Договорот е правен Франкенштајн во меѓународното договорно право. Тој е асиметричен на штета на Македонија, која никаде не се ословува со име, таа е Втора страна. Прекршување на основно начело на самоопределување, загарантирано со Повелбата на ООН. Тоа е договор во кој се калеми нов балкански сој нација
Со Преспанскиот договор, кој е флагрантно прекршување на меѓународното право ниту се решија ниту односите меѓу Македонија и Грција ниту, пак, се затвори „македонското прашање“. Договорот има геноциден наслов – „конечен договор за решавање на разликите….“. Значи, потписот на тој документ, скроен по лабораториски терк за ништење една стара нација и сѐ што и припаѓа нејзе и ставен од тогашниот министер Никола Димитров, е за вјек и вјеков. За навек! Дали Димитров и тогашната компанија на власт, од кои некои од нив шеткаат по конференции во Атина, биле свесни на што ставаат потпис навистина не знам, но гледам дека тој жиг и шест години од ставањето во духот и телото на Македонија и на Македонците не се брише, туку се притиска подлабоко. Е, да, сам нема да се избрише, ни требаат волја, ум, стратегија и патриотизам за такво нешто. А, фала му на бога, не сме комплетно осакатени. Значи, има надеж, и тоа голема. А јас, роден во Народна Република Македонија, растен во Социјалистичка Република Македонија, израснат во зрел маж во Република Македонија, немам апсолутно никаква намера да отидам на оној свет од „Северна Македонија“. Не!
Грчко-македонскиот спор, или како што некогаш нашиве политичари велеа „наметнатиот спор“, како тоа да е најважно, има длабоки корени и знам дека нашиот дипломатски капацитет не беше на ниво за достојна одбрана на името и сѐ што е поврзано со него. Тоа го видов на една конференција на која дојде професорот Евангелос Кофос, кој на нашиве во Скопје им одржа лекција по фалсификувана историја, но многумина од нив лапаа муви што летаа низ климатизираната просторија. А тезите на Кофос совршено се залепија за дипломатската стратегија на Атињаните и нивниот поход кон уништување на Република Македонија. Па, друго и нема што да ништат, тоа е последниот голем бастион на македонството, простор каде што може нешто да се направи. Иако, со Преспанскиот договор, ние сме сведени на територија, на резерват, и тоа строго контролиран, со поставени радари и дронови видливи и невидливи, задолжени да ловат сѐ што наглас ќе вика „Македонија на Македонците“, „Никогаш северна, само Македонија“… Имаме право да креваме глас! („Ако сакаш да бидеш виден, мора да се исправиш“, Томас Џ. Вотсон, поранешен директор на „Ај-би-ем“).
За длабоките корени на „меѓусебните разлики“, како што еуфемистички се изразуваат толкувачите на правните одредници експертите за двојни стандарди од ООН. Нетрпеливост, недоверба и војни… уште од рана антика. Битка за доминација, за хегемонија и победа на посилниот пред сѐ со ум и знаење. Секако во тоа време тоа биле Македонците, најголемата и најмоќна империја што некогаш постоела. Мислите дека само со меч се постигнува тоа? Сетете се на случката со Кофос и лапачите на мувите. Интриги и фалсификати. Една од најголемите перфидни местенки на Атињаните (Грците) е фалсификувањето на Библијата, особено таму каде што се истакнува мисијата на Македонците. Еден од тие делови се Макавејските востанија, една од најтешките историски неправди извршени врз Евреите. Грците со фалсификати ги обвинуваат Македонците за колежите, за среќа во голем дел тоа се поправи. Да заклучиме -длабоки се корењата на тоа соседско недоразбирање, како што бил длабок ножот на Филип Македонски и на неговите фаланги, кои кај Херонеја речиси комплетно ја истребиле машката популација на Атинскиот сојуз. Според податоците до кои јас дојдов, 70 проценти од машката популација е ликвидирана. Најверојатно затоа подоцна Рим ќе забрани мешани бракови на Гркинки со инородци. Јустинијан, исто така Македонец, насилно ќе ги покрсти Атињаните и ќе им ги урне сите храмови подигнати на нивните божества. Христијанството морало да се шири… Мислам дека е доволно за да разбереме каква е ДНК-та на конфликтот. Јас не велам дека сум горд на сите овие историски процеси водени од Македонците, но исто така можам да се сомневам дека фрлањето напалм-бомби на македонските бегалци за време на Граѓанската војна во Грција е брутална реакција на историското сеќавање на модерните Грци и на новиот светски лидер Велика Британија.
И конфликтот трае, без разлика што Зоран Заев се мачи на англиски во Атина да го објасни значењето на договорот. Се виде дека устата мора да му биде сошиена. Еднаш му се лизна да каже „македонско небо“ и, бам, му ја залепија преку уста. Па, дали сме ние слободни граѓани и на оваа прекрстена држава? Зарем не ја чувствувате сенката на големиот вазал над Македонија, потпомогнат од западните патрони? И ако е така, што е тогаш решено со Преспанскиот?
Еве што – Грција со потпис доби тапија на Егејска Македонија дека таа отсекогаш била грчка и негувала хеленска култура! (А хеленизмот всушност е македонска култура). Дека во „северна“ живеат некоиси Македонци/граѓани на Република Северна Македонија, кои немаат апсолутно никаква врска со Македонците во Грција. А Грција ниту на хартија ниту некаде признава Македонци. За Грците изгледа воопшто не е важно што постои ваков тотално глупав и неодржлив договор. Битно е приказната за хеленизмот да се шири, да го земат тоа што никогаш не било нивно. Па, ние не им го бараме Перикле, нивен си е.
Договорот е правен Франкенштајн во меѓународното договорно право. Тој е асиметричен на штета на Македонија, која никаде не се ословува со име, таа е Втора страна. Прекршување на основно начело на самоопределување загарантирано со Повелбата на ООН. Тој е билатерално-меѓународен договор во кој Македонија едвај има некакво право на реципроцитет. Дека е потпишан од министер за надворешни работи, иако според македонскиот Устав тоа треба да го направи претседателот на државата, како што е утврдено во членот 119 (1). Дека спротивно на тврдењата на Заев-Димитров дека е вин-вин, договорот е комплетен пораз на Македонија. Дека сменетиот национален идентитет и Уставот се спроведени насилно и не почитувајќи ја волјата на народот изразена на референдум – мнозинството не го поддржа… И за да не редиме до сто и една, договорот е извор и на внатрешна дискриминација кон Македонците и нивното право на самоопределување дома и надвор, дека по барање на Грција нашите приватни возила и документи се обележани со NMK, со што сме маркирани и обележани пак надвор од прописите на ООН. Дека тој договор е фалшив и не е според стандардите на Виенската конвенција за договорно право. Дека Македонија во согласност со стручното мислење на Бадентеровата комисија и пресудата на Меѓународниот суд на правдата нема иредентистички претензии во името на својата држава… Затоа, за да се прекине процесот на демакедонизација и калемење нов балкански сој нација од нас Македонците, за да се запре проектот на „генетичарот од Муртино“, мора да се анулира Преспанскиот и да се договара нов за уредувањето на идните односи со Грција. Гледаме како уште со нас си играат мајтап.