Нејзините водачи тврдеа дека македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот, дека македонската „нација“, всушност, се состои од луѓе што првично биле Бугари и дека републиката била лажна конфекција на комунистичките водачи на Југославија – се наведува во текстот на „Економист“.
Весникот во анализата наведува дека компромисот предложен од Франција требаше да понуди разврска на бугарско-македонскиот спор, но прифаќањето се покажа како уште полоша опција за Македонија
– Се чинеше дека компромисот предложен од Франција ќе понуди излез од ќор-сокакот. Но изгледот може да измами. Првенствено, договорот официјално ги увезува историските меѓудржавни спорови во преговарачката рамка на ЕУ. Мешаната историска комисија веќе работеше на нивно решавање. Но сега, според договорот, ако Македонците не се согласат со интерпретацијата на бугарската страна, пристапниот процес, врз кој секоја членка на ЕУ може да стави вето во секоја фаза, нема да продолжи понатаму. Една голема спорна точка е идентитетот на Гоце Делчев, револуционерен антиотомански водач што двете страни го слават како народен херој – наведува „Економист“, додавајќи дека Македонија, според договорот, треба да направи и уставни промени за да им угоди на бугарските барања.
– Според договорот, С. Македонија, исто така, треба да го промени својот устав за да ги задоволи бугарските барања: формално признавање на постоењето на (незначајно) бугарско малцинство во земјата, како и други наводни заштити на правата на малцинствата. Така, по симболичното отворање на преговорите со ЕУ минатиот месец, процесот веднаш запре и нема да продолжи сè додека не се направат уставните измени. Иако македонскиот парламент се согласи, за уставните амандмани е потребно двотретинско мнозинство, а обезбедувањето на тоа изгледа исклучително тешко. Анкетите во С. Македонија покажуваат дека францускиот предлог е длабоко непопуларен, а опозицијата предлага референдум за него – пишува „Економист“.
Весникот понатаму потенцира дека овој преседан што сега се направи врз грбот на Македонија, во иднина ќе стане практика за другите проширувања.
– Договорот поставува и загрижувачки преседан. Процесот на пристапување во ЕУ вообичаено вклучува процена на силата на економијата на кандидатот и нејзините политички, судски и бирократски институции. Но, сега, во случајот со С. Македонија, во процесот се вградени таинствени историски спорови што датираат уште од 10 век. Хрватска, членка на ЕУ, може да се покаже еднакво крваво настроена кон балканските држави што не се членки. Во мај, Хрватската академија на науките и уметностите објави список на отстапки што Владата сака да ги бара од Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина доколку сакаат да му се приклучат на блокот. Понатаму, Полска може да постави слични барања за Украина – наведува „Економист“.
За британскиот весник самиот спор меѓу Бугарија и Македонија беше срамен за лидерите на ЕУ.
– Спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија беше срамен за лидерите на ЕУ. Руската инвазија на Украина внесе нова итност во геополитиката на регионот: Украина доби официјална кандидатура за ЕУ без сите услови што државите од Западен Балкан мораа да ги исполнат. Тоа ја зголеми желбата на блокот да најде решение. Владата на С. Македонија го прифати францускиот предлог затоа што беше очајна за добри вести за да го зацврсти својот рејтинг, кој е во опаѓање. За тоа што цели да постигне бугарската политика, Никола Димитров, поранешен министер за надворешни работи на С. Македонија, вели дека нејзината цел е „втора бугарска држава“. Бидејќи не успеа да ја освои земјата во минатото, Бугарија го користи своето членство во ЕУ како „лост за да се обиде да го постигне тоа“, вели тој. ЕУ беше формирана за да ги решава споровите меѓу нејзините членки. Сега ризикува да ги зацврсти – заклучува „Економист“ во анализата. П.Р.