Две илјади дваесет и шеста година по многу нешта ќе биде клучна за Македонија
Македонија, за мене, е нешто свето и никој не може да ми забрани да го користам тоа име. Тоа е моето право. Ова го издвојувам прво, како одговор во однос на грчката реакција за употребата на терминот „Македонија“. И така треба да се реагира – доста беше омаловажување на Македонија. И во Брисел и во годишното обраќање и така натаму – тоа име е наша светост.
Никовски: Сето тоа што се случува и во Софија и преку Софија во Брисел е со наша претходна согласност
– Меѓутоа, знаете што? Тука се игнорира една ноторна работа: дека сето тоа што се случува и во Софија и преку Софија во Брисел е со наша согласност. Ние сме потпишале, разберете. Вториот протокол со Бугарија е нашата катастрофа – ние сме го потпишале. Тие предавници од претходната власт беа фрлени на ѓубриште, но никој од нив не беше осуден, а сите требаше да бидат осудени, бидејќи го прекршија Уставот и потпишаа предавнички договори. И сега што чекаме? Дека Брисел ќе заборави? Нема такво нешто во мирната политика, нема ни во внатрешната. Ако земеш обврска – или ја спроведуваш или ја откажуваш. Трето нема. Ние веруваме во некакви гаранции. Во суштина, тие одлично почнаа, а сега се повторува истото тоа. Доста беше со вокабуларот, доста беше со реториката со која се одбива – сега треба акција. Одлично беше досега, но мора да се премине на дела. Нема таков механизам, разберете. И да има, нема да се употреби. Ние сме потпишале дека ќе го смениме Уставот за почеток на преговорите и дека ќе ги ставиме Бугарите во Уставот. Или спроведи го тоа или кажи: „Извинете, се пресметавме погрешно“. Нашите аргументи се на наша страна – дека ни треба нова преговарачка рамка. Дека ни треба промена или нова воопшто преговарачка рамка.
Никовски: Нашиот главен проблем моментално не е промената на Уставот, туку преговарачката рамка!
– Нашиот главен проблем моментално не е промената на Уставот. Преговарачката рамка е проблемот. Денеска да го промениме Уставот и од утре да важи – дали ќе се донесе тој закон и ќе се објави во „Службен весник“ – утре да важи и што ќе постигнеме? Ништо. Повторувам, главниот проблем не е Уставот. Ништо нема да промениме со негова промена. Може да го смениме Уставот, но ништо нема да постигнеме. Но нагласувам дека главниот проблем е – преговарачката рамка! Преговарачката рамка е понижувачка, навредлива, недостоинствена. Со таа рамка, Македонија никогаш нема да влезе во Европската Унија, бидејќи клучен фактор ќе бидат извештаите и протоколите од ИЗК, кои Бугарија ги користи за своја политика. Бугарија тврди дека Македонци нема, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, дека историјата ни е заедничка. И сите тие фантазмагории ги внесе во европската преговарачка рамка. Тоа е самоубиство за Македонија!
Затоа велам: Вториот протокол од 2022 година мора да се поништи! Тој е апсолутно нелегален. Никој не му дал овластување на министерот Османи да потпише промена на Уставот. Документот што беше претставен во Собранието беше една страница, а протоколот има 23 страници. Тоа е измама. Сите што го потпишале треба да одат на суд. Тоа е кршење на Уставот. Вториот протокол е нов договор, со 15 нови обврски за Македонија. А не е ратификуван во парламентот. Тоа го прави тотално нелегален. И така, Македонија е уништена. А ние немаме лидер што ќе пресече.
Никовски: Нашите капацитети во дипломатијата и политиката се ограничени
– Што вели Желјасков во Брисел? Вели: „Ние немаме отворени прашања со Македонија“. Сега тоа е европски проблем на Македонија. А ние треба да кажеме: „Господа, нема европски проблем на Македонија“. Кој ќе погледне малку назад, ќе види: Грција веднаш го почна проблемот по независноста на Македонија, а Бугарија веднаш ги презеде палката и главната улога против Македонија. Тоа се двете држави што го интернационализираа проблемот. А во суштина, ти интернационализираш проблем што има широка поддршка. Македонија не смееше да го дозволи тоа. Нашите капацитети во дипломатијата и политиката се ограничени, разберете. Никој не го разбира тоа. Кога беше проблемот со Косово, главна задача на дипломатите беше да се спречи интернационализација на косовскиот проблем. И Југославија успеа, разберете. Иако тоа беше нотирано од сите, имаше извештаи пред 30–50 години дека ќе има распад на Југославија поради Косово. Но тоа не се случи веднаш. А кај нас? Софија го презеде проблемот од Грција, Грција веднаш го префрли проблемот во Европската Унија, а потоа во Обединетите нации. Што направија Грција и Бугарија? Веднаш го префрлија проблемот. А нас нè присилија да потпишеме. Не нè присилија – нашите политичари сами ја предадоа државата. И за тоа треба да се одговара. Треба казни. Не знам дали има такви казни во нашите закони. Има квалификации, ама не знам дали казните се доволни. Кај нас нема смртна казна за вакви работи. А ова е точно за тоа – ти ја уништуваш државата. Не може 20 години затвор, па потоа помилување. Тоа не е доволно.
Никовски: Она што се прави во Брисел е – хаос!
– Инаку, ќе цитирам една мисла за сегашната ситуација во Европа. Бизмарк на времето рекол: „Тајната на успехот на политиката е добар договор со Русија“. А сега една дигресија: ова што се прави во Европа, Европската Унија, е хаос. Европа нема памет во главата. Се конфронтира со Русија, само за да се дистанцира од американската политика. Што е глупост. Трамп им пружи рака, а Европа не може да биде ни безбедна, ни стабилна, ни просперитетна без Русија. Четириесет отсто од европската територија е руска, над 40 отсто. Над 50 отсто е Русија, а ти со неа сега се конфронтираш. Идиотизам.
– Да, 90 милијарди евра што ѝ ги дадоа на Украина се најава за продолжување на војната, што е трагично за целата ситуација. Европа, Брисел, очигледно не ѝ дава поддршка на Македонија во никаква смисла. Дури и со економскиот раст, не можеме да кажеме дека тоа се некакви помошни мерки што им ги даваат на шесте земји од Западен Балкан. Меѓутоа, изминува една година од владеењето на американскиот претседател Доналд Трамп, кој донесе многу одлуки, кои на моменти беа контроверзни, но ниту сигнал, ниту збор, ниту помош за Македонија. Зашто американската политика, и во изминатава година откако Трамп повторно е претседател, не дава отворена врата ниту за Балканот, ниту за Македонија. А имавме, мора да признаеме, големи очекувања дека ќе има некаков напредок. Кај нас е грешката? Ние се бориме за некое парче, мало делче од колачот. Мислам дека тоа не е направено, иако на почетокот се гледаше дека нашите политичари имаат контакти со луѓе блиски до Трамп. Имаше конекции и јас напишав една колумна на таа тема, дека тие врски треба да се искористат. Бидејќи, ако некој ги следи длабински проблемите со кои се соочува Македонија од почетокот на независноста, не може да не биде свесен дека зад сите тие наши голготи стои Вашингтон.
Промена на името значи директно урнисување на македонизмот
И да потсетиме, на крајот, со самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, тогаш директно ни поставија ултиматум. Прво промена на името, па по тоа членство. Промена на името значи, директно, – урнисување на македонизмот. Не можете да го промените името на државата, на пример, Франција да ја наречете Галија, а да останат Французите. Гали се потоа – се разбира! Сите тие политики, и нашите политичари, кога дојде таа промена, кога имаше некоја конекција, некоја врска, која можеше да стигне до самиот Трамп, требаше да порачаат: господа, ако ништо друго, кажете кои се вашите политики кон Македонија. Ние не ги знаеме. Ние знаеме дека не сакаат македонизам, дека не ги сакаат Македонците како такви, дека бугаризацијата е нивниот проект, осмислен уште од распадот на Југославија. Барем да ни кажат што сакаат. Да знаеме кој ќе ни биде крајот. Да знаеме како сме зацртани уште во Југославија. Ова е најновата американска стратегија за 2026 година. Во многу нешта ја повторува американската позната политика за Балканот: нема промена на границите, нема етнички прекројувања и така натаму. За сите проблеми што ги имаме, американскиот став беше дека не смее да има војна на Балканот…
Но ние послушно следевме и ја уништивме државата, ја урнисавме државата, разбирате, со Нивици и така натаму, и со вториот протокол. Ние мораме да се избориме да расчистиме кои се американските политики и врз основа на тоа да ја градиме нашата нова политика. Ние треба прво да одиме во Вашингтон, најмалку министерот за надворешни работи, и да им кажеме што зборуваме.
За нашиот настап кон новата администрација на Трамп во Вашингтон
Никовски: Во услови на новата американска стратегија за 2026 година, просторот не ни е ограничен и ни дава шанси да се избориме за излез
– Вториот протокол е уништувачки за Република Македонија, направен е тотално нелегално, нема никаква основа во државните одлуки, влада, парламент и така натаму. Последиците со преговарачката рамка се такви што се уништувачки за Македонија, нема никаква логика, стои надвор од принципите, од политиките, од фундаменталните вредности на Унијата. Ние немаме друг избор, освен да излеземе од тоа. Треба да расчистиме прво, не да бараме разбирање. Аргументите се наши, па потоа да преземеме чекори. Во услови на таквата нова американска стратегија за 2026 година, мислам дека просторот не е ограничен, туку ни дава шанси да се избориме, да избоксираме, ако сакате, излез. Бидејќи моментално, како држава, немаме друг излез. Ако продолжиме вака, прво ќе се завршат домашните состави. Видете како се однесува ДУИ на последниот конгрес, и сите други Албанци во државата се апсолутно за промена на името, апсолутно за промена на Уставот и така натаму. Тоа води кон Албанија индиректно. Бугаризација на Македонците и албанизација на другите делови од Македонија. Утре ќе имаме „словено-шкиприја“, нешто слично. Словенска држава што нема врска со македонизмот. Ние сме на потег, ќе се заострат сите односи внатре и ако нашата власт не преземе енергични мерки да излеземе од тој ќор-сокак, мислам дека ќе биде многу тешко. И 2026 година по многу нешта ќе биде клучна за Македонија, бидејќи или ќе тргне во права насока или ќе продолжиме брзо надолу. Нема оправдување. Има ли оправдување? Нема, нема оправдување.
Либералните демократи од претходните администрации на САД стојат зад сите наши голготи
Поддршката на Трамп сега е одлучувачка
– Не можеше никој друг во Советот за безбедност, освен Америка, да ни го оспори, да ни го суспендира името токму кога имавме најголема потреба. Тоа е коренот на сите наши голготи. Не можеше никој друг, разберете. Франција, Британија, Шпанија беа во тој период, 1993 година, членки на Советот за безбедност, во име на Европската Унија, и ја бранеа Грција. Меѓутоа, доминацијата на Америка е неоспорна. Прво, Америка покрива огромен дел од трошоците за Обединетите нации. И Обединетите нации зависат во најголем дел од Америка. Значи, во таа ситуација, сите потези, суспензијата на името, се американско дело. Нема дилема, разбирате. Тука никој друг не можеше. Или да го поставиме обратно прашањето: Ако Америка беше против, тоа фактички ќе значеше инвалидизирање на Македонија, против суспензијата на нашето име. Америка има право на вето. И ќе гласа. Ако не ставеше вето, ќе гласа против. Но тие не го направија тоа. Ајде, нека не биде нивна политика, но нивната поддршка беше одлучувачка. Потоа дојде привремената спогодба. Холбрук беше инволвиран во тоа. Американскиот „булдожер“. Војната во 2001 година. Тоа беше агресија од Косово. Косово беше со 30–40 илјади НАТО-војници, чисто под контрола на НАТО. Од Косово, секој ден една-две илјади луѓе ја преминуваа границата, правеа штета во Македонија, се враќаа назад, а НАТО и Америка не реагираа…
Ристо Никовски, делови од обемното интервју за Македонското радио
































