Иницијатива за координирано справување со последиците од војната во Украина
Премиерите на земјите-членки на НАТО од Југоисточна Европа, Македонија, Бугарија, Црна Гора и Романија, Димитар Ковачевски, Кирил Петков, Ранко Кривокапиќ и Николае Чука, одржаа состанок во Софија, на кој разговараа за предизвиците по регионалната безбедност што произлегоа од руската воена интервенција во Украина.
Четворицата премиери за време на вчерашната средба се осврнаа на неколку теми што поради воените дејства во Украина станаа приоритетни за решавање, а како прва тема за која се разговарало била координацијата во делот на енергетиката. Било потенцирано дека регионот е целосно зависен од руска нафта и од тие причини мора да се бара решение за диверзификација на снабдувањето со гас, пред сè свртување кон течниот гас што би доаѓал од Грција и Турција преку Трансбалканскиот гасовод.
Една од темите бил и проблемот со мигрантите и како земјите да подготват заедничка стратегија за подобро справување со нов наплив на мигранти од кризните подрачја ако воениот конфликт во Украина продолжи на подолг рок.
Ковачевски, Петков, Кривокапиќ и Чука се осврнале и на проблемот со безбедноста на храната и снабдувањето со основните прехранбени продукти, пченицата и маслото, притоа истакнувајќи дека министрите за земјоделство од четирите земји треба да се координираат за да не дојде до недостиг од овие продукти.
Понатаму станало збор и за борбата против перењето пари и корупцијата, а се разговарало и за обновата на Украина што треба да следува по завршувањето на војната во оваа земја.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски истакнал дека војната во Украина ги создала најголемите проблеми по Втората светска војна, почнувајќи од дефицитот на гас, кој е на историски најниско ниво на резерви во Европа, што, од друга страна, се одразува и врз производството на амонијакот, кој е клучен за производство на ѓубриво.
– И сега имаме недостиг од ѓубриво на светскиот пазар и сега може да се купи за 300 или 400 пати повисока цена. Сите цени на храната пораснаа со највисок процент по Втората светска војна и сето тоа се случува затоа што двата најголеми производители на пченица, Русија и Украина, сега се во војна. Некои од земјите во регионот имаат вишок производство на пченица, додека други, пак, немаат вишок и купуваат од другите земји. Добра работа се солидарноста што се прикажува и високото ниво на одговорност од сите земји на регионот и токму затоа немаме недостиг од пченица во овој момент како еден од клучните прехранбени производи, како што е и маслото за готвење – рече Ковачевски.
Неговиот бугарски колега и домаќин на состанокот, Кирил Петков, истакна дека во вакви кризни времиња е важно Балканот да дејствува координирано.
– Важно е во овој момент на криза во нашиот регион, каде што војната во Украина зазема толку многу од вниманието на сите и безбедноста на регионот е под закана, да се здружиме и да се координираме покрај на ниво на НАТО и на ЕУ и идните земји-членки, да се координираме и на ниво на Балкан. Мојот сон е да имаме координиран Балкан на сите теми – рече Петков.
Романскиот премиер Чука посочи на проблеми во синџирите за снабдување со храна поради руската инвазија во Украина и санкциите против земјата.
– Ние дискутиравме како може да се поддржиме меѓу себе и еден од главните аспекти што беше отворен е проблемот со ѓубривото и затоа сметам дека енергетиката и гасот, како и нивните извори се многу важни – рече Чука, притоа додавајќи дека со привршување на интерконекторот во Грција ќе се обезбеди уште една алтернатива за снабдување од Александрополис по вертикалниот коридор до Бугарија, Романија, а потоа и до другите европски земји.
Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ нагласи дека секоја зависност е лоша и затоа мора да имаат повеќе доставувачи, особено кога станува збор за безбедноста на храната.
– Мора да ги прекинеме административните бариери и бариерите што се предизвикани од трошоците. Оваа криза покажа дека солидарноста мора да буде витална во нашите животи – посочи Кривокапиќ.