Фото: „Нова Македонија“

Откако стана јасно дека Бугарија не е подготвена за разговори и ја префрли топката во европскиот двор, со образложение дека Македонија треба да разговара со ЕУ, сега и македонската дипломатска офанзива е насочена кон европските институции, кои, доколку сакаат, можат да ги понудат бараните гаранции дека Бугарија ќе прекине со неаргументираната блокада

Ќе покаже ли ЕУ принципиелност за крај на македонската голгота?!

Силна дипломатска активност се одвива од македонска страна во изминатиот период во насока на изнаоѓање решение за излез од ќор-сокакот во евроинтегративниот процес, што јасно говори за македонската посветеност за надминување на пречките и за продолжување на патот кон полноправно членство во Европската Унија.
Ако претходно се чекаше некој друг однадвор да ни ги понуди решенијата, овој пат земјата ги користи сите интелектуални капацитети и дипломатски алатки да понуди решенија со кои во исто време ќе се надмине бугарската блокада, но и ќе се издејствува извесност во понатамошниот тек на преговарачкиот процес со Унијата.
Откако стана јасно дека Бугарија не е подготвена за директни разговори со македонската страна и ја префрли топката во европскиот двор, со образложение дека Македонија треба да разговара со ЕУ, сега и македонската дипломатска офанзива е насочена кон европските институции, кои, доколку сакаат, можат да ги понудат бараните гаранции дека земјава понатаму нема да се соочува со несуштински блокади.

Креативна дипломатија што продуцира решенија

Неколку идеи за деблокада на македонскиот евроинтегративниот процес неодамна нафрли и претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која како дел од решението ги посочи и европските институции.
– Нам ни е јасно дека преговарачката рамка е усвоена. Нам ни е јасно дека е тешко таа да се менува, иако случајот на Србија го покажа и поинаквото. Затоа јас велам дека штом ние укажуваме на проблеми поврзани со нашето преговарање, тогаш и ЕУ треба да вложи енергија креативно да овозможи наше напредување. Еве моите предлози што се: Европскиот парламент може да донесе некаков акт за состојбите меѓу нас и Бугарија. Може исто така Советот да даде некакви инструкции. Може, исто така, еве да се во некаков акциски план до историската бугарско-македонска комисија да се предочи тие може да бидат слободни, но да внимаваат… Два протокола потпишавме, така? Еве може уште еден, но да не можат да бидат основа за вето, туку дека ќе се разговара слично како што разговараа Германците и Французите, Полјаците и Германците, за да видиме како низ интерпретација на решенијата можеме да дојдеме до конечен договор. Да потенцирам, во Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија нема ниту еден член ниту еден збор за уставни измени. Уставните измени никнаа од првиот и од вториот протокол – посочи претседателката во интервју за РСЕ.
Таа уште додаде дека и Австрија се понудила да помогне во врска со решенијата што се продуцираат од наша страна, оценувајќи ги како конструктивни.
– Австрија смета дека во моментов најважното за ЕУ е политиката на проширување да се спроведе. Дека има разбирање за аспирациите на Украина и Молдавија, но дека има поголемо разбирање за Западен Балкан и тогаш рече, еве јас ви предочувам дека Австрија е спремна да разговараме за изнаоѓање некое креативно решение заедно со Бугарија – посочи претседателката Силјановска-Давкова.
Потврда дека се работи на креативни решенија стигна и од високата претставничка на ЕУ за безбедност и надворешна политика Каја Калас, која за време на посетата на Скопје рече дека се работи на некакви механизми за деблокада на македонските евроинтеграции.
– Јасно е дека сакаме С. Македонија да се придвижи по патот кон ЕУ, знаеме дека има пречки и разговаравме околу механизми за надминување на пречките. Има простор каде што може да направиме нешто, но засега не би навлегувала во детали – истакна Калас.

Штетата е направена, сега е потребна санација за да се спречат нови штети во иднина

Она што на прв поглед паѓа во очи е дека земјава е во дипломатска офанзива со намера да ги санира штетните последици од брзоплетото прифаќање на францускиот предлог, но уште повеќе од протоколите вметнати во преговарачката рамка, кои дополнително ја усложнуваат преговарачката позиција на земјава.
Поранешни дипломати, аналитичари и експерти во делот на евроинтеграциите оценуваат дека она што е потпишано тешко ќе се смени, но дека има начини да се подобрат работите.
– Бугарија одбива директни разговори затоа што е задоволна од работата што ја заврши со претходната македонска влада и затоа постојано оттаму велат дека адресата на која треба да се обраќа македонската страна е Брисел. Затоа и македонската дипломатска офанзива се насочи кон земјите од ЕУ, но и кон европските институции, за да може подобро да им се објасни дека некои работи во преговарачката рамка се надвор од секаква логика. Македонија како држава покажува голема проактивност, постојано излегува со идеи, предлози, нуди можни решенија, па сега и ЕУ очигледно ќе мора нешто да направи ако е искрена во намерите во врска со проширувањето. Точно е дека сите повторуваат дека уставните измени се наша преземена обврска, но јасни им се и изјавите на бугарските водечки политичари дека тие нема да запрат со испорачувањето нови барања, дури и да се случат уставните измени. Очигледно тоа влијаеше и кај некои европски челници да почнат да работат на некаков план Б, иако јавно тврдат дека го нема, но тој резервен план би можело да бидат некакви гаранции од Европскиот парламент како што предлага претседателката Гордана Силјановска-Давкова, каде што не се одлучува со консензус. Може и Европскиот совет да го направи истото тоа, со некакво пиење кафе на бугарскиот претставник и слично. Сѐ е можно ако се сака. Доколку Унијата и натаму продолжи да инсистира само на уставни измени, без притоа да биде отворена и за креативни решенија околу предвидливоста на нашите евроинтеграции и спречувањето идни несуштински блокади, тогаш очигледно таа ги напуштила сопствените вредности и принципи, за да им слугува на некои анахрони политики токму поради кои, барем вербално, тврди дека се бори – велат соговорниците.
Сличен став околу модалитетите за работата на историската комисија, која може да биде главен кочничар во натамошниот евроинтегративен процес на земјава, неодамна изнесе и Марко Трошановски, претседател на институтот за демократија „Социетас цивилис“.
– Она што можеме да го смениме, сценарио што има некаква веројатност, се условите под кои таа преговарачка рамка ќе се имплементира, како ќе бидат заштитувани малцинските права и што значи тоа за припадниците на малцинските права кај нас како дел од преговорите, тој Акциски план за заштита на малцинствата, и да ги смениме условите под кои разговара историската комисија, оти таа е најголемиот проблем што е вгнезден во протоколите, таа мора да заврши со работата додека да станеме членки. Другите вакви комисии во светот и во Европа преговараат по 50-60 години. Ние сме притиснати да имаме од осум до десет состаноци годишно според тој протокол што сме го потпишале и притоа да завршиме додека не станеме членка на сите теми на кои имаме асиметрична позиција со Бугарија и директно задираат во нашето достоинство и идентитет. Тоа е нонсенс. Тука треба да бараме како држава, и има сѐ поголемо и поголемо разбирање кај европските земји членки, дека европските стандарди на преговарање треба да бидат оние под кои преговара историската комисија, како што разговараа Германија и Полска, Германија и Франција итн. – констатира Трошановски.