Фото: „Нова Македонија“

Да заклучиме, овие 313 амандмани поднесени на извештајот на Томас Вајц ја изразуваат атмосферата во Европската Унија, меѓусебни пресметки на туѓ терен, реторика што содржи пропаганди од пред сто години. И како што кажа и самата еврокомесарка за проширување Марта Кос, ЕУ нема никакви гаранции за Македонија. Европа не е онаква каква што ја знаевме. Таа е во потрага по свој нов идентитет. Бугарија и Грција со двата договора со Македонија потврдија дека и тие се во потрага по нов идентитет, а сето ова по дефиниција вели дека има и премногу идентитетски кризи на континентот. Македонија значи вози кон неизвесност

АМАНДМАНСКАТА ВОЈНА ВО БРИСЕЛ ГО ПОКАЖА ВИСТИНСКОТО ЛИЦЕ НА ДЕНЕШНА ЕУ

Ако некој денес успешно ја дефинира Европа, попрецизно Европската Унија, тој сигурно ќе добие Нобелова награда. А, веројатно со едно кратко резиме претседателката на Европската комисија, Германката Урсула фон дер Лајен, дека ЕУ и Западот веќе не постојат онакви какви што ги знаевме, е сериозна кандидатка за нобел. Кратко, јасно, концизно и веројатно точна дијагноза.
Но има и еден подолг пат за дефинирање на Европа – тој е да се гледа како таа се однесува кон Македонија барем во последните сто години, и нештата ќе бидат јасни.

ЕВРОПА ВО 2014 ГОДИНА И ОДНОСОТ КОН ГОЛЕМАТА ВОЈНА

Еден мал историски вовед за тоа што е денес Европа, Западот, и како гледа на Македонија и Македонците. Во 2014 година Европа на големо се подготвуваше за одбележувањето на почетокот на Првата светска војна, нешто што треба да покаже дека земјите успешно поминале низ процесот на помирување. И веднаш дилемата – а дали?! За Македонија, пак, 2014 година беше особено важна зашто таа ќе требаше да покаже дека е субјект и се очекуваше тоа да го потврдат и нејзините соседи, кои ја распарчија за време на Големата војна. Пораката што треба да се упати од земјата каде што се протегал Македонскиот фронт на кој загинале илјадници странски војници од Германија, Франција, Велика Британија, Грција, Србија, Бугарија… е дека македонскиот народ поминал низ невидени страдања и тој не сака повеќе тие да се повторат, а најдобар начин за тоа е земјите што сториле злодела да го признаат тоа. Без такво хумано поклонение нема ни помирување.
Добија ли Македонија и Македонците од некого поклонение? Се извинија ли Грците, Бугарите, Србите, Англичаните, Французите… за тоа што ѝ го направија на Македoнија? Не!
Да прифатиме дека ние сме мали и не сме толку битни (што не е точно!) и да се потсетиме како се однесуваа големите. Првите искри излетаа меѓу Лондон и Берлин, па британските медиуми пишуваа дека германската влада се обидува да влијае врз церемониите со кои Британија планира да ја одбележи стогодишнината од почетокот на Првата светска војна. Токму поради тоа во Лондон го испратила својот пратеник од МНР, Андреас Мејцнер, кој имал задача да ги изблокира плановите комеморацијата да се претвори во „помпа на победата“ наместо таа да биде помирување. Според „Дејли мејл“, Мејцнер требало да спречи секаков обид за заедничка комеморација на победниците од Големата војна. Повеќе аналитичари во медиумите во Германија и во Британија заклучија дека е очигледно оти има разлики, но и дека никој не очекува да има единствен став за тоа како треба да се одбележи стогодишнината. Зборовите не се извлечени од ракав и затоа тие треба да се помнат – во Европа постојат разлики и оти никој не очекува единствен став. Па, затоа потсетете се како нам и со што ни ја полнат главата.
Така, сите држави посебно се подготвуваа за тој настан. Франција дури формира посебна Мисија за одбележување на настаните во војната, а во дел спаѓаат и настани во Македонија. Слични државни органи се формирани и во Германија, Италија, Австрија, кај нашите соседи, а постои и француско-белгиска иницијатива за вклучување на спомениците од Првата светска војна во светското наследство заштитено од УНЕСКО. Во еден документ подготвен од иницијаторите се споменуваат 14 држави на чија територија се спомениците од војната, а меѓу нив е и Македонија.
Не случајно се навраќаме на настани од пред десетина години. Европа ја гледа Македонија само како територија на која се случило нешто големо. Таа да биде објект, а не меѓународно признаен субјект. Никаде, ама никаде не се спомнува дека во Големата војна биле мобилизирани околу 100.000 Македонци, а можеби и повеќе. Никаде нема паметник на паднатиот македонски војник. Ниту македонско знаменце се вее на нечиј гроб на македонски воин. Баравме лакмус за Европа, тука ни е под носот!

ЕУ ВО ИСТОРИСКИ МАГИЧЕН КРУГ, А ВО НЕГО МАКЕДОНИЈА

Ако некој си помислил дека се сменило нешто од таа 2014 година, кога Македонија ја одбележуваше и Самоиловата 1014 година, секако е во заблуда, а доказ за тоа не е само признанието на шефицата на ЕК туку и европските законодавци со мрсни плати и високи дневници. Веројатно за да си ги оправдаат парите понекогаш знаат и да застранат со нивните пратенички активности. Па така, неодамна при прегледот на извештајот на известувачот на Европскиот парламент, Томас Вајц, за тоа како напредува Македонија, група пратеници поднесоа 313 амандмани. Кога е во прашање Македонија и кога станува збор за институции во Брисел или во Стразбур, изгледа тоа не е рекордот, затоа што амандмански војни против Македонија главно грчки или бугарски пратеници воделе и во минатото, кога исто така имало по неколку стотина амандмани, многу и без врска. Колку да се сврти вниманието.
Овој пат имаше неколку што заслужуваат внимание затоа што во себе имаат политички отров што се вика антимакедонизам. И ова е сериозно и прашање и тема за Европа, која според Фон дер Лајен е „сѐ уште мировен проект“ (со пакет од над еден трилион евра за милитаризација?!). Со изми тоа не може да биде.
Во поднесувањето амандмани предничеа бугарски европратеници за кои нема да има почеток на преговори додека не се стават Бугарите во македонскиот Устав. За нив е проблематично што Македонија била коспонзор и на американската резолуција во ОН за Украина, па според тоа и не треба земјата да се смета за сериозен партнер, тука само како партнер. Грчките европратеници отидоа уште подалеку, па дури бараат целосна блокада на интегративниот процес. Амандманот на Фраго и Александрикис вели: „Ја повторува важноста од прекин на пристапните преговори со Скопје“. Значи за Грците ниту Македонија заедно со „северна“ не постои.
За да се исцрта целосно овој европски магичен круг во кој е ставена Македонија се погрижија пратениците од францускиот Национален собир на Марин Ле Пен, кои пак бараат сосема нов член, наместо да интервенираат со амандман, и тој би требало да изгледа вака: „Цврсто ја отфрламе желбата на Северна Македонија да се приклучи кон ЕУ, како и секое натамошно проширување на ЕУ, бидејќи земјите кандидати, особено од Западен Балкан, сѐ уште се далеку од исполнување на Копенхашките критериуми со постојана политичка нестабилност, широкораспространета корупција и постојан организиран криминал, што претставува значителен ризик за сигурноста и безбедноста на европските граѓани“.
Од француската десница има и еден навистина интересен амандман што се однесува на „слепото промовирање на македонскиот модел на мултикултурализам“ затоа што тоа може да придонесе за фрагментација на земјата (распад) и дека „унитарната форма на северномакедонската држава мора да остане неоспорна“.
Навистина има премногу материјал за анализа, а ако кон овој малтер се додаде дека има амандмани и за признавање на идентитетот и јазикот, јасно е дека за Македонија ништо не е сигурно, ништо не е дефинирано, дека таа не е прифатена како што треба и оти вози кон нови неизвесности.
Да заклучиме, овие 313 амандмани ја изразуваат атмосферата во Европската Унија, меѓусебни пресметки на туѓ терен, реторика што содржи пропаганди од пред сто години. И како што кажа и самата еврокомесарка за проширување Марта Кос, ЕУ нема никакви гаранции за Македонија. Европа не е онаква каква што ја знаевме. Таа е во потрага по свој нов идентитет. Бугарија и Грција со двата договора со Македонија потврдија дека и тие се во потрага по нов идентитет, а сето ова по дефиниција вели дека има и премногу идентитетски кризи на континентот.