
Македонското малцинство на локалните избори во Р Хрватска
- Според нашиот постојан соработник од Хрватска, Ангел Митревски, во последно време неодминлив впечаток е дека македонските друштва и здруженија во Република Хрватска на политички план се пасивни. Меѓу другото, Митревски за „Нова Македонија“ вели дека „тоа пасивизирање се должи на промената на генерациите на македонските иселеници, односно кај македонското малцинство во Хрватска“, но не е само тоа причината. Во минатото македонските здруженија имаа активни и продуктивни контакти со политичките фактори во Република Хрватска (кога тие барале и добивале), односно им беа исполнувани и одредени политички барања и ветувања. Но денес овие активности се намалени поради незаинтересираноста на наредната македонска генерација…, образложува нашиот соработник Ангел Митревски
- Исклучок кога станува збор за пасивизираноста на севкупното македонско малцинство е групацијата на Македонците со живеалиште во градот Сплит, каде што тие остварија одредени контакти со кандидатот што влезе во вториот круг на локалните избори, од кого се очекува да ги исполни своите ветувања кон македонската заедница, кои ќе донесат нов квалитет на нашинците во Хрватска. Бидејќи трката во Сплит се очекува да биде тесна, македонските гласови ќе бидат значајни во вториот круг, вели нашиот дописник Митревски
Првиот круг од локалните избори во Хрватска се одржа на 18 мај 2025 година, а вториот круг е закажан за 1 јуни 2025 година, каде што би било потребно. Овие избори ги одредија окружните префекти (жупанија), градоначалниците на градовите и општините, како и членовите на окружните, општинските и градските совети. Системот на гласање вклучуваше мнозинско гласање за префекти и градоначалници, додека членовите на советите беа избрани преку пропорционална застапеност. Едно од најголемите изненадувања дојде од Риека, каде што Ива Ринчиќ неочекувано добро се покажа, обезбедувајќи 41,07 отсто од гласовите, додека актуелниот градоначалник Марко Филиповиќ успеа да освои само 18,88 отсто. Аналитичарите забележаа дека кампањата на Ринчиќ ефикасно ги опфати помладите гласачи, особено миленијалците и генерацијата икс. Во меѓувреме, во Загреб, актуелниот градоначалник Томислав Томашевиќ, поддржан од зелената левичарска партија Можеме и СДП, освои 47,54 отсто од гласовите, обезбедувајќи силна позиција за вториот круг. Вториот круг на локалните избори во Хрватска ветува голема неизвесност, особено во неколку големи градови како Сплит, Загреб и Риека.
Како гласаа Македонците: Личниот однос и став кон кандидатот ставени пред колективните потреби, кои не се ниту координирани, ниту синхронизирани
Локалните избори во Хрватска во 2025 година донесоа голема неизвесност, особено во големите градови како Загреб, Сплит и Риека. Во Загреб, актуелниот градоначалник Томислав Томашевиќ од платформата Можеме! освои околу 47 отсто од гласовите, но недоволно за победа во првиот круг, па ќе се соочи со независната кандидатка Марија Селак Распудиќ во вториот круг.
Во Сплит, моменталниот градоначалник Ивица Пуљак од партијата Центар води со 35 отсто, додека кандидатот на ХДЗ, Томислав Шута, освои околу 30 отсто, што значи дека и таму ќе има втор круг. Најголемата сензација доаѓа од Риека, каде што независната кандидатка Ива Ринчиќ освои 40 отсто од гласовите, додека актуелниот градоначалник Марко Филиповиќ остана на 20 отсто. Ова е значајно бидејќи Социјалдемократската партија (СДП), која владееше со Риека повеќе од 30 години, остана без кандидат во вториот круг.
На овие избори македонското национално малцинство во Република Хрватска гласаше по лично убедување, меѓутоа одзивот на припадниците на македонскиот народ беше многу мал (како што всушност беше мал одзивот и на другите хрватски граѓани). Ова се должи пред сѐ на презаситеноста од политиката, вели Ангел Митревски, долгогодишен претставник на Македонците во Хрватска.
Според него, во овој момент македонските друштва и здруженија во Република Хрватска на политички план се пасивни, а тоа се должи на промената на генерациите на македонските иселеници, односно кај македонското малцинство во Хрватска. Имено, младата македонска генерација сака што побрзо да се етаблира во хрватското општество, притоа не е заинтересирана за зачувување и негување на своите македонски корени. Поради ова има апсурдни ситуации кога во едно семејство, каде што двајцата родители имаат македонски корени, не се говори на македонски јазик, нагласува Митревски.
– Во минатото македонските здруженија имаа контакти со политичките фактори во Република Хрватска, кога им беа и исполнети одредени политички ветувања. Но денес овие активности се намалени, поради незаинтересираноста на младата македонска генерација – рече Ангел Митревски.
Меѓутоа исклучок е градот Сплит, каде што Македонците остварија одредени контакти со кандидатот што влезе во вториот круг, од кого се очекува да ги исполни своите ветувања кон македонската заедница. Бидејќи трката во Сплит се очекува да биде тесна, македонските гласови ќе бидат значајни во вториот круг, вели Митревски.
Македонската заедница има традиционално добри односи со хрватската држава, но ние самите не сме во најдобар ред
Кога веќе зборуваме за состојбите во македонската заедница, додава Митревски, неизбежно е да се спомене дека и понатаму имаме одлична соработка со хрватската држава.
– Ние сме благодарни дека како македонска заедница и понатаму добиваме значајни средства за нашите активности, преку Советот за национални малцинства при Владата на Република Хрватска. Мислам дека годинава средствата се дури и зголемени над 10 проценти во однос на минатогодишните, што е најдобра потврда дека сме високо на листата на приоритети. Оттаму повторувам често дека односот на Владата и на државата кон нас се во најдобар ред, но ние самите не сме во најдобар ред.
Имено, не само што се намалува нашиот број поради она што го спомнав претходно, постарите полека заминуваат или се повлекуваат, а младите не се заинтересирани за заедницата, туку нашите организации дополнително се расцепкуваат. Ако ви кажам дека во моментов само во Сплит има три македонски друштва, тогаш тоа ви е доволна илустрација – резигнирано додава Митревски.
Притоа тој изрази незадоволство од работата на Заедницата на Македонците, која, според него, не се грижи еднакво за сите македонски друштва и организации во Хрватска.
– Заедницата се грижи само за шест друштва и другите како да не ја интересираат. Иста е ситуацијата и со списанието „Македонски глас“, кое воопшто не обрнува внимание на другите, освен на тие шест друштва. Па тоа е гласило на Македонците, а не на заедницата. Но, попусто, каков и да испратиме материјал од името на нашето друштво или од активностите на Македонците во Сплит, тоа не се објавува во списанието „Македонски глас“ – додава тој. Д.Ст.
Културните врски со Македонија нѐ одржуваат
Како светла точка на активностите на Македонците во Хрватска е културната соработка, пред сѐ со матицата, со Македонија, и тоа на повеќе нивоа, вели нашиот соговорник и соработник од Р Хрватска, Ангел Митревски.
– Неодамна во Хрватска гостуваше Мандолинскиот оркестар од Скопје, кој одржа неколку концерти, а на настапот во Омиш, кој беше прекрасен и ни ги наполни срцата, договоривме натамошна соработка и заеднички настап во Македонија, во повеќе градови, и тоа наесен со нашиот мандолински оркестар „Стоби“. Велам во принцип многу често организираме културни настани со гостување на македонски уметници и автори, сакаме и натаму да ја развиваме и збогатуваме оваа соработка – вели Митревски. Д.Ст.