Луѓето што често ја обвинуваат Македонија за споровите со соседите и за нивните ирационални барања кон Македонија и кои велат дека Македонија е виновна за
не толку добри соседски односи и за непријателство кон соседите, сега за воспоставените нормални билатерални односи на Македонија со Србија велат дека тоа е движење кон т.н. „српски свет“. Се бројат и регистрираат дури и меѓудржавните средби како знак што „укажувал на тоа дека Македонија е дел од т.н. српски свет“!? Веројатно постои и официјален демарш во Европскиот парламент (ЕП) од нашите дипломатски претставници за ваквите клевети за урнисување на нашиот углед,
изнесени при претресот на извештајот на Вајц во ЕП. Но, како и да е, во редакцијата стигнаа голем број реакции во кои е издвоен впечатокот на јавноста за јасната
јавна потреба од отфрлање на ваквите бугарски импутации. Со индигнација!
Повод: „Српски свет“ во Македонија – флоскула што влезе во записникот на Европскиот парламент, со усвојувањето на извештајот на Томас Вајц за нашиот напредок во евроинтеграциите
Извештајот на Европскиот парламент во кој Македонија е ставена во т.н. „српскиот свет“ отвори јавна дебата и помеѓу политичарите Македонци, инаку дебатата речиси постојано е присутна кај политичарите Албанци во земјата. Во албанскиот политички блок често српскиот свет и влијание се мешаат и поистоветуваат со рускиот свет и влијание и со словенскиот свет и влијание, притоа алудирајќи имплицитно или експлицитно на словенскиот карактер на земјата. Освен обвинувањата на ДУИ кон власта дека ја води земјата во т.н. „српски свет“, дебатата ја разгоре изјавата на поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски дека оваа гарнитура на власт дава знаци за „српски свет“. (!?)
– Структурата што во 2017 дојде на власт, на чело со Заев, со сите мани што може да му ги припишете на тој човек, во делот на меѓуетничките односи направи крупни чекори, додека сега оваа политичка структура дава очигледни знаци дека тој таканаречен „српски свет“ или пошироко кажано „руски свет“, јас би го нарекол и регионално „унгарски свет“, воопшто не им е туѓ. Не може вие да тврдите дека сте за вистинските европски вредности и сакате да ја позиционирате Македонија во ЕУ, каде се знаат кои се вредностите, а да зборувате за специјални економски односи и партнерство со Виктор Орбан, кој е сè само не Европеец – кажа Пендаровски.
„Ние сме македонски свет“, одговори шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски. Според него, Владата работи на ширење на интересите на македонската надворешна политика. Тој е дециден дека не треба да има дилеми за стратешките правци на македонската надворешна политика.
Муцунски рече дека критиките доаѓаат од неколкумина поранешни функционери од претходната влада, за кои вели дека за време на нивните мандати имале рекорден број средби со нивните српски колеги. Како пример тој го наведе поранешниот претседател Стево Пендаровски, за кого рече дека во текот на петгодишниот мандат остварил девет средби со српскиот претседател Александар Вучиќ.
– Поранешните претседатели на влади од редовите на СДСМ имале над 25 билатерални средби во период од седум години со нивните колеги од Србија. Активен на оваа тема, слушаме, е и поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, во четири години 11 билатерални средби со неговите колеги во Србија. Јас не ценам дали тоа е добро или лошо како министер за надворешни работи, но ние треба да соработуваме со сите. Не може вие да критикувате ангажман со кој било наш сосед, а да имате историски бројки на средби токму со тие претставници – рече Муцунски.
Претходно и од ДУИ реагираа дека во Владата има „српски свет“ што промовира руски наративи алудирајќи на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, кој е единствен владин претставник што присуствува на настани организирани од Амбасадата на Москва во Скопје
Во друго соопштение ДУИ изразува сериозна загриженост за насоката во која се движи надворешната и внатрешната политика на земјата: „Во време кога на С. Македонија ѝ е потребна јасна ориентација кон Европската Унија и координација на активностите во рамките на НАТО, наместо зајакнување на врските со нашите стратешки партнери, се промовира реторика и практика што буди носталгија за опасни проекти како што е ’српскиот свет’, со отворени проруски и проунгарски тенденции“, пишува ДУИ во медиумите на албански јазик.
– Додека се зборува за „специјални економски односи“ со Унгарија и изградба на „заеднички регион“ со Србија, намерно се молчи за коридорот 8, стратешки проект што ја поврзува Македонија со Албанија и Бугарија, две земји членки на НАТО и ЕУ. Во исто време, приоритет му се дава на коридорот 10, кој ја турка земјата кон непријавена источна оска, туѓа на европските вредности и долгорочните интереси на нашите граѓани – велат од ДУИ.
Според ДУИ, овие случувања добиваат целосно значење во светлина на неодамнешната посета на Милорад Додик на Македонија.
Во дебата се вклучија и од коалицијата „Вреди“, кои го критикуваа Османи, кој за само четири години како министер „трчал 11 пати на средби во Белград, а ниту еднаш во Приштина“.
– Се сретна повеќепати со српските власти отколку со косовските. Во Скопје го пречека и рускиот министер Сергеј Лавров, а беше и редовна „кореографија“ на прошетките и вечерите со Александар Вучиќ. На Албанците им понуди само селфи-дипломатија, заглавени европски интеграции и маркетинг за себе – велат од коалицијата.
Според македонски медиуми, Андреј Ковачев од ГЕРБ и хрватски европарламентарци од ХДЗ ѝ кумуваа на оцената за Македонија како дел од „српскиот свет“. Извештајот на Европскиот парламент што го објави предлог-извештајот на Томас Вајц заедно со усвоените амандмани изненадува и по тоа што сѐ успеало да влезе внатре и колку соседството си бркало свои агенди наместо да ги анализира реформите во нашата држава.
Тоа што најмногу боде очи е чиј интерес беше Македонија да биде ставена во „српскиот свет“, „ЕП изразува загриженост за таканаречениот проект ‘српски свет’ и тоа што некои претставници на Владата на Северна Македонија го застапуваат и промовираат овој концепт; ЕП го осудува учеството на состаноци на кои се обидува да се воспостави сфера на влијание што ги поткопува суверенитетот на другите земји и стабилноста на регионот“, стои во овој нов момент во извештајот. Нашата официјална реакција допрва ќе се регистрира и разгледува. Р.Н.М.