Фото: Маја Јаневска-Илиева
  • Македонија денес е земја со силна традиција во земјоделството, но со реални предизвици во обезбедувањето сопствена храна. Доколку не се зајакне домашното производство, нашата земја на долги патеки ризикува зависност, прво од увоз на физички производи, а подоцна и од увоз на технологија и знаење за производство на храна. Суверенизмот на храната не е само стратешка идеја, тоа е и практична потреба за економска отпорност, здравје, стабилност и иднина

За Македонија, земја со силни аграрни традиции, но со растечки увоз, прашањето за биореакторите и не е далечна научна фантастика. Напротив, додека светот зборува за т.н. „берба од челични контејнери“, реалната дебата за суверенизам на храната односно за задоволување на потребите на населението со домашни ресурси станува пракса, која бара можеби и похрабри одлуки?!

Аграрниот сектор: традиционално со висок потенцијал, но има огромен простор за исчекор

Секторот на агробизнис и земјоделство е важен дел од македонската економија. Имено, околу 6,6 отсто од БДП доаѓа од агробизнисот, а речиси девет отсто од вкупната надворешна трговија се однесува на агропрехранбени производи. Околу 8,9 отсто од работниците се вработени во овој сектор.
Домашното производство има силни традиции и одредени предности – плодни долини, различни климатски зони за зеленчук, овошје и лозје и развиена мрежа на мали индивидуални земјоделства. Но реалноста е дека поради структурни и конкурентски тешкотии, Македонија постојано увезува значајни количества храна.

Зависност од увоз: бројки што говорат сами за себе

Според најновите податоци за 2025 година, Македонија извезла околу 419.000 тони храна вредни 564 милиони евра, но увезла околу 807.000 тони вредни 1,13 милијарда евра. Тоа значи дека за секои 100 евра увоз, Македонија извезува само околу 50 евра храна, што е јасен дефицит и зависност од странски пазари за основни намирници. Некои од анализите покажуваат дека над 70 отсто од земјоделските производи на пазарот се увезени, а не произведени дома. Историјата на трговската размена ја покажува тенденцијата на растечки дефицит во агропрехранбениот сектор, со увоз што го надминува извозот со стотици милиони евра. Овие бројки говорат за држава со силна природна база, но со слабости во примарното производство, технолошката модернизација, преработката и додадената вредност.

Домашно производство и агросуверенизам – што значи тоа за Македонија?

Суверенизмот на храната не значи само да се произведат доволно калории, тоа значи и автономија во критични ресурси, особено протеини. Потоа тоа значи и намалување на економската ранливост кон глобални шокови (војни, синџири на снабдување, економски кризи итн). А се разбира дека значи и јакнење на домашните синџири на поврзаност, од полето/шталите до трпезата. Во Македонија, пак, како што покажуваат податоците, домашното производство не успева да ги задоволи потребите за месо, млечни производи, жита и процесирани намирници. Тоа предизвикува голема зависност од увозни производи како месо, брашно, млечни производи, житарки и преработена храна. Тоа што аграрниот сектор и понатаму е важен извор на вработување (околу 435.500 работници во тој сектор) и што земјата има поволни климатски услови, покажува дека потенцијал за јакнење на домашното производство постои. Но како да се ефектуира?

Биореактори и нови технологии во Македонија: закана или можност?

Во светски рамки, компании како „Апсајд фудс“ (Upside Foods) и други стојат во првите редови на развојот на култивирано месо. Тоа се протеини создадени без земјоделски пасишта, во контролирани биореактори. Што велат земјоделските експерти за ова?
– Тоа може да донесе предности, како што се пониски трошоци за увоз, помала зависност од климатските услови, чисти системи без антибиотици и механички расцепи. Но за земји како Македонија важно е дали оваа технологија ќе остане во рацете на големи мултинационални компании или, пак, дали ќе се отвори простор за локални иновации и производство, интегрирајќи се во постојниот аграрно-прехранбен систем. Во спротивно, ризикот од увозна зависност да премине во технолошка зависност, каде што продукцијата на храна зависи од странски патенти, лиценци и технологија наместо од домашни ресурси, е сериозен предизвик, кој треба здраво да се изанализира – велат нашите соговорници, експерти по земјоделство.

Енергијата, земјата и инвестициите

Еден од клучните аспекти за иднината на храната е енергетската инфраструктура. Биореакторите и други модерни системи се интензивни по енергија, што значи дека енергетскиот суверенитет (на пример, преку одреден вид евтина домашно произведена енергија) ќе биде поврзан со способноста да произведеш дома храна на иновативен начин. Затоа, ако се размислува за ваквото иновативно производство на храна, неодминливо е да се напоменат и други фактори.
Сепак, за Македонија во врска со ова прво треба да направи засилување на класичното земјоделство (механизација, модерни технологии, подобри семиња и опрема), во синџирот да направи поддршка за преработка заради поголема додадена вредност и, се разбира, инвестиции во домашни биотехнолошки капацитети, но не само за увоз на скапа опрема туку и за развој на домашни решенија.

Наша храна – наша одлука

Македонија денес е земја со силна традиција во земјоделството, но со реални предизвици во обезбедувањето сопствена храна. Доколку не се зајакне домашното производство, нашата земја на долги патеки ризикува зависност, прво од увоз на физички производи, а подоцна и од увоз на технологија и знаење за производство на храна. Суверенизмот на храната не е само стратешка идеја, тоа е и практична потреба за економска отпорност, здравје, стабилност и иднина. Инвестицијата во домашни ресурси, земја, знаење и технологија сега значи помала ранливост утре, без оглед дали оваа „берба“ доаѓа од нашите плодни полиња, кои чекаат да бидат обработувани, а ги има во изобилство, или пак обезбедувања храна од „челични контејнери“, со кои некои земји веќе располагаат и својата независност за храна и агросуверенитет ја гледаат токму во тие иновации… Д.Ст.