На која точка ќе се сретнат златната ера на Америка и златното македонско сонце? Сега се намести меѓународниот мозаик за суверенистите, за оние што ги поттикнуваат и негуваат традиционалните вредности, а ние имаме токму таква влада. Веќе е јасно дека и од активностите што државниот владин тим ги има во САД „македонското златно сонце“ може да се вклопи во „златната доба“ на Америка. Но тоа нема да дојде само по себе по инерција, за тоа треба да се продолжи со дипломатска артикулација на македонските национални интереси
АМЕРИКАНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ДОНАЛД ТРАМП ДАДЕ ЗАКЛЕТВА СО ЕДЕН ОД НАЈМОЌНИТЕ ГОВОРИ ВО ИСТОРИЈАТА НА САД
На 3 октомври 1990 година официјално падна Берлинскиот ѕид, а Источна и Западна Германија повторно станаа една нација и една држава. Тоа беше еден од најголемите настани на 20 век, а тој датум за многу источноевропски држави значеше и нов почеток. Македонија излезе без посериозни рани од крвавиот распад на Југославија, но таа не беше целосно подготвена да одговори на сите предизвици за да стане суверена и самостојна држава. За волја на вистината и опкружувањето, а и водечките светски политичари не застанаа зад Македонија и Македонците. Но и домашните политичари беа колебливи, па едни тераа за зачувување на Југославија, други за сувереност, некои за неутралност, некои тргнаа да се отцепуваат…
Сега откако Доналд Трамп и официјално стана 47. претседател на САД, од неговиот моќен говор стана уште појасно дека светот нема да биде ист, дека Америка ќе игра своја игра, дека глобализмот најверојатно ќе добие некоја нова форма, пред сѐ, поради нагласениот американски унилатерализам, но и противтежата што ја создаваат Русија, Кина и некои други поголеми земји, а либерализмот полека ќе заминува во учебниците како историски факт. Каде ќе биде Македонија во тој нов свет? Ќе го преспие ли и него? Има ли коњи за новата трка, за „златното време на Америка“ што го објави Трамп? За волја на вистината и многу други мали држави ќе си го поставуваат ова прашање и секој ќе гледа да си го најде своето место. Барајќи го своето место, можат ли на некоја точка да се поклопат интересите и да се сретнат на иста точка македонското „златно сонце“ и „златната доба“ на Трамп и Америка?
ОПРАВДАНО ПРИСУТНИ ВО ВАШИНГТОН
На свечената церемонија, на таа гала-свеченост на американската демократија, Македонија како единствена земја од Балканот имаше свој претставник, што треба да се гледа како големо признание на стратегиските врски меѓу нашата земја со САД, но и на некои поранешни блиски врски на премиерот Христијан Мицкоски и луѓе од неговиот тим со луѓе од опкружувањето на Трамп. Мицкоски не е повикан во Вашингтон само да слуша, туку и да биде чуен, да ги продолжи разговорите за плановите за големи проекти, за американски инвестиции во значајни сектори како што се енергијата или кибернетиката, комуникациите. Засега нема официјална потврда дека нешто е потпишано, но информациите што стигнуваат од Америка се дека има многу големи шанси за сериозен влез на американски приватен капитал. Македонија е на американскиот радар, и тоа по добро. Во Скопје веќе се водат сериозни бизнис-разговори и преговори. Впечаток е дека новото време и за македонската надворешна и внатрешна политика е дојдено.
– Стратегиските интереси врзани со членството во Европската Унија исто така се во фокус на состаноците остварени во Вашингтон, разговор на премиерот со Ричард Гренел, претседателски пратеник за специјални мисии и политика – соопштија од ВМРО-ДПМНЕ притоа најавувајќи дека Мицкоски ќе оствари повеќе значајни средби во САД.
Една карактеристична порака, заверена со потписот на Трамп
Во својот говор Трамп не кажа ни еден добар збор за претходната влада (администрација) на Џо Бајден, напротив, истовари еден куп критики. Такво нешто ретко, ако воопшто, се случило во демократијата каде што владее висока политичка култура. Една од пораките, и таа е заверена со потписот на Трамп, е дека од денес во САД постојат само два пола – машки и женски и со ова се означува почеток на крајот на (нео)либерализмот разбран како небо без граници. На тој начин Трамп удира и во коренот на „соросоизмот“, односно „филантропијата на Џорџ Сорос“ и концептот за „отворено општество“ во кој нагласено се инсистира на правата на ЛГБТ-заедниците, а притоа на штета на оние што не се нашле себеси во тие групи. Знамето со виножитото ќе се вее поретко, а ќе се креваат знамињата на суверенизмот.
ОДБРАНА НА МАКЕДОНИЗМОТ
Во говорот на Трамп, Македонија може себеси да се види, да се пронајде и како таква да се претстави во светот. Сега се намести меѓународниот мозаик за суверенистите, на оние што ги поттикнуваат и негуваат традиционалните вредности, а ние имаме токму таква влада. Веќе е јасно дека и од активностите што државниот владин тим ги има во САД „македонското златно сонце“ може да се вклопи во „златната доба“ на Америка. Но тоа нема да дојде само по себе по инерција, за тоа треба да се продолжи со дипломатска артикулација на македонските национални интереси. Една парола можеби ќе ја објасни сегашната состојба во која западна земјава по антимакедонските потези на претходната влада: Северна Македонија е всушност Македонија и од тука треба да почнат враќањето и одбраната на името Македонија како наше и само наше наследство. Одбрана на македонизмот според духот на времето!
Заеднички проблеми и заеднички одговор
Бескомпромисна војна со картелите, бандите, наркошверцерите… објави Трамп. Се чини како македонските власти да биле во дослух со тимот на Трамп и веќе се во фаза кога сериозно се пресметуваат со тие банди. Има уште еден важен момент, а тоа е што Трамп предупреди дека американското судство станало политичко оружје и затоа ќе мора да се врати довербата во судството. Ете сме и тука ние како држава, како општество. И кај нас судскиот систем повеќе е закана отколку правда преку фер судска постапка. Но мораме да бидеме многу, многу поактивни во тој процес и побрзи. Понекогаш и од брзината на реформите ќе се мерат резултатите.
Да заклучиме – американската црна листа на која се најдоа повеќе македонски граѓани со високи профили во политиката или во судството не е случајна. Па, да се искористи и тој момент кога сите реки почнаа да течат и на нашата воденица.
Демаскирање на концептот „едно општество за сите“?
Унгарскиот премиер Виктор Орбан неодамна објави дека со победата на Трамп всушност Џорџ Сорос ја загубил битката за Америка. За него дилемата е дали Европа сега ќе се пресмета со бастионот на Сорос во Европа. „Соросоизмот“ е утврден во двата центри на европската моќ – во Брисел и во Стразбур. Она што некогаш беше нарекувано лажни вести сега е потврдено откако беа направени сериозни истраги. А тоа е дека со парите на Сорос се финансирале лобисти во Брисел, каде што орбитираат повеќе невладини организации и главно работат на агендата на Сорос, која е нагласено фаворизирање на „фанатицизмот на ЛГБТ“. Па откриено е дури и дека судии на Европскиот суд за човекови права биле потхранувани со пари од фондовите на Сорос. Но се поттикнувале и шарени револуции, кои уривале не само влади туку и вредносни и општествени системи и врски градени со децении или со векови.
И во Македонија лета балонот на Сорос, се потхрануваат невладини организации и медиуми со пари од неговата фондација (а во суштина и тоа се пари на американските граѓани што плаќаат даноци). Не знам дали сме простиле, но не сме заборавиле што одамна преку писмо токму Сорос им порача на Македонците.
„Разбрав дека постои намера сонцето на Александар Велики да се усвои за државен грб. Ако донесете такво решение мислам дека ќе ги изгубите симпатиите на светот. За жал другиот предложен симбол лавот, исто така има негативни импликации“. (Џорџ Сорос, 5 јануари 1993, објавено во „Нова Македонија“, 7 јануари 1993).
Според информациите што ги добиваме од САД, тимот на Мицкоски веќе има добиено игла за да го продупчи балонот на Сорос, кој предолго лебди над Македонија. Тоа ќе значи и крај на ерата на концептот „едно општество за сите“ промовирано од претходната македонска владејачка гарнитура, и враќање на суверенизмот како очекуван одговор на она што е тренд во светот. Тој тренд мора да се фати. Не смееме да го преспиеме и 21 век.