Фото: ЕПА

НЕОЛИБЕРАЛИТЕ ЈА ГУБАТ ПОЧВАТА ПОД СИЛАТА НА СУВЕРЕНИЗМОТ (ТРАМПИЗМОТ)

Самитот на лидерите на Г7 одржан во Канада заврши со пораката – разбираме дека има извесни недоразбирања меѓу нас. Ја нема некогашната монолитност, а повторно на површина излезе поделбата на 6 плус 1, при што тој еден е бројка за американскиот претседател Доналд Трамп. Претседателот и врховен командант на САД не се согласува со многу политики на другите членки, па дури ќе им плесне врела шлаканица дека – не требаше Русија да ја исклучите од Г8. Тоа, сепак, беа други времиња кога најмоќните имаа волја да решаваат проблеми, но и да соработуваат со Русите. Трамп не се согласил ниту за коминикето за Украина, а повеќе детали како дошло до тоа веројатно ќе дознаеме по дипломатски канали или, пак, Трамп директно ќе каже. Тој предвреме замина од Канада со порака – барам мир меѓу Израел и Иран. Но, Трамп не е ниту за пожестоки санкции против Москва, со аргумент – ќе изгубиме милијарди и милијарди!
По делумно успешниот самит на Г7, за нивна среќа немаше целосно фијаско, но со многу дилеми во багажот на западните сили, за помалку од една недела ќе почне самитот на НАТО (24-25 јуни во Хаг), каде што истите лидери ќе седнат повторно на една маса, но овој пат тие ќе бидат 32, а со нив и премиерот Христијан Мицкоски како претставник на Македонија. Така е наведено на официјалната страница на НАТО. За првпат еден самит ќе води новиот генерален секретар Марк Руте, во неговиот град, каде што повеќе од една деценија беше во премиерската канцеларија. На гости му доаѓаат, меѓу другите, Трамп, Макрон, Фридрих Мерц, Стармер, но и словачкиот претседател Петар Пелегрини, Виктор Орбан… Дневниот ред е утврден, но најверојатно тој ќе доживее и посериозни измени, пред сѐ поради војната меѓу Израел и Иран. Главно прашање е финансирањето на одбраната, да се издвојуваат 4,7 отсто од БДП, но и Украина. Ако се земе предвид тоа што ни кажува историјата на војување, војните во просек траат околу четири години, па зошто да не се очекува 2025 година да биде крај на руско-украинскиот конфликт? Или европските неолберали ќе инсистираат на продолжување на војната?
Но самитот на НАТО е многу подивергентен според политичката композиција на членките, па се очекуваат и посериозни искричења меѓу два политички и идеолошки концепти меѓу неолибералите и суверенистите отколку што тоа го видовме во Канада. НАТО е пред сериозен предизвик не само финансиски, одбранбено туку и идеолошки.

НЕ Е САМО СУВЕРЕНИЗМОТ АС ВО РАКАВОТ НА МИЦКОСКИ

Јасно е дека уште од првиот ден на својот мандат Трамп го вклучи зеленото светло за суверенизмот, а на глобалните антени беа фатени тие фреквенции. Некои позитивно, некои мобилизирачки со намера да возвратат. Конечно, не е сѐ само во парите, или можеби е? Џабе пари ако нема идеологија.
Македонија во Хаг ќе има можност да го потврди својот сувренистички концепт и веројатно сега се наместени коцките за нашите пет минути. Предвидена е средба со бугарски претставници, на која треба да се анулира бугарското вето во ЕУ, но и нејзините амандмани, но нашата рак-рана се и дополнителните протоколи на Договорот за пријателство и соработка. Договор што Бугарија го прекршува токму со амандманите на извештајот на пратеникот Томас Вaјц, затоа што се обврзала да ѝ помага на Македонија во евроинтегративните процеси, а не да ѝ одмага.
Ас во ракавот на Мицкоски! И не е само еден и тоа би требало да се види на самитот, зашто ако во 1998/1999 ни избега за влакно членството во НАТО без да го изгубиме името (чин на велепредавство), сега имаме можност сето тоа да го вратиме, затоа што сме значајни. Кога се мести новата шаховска табла на мултиполарноста сите се важни играчи. Кога таа ќе се намести, кога секој ќе си го најде своето место, ќе биде доцна. Сега се игра цврсто, сувренистички, се бранат државните интереси.

ХИЛ ГИ ОТВОРИ КАРТИТЕ ВО ПРАГА

Извесен двобој на двата идеолошки концепта што го заплиснуваат западниот свет, значи на неолибералите и суверенистите (во суштина конзервативци со специфики за 21 век), имаше неодамна во Прага на форумот за безбедност Глобсек.
– Улогата на Соединетите Американски Држави во европската безбедност се промени и сега е од суштинско значење да се засилат напорите за зајакнување на одбранбените капацитети на Европа и зајакнување на одбранбената индустрија на континентот – изјави претседателот на Чешката Република, Петр Павел, на отворањето на форумот.
Тој ја нагласи потребата Европа да остане обединета, да ги зголеми своите трошоци за одбрана и да обезбеди Украина да не падне во борбата против руската агресија. Според Павел, новата американска администрација ја промени динамиката на трансатлантските односи, принудувајќи ја Европа да се соочи со стратешки прашања што повеќе не можат да се одложуваат.
Секако, никој не сака да зборува за суштината, дека е тоа идеолошка борба, за еден нов концепт што доаѓа од Америка. Многу говорници и познати и помалку познати за нас имаше во Прага, но некои треба да ги споменеме. На пример еврокомесарот за одбрана (или за војна?) Андриус Кобилиус, потоа руската сива еминенција и пулен на западните неолиберали Михаил Ходорковски, а за нас особено интересни двајцата поранешни американски амбасадори во Скопје, Кристофер Хил и Филип Рикер, поранешниот македонски претседател Стево Пендаровски и, секако, новиот министер за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, кој стана славен со изјавата дека влегувањето на Бугарите во македонскиот устав не е и нема да биде единствено барање. Софија засега си стои на зборот, но таа позиција ќе треба да ја издржи. Не е сѐ мед и млеко во Бугарија по прашањето за нејзината позиција, но и за внатрешните случувања, а и во Македонија е драстично сменет политичкиот спектар.


Американскиот дипломат од кариера – сведок и актер на неолибералниот хаос што го направија американските либерали на Балканот (ерата на Клинтон и по него)

Кристофер Хил знае дека светлото на неолиберализмот во американската
надворешна политика е изгасено

Амбасадорот Хил, кого сум го интервјуирал кога беше преговарач на Вашингтон во разговорите за двете Кореи, во интервју за Радио Слободна Европа ја потврди реалноста дека дуваат новите политички ветришта во Америка и низ светот. Секако, тоа е суверенизмот. Иако не го кажува наглас, тоа ќе го најдеме во неговите реченици: „Прво, мислам дека е сосема јасно дека ЕУ разбира дека има некои недовршени работи на Балканот. И мислам дека сега разгледуваат како да се справат со прашањето за нови членки. Дали да го прават тоа со вклучување на една по една земја? Дали да ги вклучат сите заедно? Мислам дека САД ќе се потрудат да им кажат на земјите од Балканот да почнат сами да ги решаваат своите проблеми. Веќе не живееме во 1990-тите. Живееме во сосема поинаква ера“.
Самиот Хил, дипломат од кариера, седум пати амбасадорски мандат, сигурно знае дека светлото на неолиберализмот во американската надворешна политика е изгасено. Тоа се гледа и во Македонија, иако некои процеси се одвиваат забавено. Токму Хил не само што е сведок туку бил и актер на неолибералниот хаос што го направија Американците токму на Балканот (ерата на Клинтон и по него), а го затворија со неколку договори, со кои само се замрзнаа некои конфликти со епитет „етнички“. Македонија можеби е шампион со најмалку три договори – Охридскиот, Преспанскиот и тој со Бугарија. И гледаме дека земјата и покрај тој американски неолиберален печат и не се развива најдобро, не напредува со побрзо темпо, а секогаш кога работите ќе тргнат на добро за нејзините национални интереси и македонизмот се испречувале чудни нешта, па дури и закана со внатрешна војна.


Два договора што ни го поразија суверенитетот

Дали суверенизмот може да ја поправи состојбата? Секако дека е тоа подобар начин на решавање на проблемите, особено внатрешните и соседските, отколку да се биде секогаш во состојба на вазалски однос и да чекаш друг да ти ги исцепи дрвата за на зима. Тоа не дава резултати, а јасен пример е постигнатиот мир без посредници меѓу Индија и Пакистан. Моменталната состојба е таква што Америка ѝ го остава Балканот на Европа, таа ќе биде присутна за да се одржи генерално стабилноста, да ги промовира суверенистичките политички сили и идеи, а главно нејзината енергија ќе биде таму каде што сега е центарот на светот – Евроазија, со нагласка на Азија.
За македонската влада, но и општество, важно е навреме да ги препознае заткулисните политички игри на сѐ повидливата и посилна оска Атина-Софија. Таа не само што создава економски и инфраструктурен вакуум за Македонија, а само на лажиче пропушта извесни проекти, како една славина од гасоводот во Александропулис, туку дејствува анихилитароски кон македонската нација, држава и нејзините интереси, но и опстанокот. Тоа се политики непоимливи и неприфатливи за 21 век. Со тие два договора во нашиот државен и национален ковчег на миразот, ние можеме само да замислуваме дека сме суверена држава. Единствена утеха е дека за наши пари (над една милијарда) можеме на Халкидики-малкидики да ги наквасиме нозете во солена вода, или да испазариме нешто во Ќустендил или во Софија, пак за наши пари. Тие договори треба да се укинат и повторно да се преговара од позиција на рамноправност и суверенизам, предлагаат врвни експерти и дома и во странство.(Х.И.)