Фото: Горан Анастасовски

Има ли волја во Брисел за отстранување на билатералните прашања од евроинтегративниот процес?

Несомнено Македонија покажа искрена волја да ја исполни својата стратегиска цел, членство во ЕУ, па дури за таквата повисока цел жртвуваше работи што ниту една земја не е подготвена да ги жртвува, почнувајќи од промената на името и знамето, жртвувајќи дел од идентитетот и белезите што се македонско одличие, само што поскоро да стане дел од европското семејство. Тоа „што поскоро“ се претвори во агонија без крај, во која со секој нов ден излегуваат ново и ново барање, што кај граѓаните ја наметнува дилемата дали е оваа истата таа ЕУ што беше наша стратегиска цел?

Процесот на евроинтеграција на Македонија од неговиот почеток до денес во ниту еден момент не претставуваше јасно одредена насока на движење базирана врз заслуги и исполнување на Копенхашките критериуми, туку исклучиво се работеше за компромитирање на македонскиот европски пат со билатерални прашања што немаат никакви допирни точки со условите за членство во ЕУ.

Таквиот непрагматичен европски пристап, со изместени критериуми, без план, рокови и јасна временска рамка кога би можело Македонија да ги заврши пристапните преговори, само дополнително ја зголеми недовербата кај македонските граѓани во искреноста на Унијата воопшто да ја прими земјава, што од друга страна создава чувство на дополнителна фрустрација и неволност што било да се направи во делот на реформите.

Македонија се вложи целосно, за ЕУ и тоа е малку

Несомнено Македонија покажа искрена волја да ја исполни својата стратегиска цел, членство во ЕУ, па дури за таквата повисока цел жртвуваше работи што ниту една земја не е подготвена да ги жртвува, почнувајќи од промената на името и знамето, жртвувајќи дел од идентитетот и белезите што се македонско одличие, само што поскоро да стане дел од европското семејство. Тоа „што поскоро“ се претвори во агонија без крај, во која со секој нов ден излегуваат ново и ново барање, што кај граѓаните ја наметнува дилемата дали е оваа истата таа ЕУ што беше наша стратегиска цел?

Од друга страна, Грција, а подоцна и Бугарија ја искористија шансата да го билатеризираат целиот македонски евроинтегративен пат, кој сега наликува на приказна на која не ѝ се гледа крајот. Грција ја доби битката за името и привремено е притаена додека не почне да испорачува нови барања, а Бугарија е во позиција да го контролира пристапниот процес на земјава и кога и да посака да излегува со нови барања, како што беше првото за уставни измени и впишување на македонските граѓани со бугарска самосвест во македонскиот Устав.

Европа со децении ги толерираше своите членки и дозволуваше внесување билатерални спорови во пристапниот процес, без да изготви некаков план, насоки или, пак, да покаже каква било волја за да се решат прашањата. Од една страна, инсистираше билатералните прашања да ги решаваме билатерално, од друга страна дозволуваше тие да станат услов во македонските евроинтеграции. Клучните предизвици ги решаваше ад хок, со постојани барања за испорачување од македонска страна и постојано зголемување на нашиот влог.

Токму таквата неизвесна ситуација во пристапниот процес создаде отпор кај македонските граѓани, кои иако доведени во состојба на разочараност, измаменост и апатичност, повеќе не се подготвени да се понижуваат и да ја жртвуваат иднината на сопствената земја за некаква нејасна и недефинирана цел.

Од тие причини македонскиот премиер Христијан Мицкоски повика на прекин на билатерализацијата на евроинтегративниот процес, истакнувајќи дека Брисел треба да покаже политичка волја за решавање на предизвиците што ја засегаат Македонија.
Според Мицкоски, проблемот не е во волјата на македонските граѓани или политичари за уставни измени, туку во подготвеноста на Европската Унија да ги реши овие прашања.

ЕУ испраќа лоши пораки

Поранешни дипломати и аналитичари се на ставот дека ЕУ мора да преземе нешто за да ја промени оправданата перцепција кај македонските граѓани дека зачленувањето на Македонија во ЕУ нема никогаш да се случи ако процесот продолжи на овој начин.
– Пораките што ги праќа Европа до Македонија не се охрабрувачки. Назначувањето на Грк за претставник на ЕУ во Македонија е многу лоша работа. Човекот можеби е добар дипломат, во тоа не навлегувам, но не е во ред. Во Советот на Европа имаме Бугарин што е известител за Македонија. Тоа се јасни пораки од ЕУ кон нас – вели Драган Јањатов, поранешен дипломат, притоа додавајќи дека треба да се престане со вазалската политика и да се почне со политики што ќе бидат на линија на македонските национални интереси.

За дел од аналитичарите, повикот на македонскиот премиер до Брисел да ги ослободи евроинтеграциите од билатералните прашања е разумен чекор.
– Она што го бара Мицкоски, да се тргнат билатералните прашања од пристапниот процес, всушност е можност и самата ЕУ да започне со внатрешниот реформски процес. Имено, Унијата најави дека една од првите промени ќе биде укинувањето на консензуалното одлучување, нешто што досега беше главна пречка за нашиот евроинтеграциски пат. Во таа насока, Брисел може јасно да стави до знаење дека билатералните прашања ќе се решаваат надвор од Унијата, како што го направи тоа НАТО на јулскиот самит во Вашингтон. ЕУ е свесна дека со толерирање на билатералните прашања дефинитивно ќе го закопа процесот на проширување, кој и онака е пред колапс, а неуспехот на тие политики, дефинитивно ќе значи можност за влез на трети страни и интереси на Балканот. Ако ЕУ е толку кусогледа, тогаш и самата нема светла иднина. Брисел како услов за секоја земја треба да ги постави критериумите од Копенхаген, начелата на меѓународното право и да се држи до нив. Тоа е единствената шанса ЕУ да си го исчисти образот и да ја врати довербата кај граѓаните, кои сѐ помалку веруваат во европските дволични политики – заклучуваат соговорниците.


Мицкоски: Подготвени сме да разговараме со Бугарија за уставни измени со одложено дејство

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека процесот на европска интеграција е двонасочна улица, притоа додавајќи дека не е прашање дали политичарите во Македонија имаат волја да гласаат за уставните измени со кои македонските граѓани со бугарска самосвест ќе бидат вклучени во Уставот, со што земјава ќе може да почне да ги отвора преговарачките поглавја со ЕУ, туку дали Унијата сака да го затвори овој проблем.
– Граѓаните, политичките партии во последните три децении повеќепати ја покажаа својата волја, прашање е дали Брисел има волја да го реши овој проблем. Затоа што ако има волја во Брисел, има начин – рече Мицкоски во завчерашното гостување во централниот дневник на телевизијата Алсат М.

Тој уште еднаш повтори дека македонската влада е подготвена да разговара со бугарската влада за нејзиниот предлог да стапат во сила уставните измени во земјава, но откако Македонија ќе стане членка на ЕУ.
– Имаме предлог што е образложен неколкупати и е логичен. Да ги завршиме преговорите и да видиме што и како ќе правиме. Да видиме што ќе биде со пресудите од Стразбур за македонската заедница во Бугарија, да видиме конечно за македонскиот идентитет, за јазикот итн. Имаме многу отворени прашања за кои треба да се разговара. Подготвени сме, сакаме да разговараме и да дебатираме и да најдеме решение. Затоа реков дека ако има волја, има и решение, но за тоа се потребни двајца – порача Мицкоски.

Според него, треба да се знае што планира Европската Унија за Македонија и јасно да го истакне тоа.
– Имаме целосно синхронизирана надворешна политика и безбедносна политика со Европската Унија и постојано ги следиме процесите што ги води ЕУ, но, за жал, последните две и пол децении од официјалното започнување на ова наше патување кон полноправно членство беа исполнети со многу предизвици. И овие предизвици се вештачки и овие предизвици секогаш се однесуваат и влијаат на македонскиот идентитет, сите без исклучок. Многупати во минатото беше засегнат македонскиот идентитет и се правеа отстапки на сметка на македонскиот идентитет – истакна Мицкоски, според кого, евроинтеграцискиот процес на земјава станува билатерален. С.Т.