Историски сведоштва: Како хегемонистичките идеологии се обидувале да го асимилираат македонското Население и како македонската култура и македонскиот јазик упорно опстојувале
- Во поширок контекст, оваа противречност ја покажува динамиката на балканската историја: како националхегемонистичките идеологии се обидувале да го асимилираат македонското население и како локалната македонска култура и македонскиот јазик упорно опстојувале. Рускиот историчар Сквозников, иако несвесно, преку своите извори ја потврдува тезата дека Македонија не е само јаболко на раздорот меѓу соседите туку и земја со сопствена македонска духовна и културна автономија, која заслужува да биде препознаена како посебна историографска категорија
Историјата никогаш не е едноставна приказна, а уште помалку кога станува збор за Македонија, која била сместена на крстосницата меѓу големите балкански и европски интереси и која била сцена на постојани конфликти. Монографијата на Александар Николаевич Сквозников (руски историчар, специјализиран за балканската историја и македонското прашање), „Македонија кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век – јаболко на раздорот на Балканот“, е значаен обид да се прикаже етничкиот состав на регионот, но истовремено и пример за тоа како историографската традиција може да се судри со документарната реалност. За читателите без историско познавање, ова дело би оставило впечаток дека Македонија била пред сѐ земја на „македонски Бугари“, со дополнителна етничка шареноликост, која само ја дополнува доминантната слика. Таквиот впечаток произлегува од фактот што Сквозников ја гради својата нарација врз традиционалната руска и бугарска историографска рамка, која го идентификува словенското население во Македонија како дел од бугарскиот етнички корпус. Во оваа рамка, страдањето на „македонските Бугари“ под турскиот јарем и под духовното угнетување на грчката патријаршија се претставува како централна тема, додека другите етнички заедници се сведуваат на дополнителен мозаик. Но внимателното читање открива контрадикторности што ја разнишуваат оваа еднострана слика. Извештаите на руските конзули и дипломати сведочат за население што се нарекува „Македонци“ или „македонски Словени“, за јазик што е „типичен, карактерен и чуден“ и заслужува да се именува како македонско наречје и за културна посебност што не може да се сведе ниту на српска ниту на бугарска. Тие дури нагласуваат дека називите „Бугарин“, „Србин“ или „Грк“ биле политички етикети наметнати од соседите, а не автентична самоидентификација на луѓето. Од една страна, Сквозников ја пренесува традицијата што ја наследува од руската академска мисла, но од друга страна, неговите сопствени извори ја побиваат таа традиција и отвораат простор за признавање посебен македонски идентитет. Оваа двојност ја прави неговата монографија истовремено значајна и проблематична: значајна, затоа што ја документира комплексноста на регионот, и проблематична, затоа што ја репродуцира историографската рамка што ја игнорира локалната самоидентификација.
Авторот се стреми кон кохерентност, но под тежината на документите неговата конструкција се поништува сама по себе!
Во духот на филозофската мисла на Никола Милошевиќ, кој мудро забележува дека „никому досега не му успеало своите идеи да ги изложи на начин целосно хармоничен и кохерентен, лишен од сите можни противречности“, може да се каже дека токму А.Н. Сквозников е пример за тоа како еден автор, иако се стреми кон логична доследност, во сопственото дело несвесно се побива себеси.
Сквозников ја гради својата монографија „Македонија кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век – јаболко на раздорот на Балканот“ (издадена во Самара, 2010 година, во рамките на Институтот за руска историја при Руската академија на науки и Самарската хуманитарна академија) врз тезата дека мнозинството словенско население во Македонија на крајот од 19 и почетокот на 20 век било „македонски Бугари“. Оваа теза е ‘рбетот на неговиот текст, патоказот што треба да го води читателот низ аргументацијата. Таа е во согласност со традиционалната руска и бугарска историографска рамка, која ја гледа Македонија како дел од бугарскиот етнички простор. Но токму во моментот кога ја изложува оваа теза, Сквозников ја поткопува со сопствените извори.
Руските конзули и дипломати, кои ги цитира, сведочат за сосема друга реалност: населението во Македонија немало изградено силно национално сознание, во многу села упорно се нарекувале „Македонци“ или „македонски Словени“, а јазикот што го зборувале бил толку посебен што заслужувал да се именува како „македонско наречје“. Конзулите дури забележуваат дека називите „Бугарин“, „Србин“ или „Грк“ биле политички етикети наметнати од соседите, а не автентична самоидентификација на луѓето.
Така, Сквозников ја поставува својата теза како патоказ, но аргументите што самиот ги донесува ја разнишуваат. Наместо да ја потврдат неговата идеја, тие ја доведуваат во прашање и отвораат простор за признавање посебен македонски идентитет. Ова е класичен пример на контрадикторна теза: авторот се стреми кон кохерентност, но под тежината на документите неговата конструкција се поништува сама по себе.
Што вели Сквозников за етничкиот состав на Македонија?
Еден од највпечатливите аспекти во монографијата на А.Н. Сквозников е токму начинот на кој неговата нарација се движи меѓу две спротивставени рамки: од една страна, традиционалната руска историографска перспектива, наследена од 19 и 20 век, која ја пренесува како дел од академската традиција; од друга страна, сведоштвата на руските конзули и дипломати, кои со своите извештаи ја документираат реалноста на теренот и често ја побиваат таа историографска шема. Оваа двојност создава серија контрадикторности што ја прават неговата работа истовремено значајна, затоа што отвора простор за нови интерпретации, и проблематична, бидејќи го репродуцира старото гледиште без да го надмине целосно.
Во сопствената нарација, Сквозников ја опишува Македонија како етнички хетерогена земја, резултат на османлиската национална политика, која со векови ја одржувала и ја засилувала шареноликоста на населението. Тој наведува дека од околу 2,5 милиони жители на почетокот на 20 век, мнозинството биле Словени – кои ги класифицира како „Бугари и Срби“ – една третина биле Турци, а Грците и Албанците следувале по бројност. Покрај нив, во Македонија живееле и Власи (Романци), Евреи, Роми и Черкези, што ја прави земјата вистински мозаик на народи и култури.
За да ја поткрепи оваа слика, Сквозников се повикува на сведоштвата на странски истражувачи. Рускиот славист од бугарско потекло П.Д. Драганов, кој ја посетил Македонија во 1880-тите, забележал дека „ниту една земја во Европа, ако Кавказ, кој не може да се смета за целосно европски, не претставува, на релативно мала површина, толку голема мешавина од различни јазици, култури и племиња како модерна Македонија“. Со оваа констатација, Драганов ја нагласува уникатноста на Македонија како простор каде што етничките и културните линии се испреплетуваат до степен што ја прават неповторлива во европскиот контекст.
Британскиот истражувач Лорд Кинрос, пак, ја опишува Македонија како минијатура на Отоманската Империја: „Претставува мешавина од најразновидните националности, јазици и религии без присуство на јасни географски граници меѓу нив, што ги осудувало на континуирани конфликти и меѓу себе и со турските покраински власти“. Оваа забелешка ја засилува идејата дека Македонија не може да се разбере како едноставен етнички простор, туку како комплексна арена каде што различните заедници живеат во постојана интеракција, но и во постојан судир.
– Со оглед на општата ранливост на христијанското население, состојбата на различните национални заедници во Македонија се карактеризираше со значајни нијанси. Најтешка беше состојбата на македонските Бугари, од кои мнозинството живееја во села каде што селаните беа подложени на најтешките форми на национално и социјално угнетување. Понатаму, покрај турскиот јарем, сите македонски Бугари беа подложени на духовно и економско угнетување од грчката патријаршија во Цариград. Грчката религиозна доминација беше изразена во наметнувањето на грчкиот јазик во верските служби и во образовните институции во Македонија. Овие околности негативно влијаеја врз целокупното ниво на општествен и културен развој на македонските Бугари – пишува Сквозников во својата монографија.
Со овие аргументи Сквозников ја поставува Македонија како јаболко на раздорот – земја каде што етничката шареноликост и геополитичките интереси се испреплетуваат, создавајќи нестабилност и конфликти. Но токму тука започнува контрадикторноста: додека во својата нарација тој го користи терминот „македонски Бугари“ и ја пренесува традиционалната руска историографска рамка, неговите извори – конзулските извештаи – сведочат за сосема поинаква реалност, во која населението се самоопределува како „Македонци“ и зборува на сопствено наречје.
(Утре: Руски историски извори од почетокот на дваесеттиот век за самобитноста на македонскиот народ)

































