Аналитичарите сметаат дека на успешните македонски бизнисмени во дијаспората земјава треба да им понуди предвидливост во работењето, за да бидат сигурни дека нивните инвестиции ќе се исплатат, како за нив така и за македонските граѓани. Со таквиот пристап ќе се мотивираат што поголем број нашинци од дијаспората да префрлат дел од бизнисите во земјава, а некои и целосно да го префрлат бизнисот тука
Секоја земја се развива и спроведува успешни политики само доколку ги користи сите човечки капацитети, оние дома, но и оние што своевремено излегле од државата и се афирмирале во другите земји.
Она што е клучно за Македонија како држава е да не се откаже од луѓето надвор, кои имаат каква било врска со земјата, дури и тогаш кога таа врска претставува наследство на нивните дедовци и татковци.
Градење услови за враќање на успешните Македонци дома
Многу Македонци што се во дијаспората покажаа дека можат со сопствениот интелектуален капацитет од нула да изградат големи компании, но и да се најдат на чело на познати светски бизниси, како признание на нивната вредност и менаџерски квалитети.
Од еден таков голем калибар се бизнисмените Џон Битов, Мајк Зафировски, Митре Кутановски, како основачи на проектот „Македонија 2025“, кој има цел да ја промовира Македонија како дестинација за бизнисите.
Сето ова говори дека и Македонија како држава мора да обрне особено внимание на македонската дијаспора и луѓето што со својата работа се докажале низ светот, со намера да ги охрабри да ѝ помогнат на својата татковина така што своите бизнис-искуства ќе ги префрлат и во земјава.
Во таа насока може да се протолкува неодамнешната средба што премиерот Христијан Мицкоски ја имаше во Вашингтон со Крис Павловски, бизнисмен со македонско потекло, со кого разговарале за потенцијално инвестирање од неговата компанија во Македонија.
– Во Вашингтон имав исклучително продуктивен долг состанок со мојот пријател Крис Павловски, сопственик на компанијата „Рамбл“, каде што дел од акционерската структура се и Хауард Лутник, новиот министер за економија на САД, и ЏД Венс, потпретседател на САД, како дел од новата администрација на претседателот Трамп. Капиталот на Павловски од „Форбс“ е проценет на 1,2 милијарда долари – напиша Мицкоски на социјалните мрежи.
Тој додава дека на состанокот се разговарало за инвестиции на „Рамбл“ во Македонија во делот на дигитализацијата.
– Имајќи предвид дека Крис има македонско потекло, Македонија е тема што е секогаш дел од нашите разговори, зборувавме за предизвиците што се дел од сегашноста, но и иднината. Се бориме за напредок и иднина на нашите граѓани и татковината – вели Мицкоски.
Дел од аналитичарите оценуваат дека Македонија долго време не водеше никаква сметка за дијаспората и дека е добро што овие врски почнуваат да се обновуваат.
– Добро е што се работи и на ваков вид дипломатија, да се лоцираат успешните нашинци низ светот и да им се презентираат условите со цел дел од своите бизниси да ги инвестираат и во Македонија. Крис Павловски има контакти со Илон Маск, така што неговиот придонес во процесот на дигитализација во Македонија може да биде многу голем. Секако, на тие луѓе треба да им се понуди предвидливост во работењето, за да бидат сигурни дека нивните инвестиции ќе се исплатат, како за нив така и за македонските граѓани. Со таквиот пристап ќе се мотивираат што поголем број нашинци од дијаспората да префрлат дел од бизнисите во земјава, а некои и целосно да го префрлат бизнисот тука. Земјава почнува инфраструктурно да се возобновува, се градат автопатишта, пруги, експресни патишта, така што производството од погоните во Македонија може многу брзо да се транспортира низ Европа. И не само премиерот туку и МНР треба да ангажира дипломатски скаути што ќе ги нотираат сите потенцијални бизниси надвор чии сопственици на овој или на оној начин влечат корени од Македонија. Тоа го прават сите држави, треба да го правиме и ние. Наместо да се откажуваме од дијаспората, треба да ја привлекуваме назад – посочуваат аналитичарите.
Израел, Грција, Албанија постојано ги привлекуваат бизнисмените со потекло оттаму
А токму врз примерите на анимација на дијаспората и на привлекување познати луѓе што дејствуваат надвор, многу земји во континуитет одржуваат врски со бизнисмените што се со потекло оттаму, а тие релации не прекинуваат ниту со нивните наследници.
Особено познати во привлекувањето на ваквите бизниси дома се Израелците, кои огромен дел од производствените капацитети на голем број американски компании основани од Евреи префрлија токму во Израел каде што успешно работат и од каде што ги покриваат потребите на Европа и Азија. Израелците во дијаспората се особено мотивирани да ѝ помогнат на сопствената земја и без оглед колку успешна и да е нивната компанија во САД или во некоја друга земја, сепак, дел од производството пренасочуваат на израелска територија.
Слично работи и соседна Грција, која ги регрутира луѓето со грчки корени што се докажале со својата работа низ светот и ги кани да инвестираат во Грција и за тоа им обезбедува добри услови, со кои дополнително се мотивира трансферот на бизнисите. На тој начин живее грчката економија, но истовремено се обезбедуваат и работни места.
Албанија е посвеж пример за тоа како се учи од туѓите искуства. Имено, таа е позната по својата моќна дијаспора, како во Европа така и во Америка. Таа само во последните две децении успеа да врати голем дел од албанските бизнисмени, кои беа раштркани низ светот, така што им овозможи инвестирање по поволни услови. Тоа особено беше видливо во делот на изградбата на туристички капацитети, но и на мали бизниси, кои се раштркани низ целата земја. Брзиот инфраструктурен развој влијаеше и врз растот на албанската економија, најмногу благодарејќи на враќањето на бизнисите на дијаспората.
Затоа и за Македонија е клучно да ги следи ваквите позитивни примери и повторно да воспостави врски со македонската дијаспора, како можност да се искористи сиот потенцијал со кој располага земјава, како внатрешен така и надворешен. Градењето успешна македонска приказна ќе биде успех за сите еднакво, а градењето на Македонија како растечка и стабилна економија, ќе придонесе да се привлечат и други бизниси, кои можеби не се раководени од Македонци, но препознаваат успех и можност во Македонија.