Интервју со Ана Тимовска-Митрева, наставничка за реализирање дополнителна настава на македонски јазик во Швајцарија
Ана Тимовска-Митрева е родена во Скопје, по професија е дипломиран педагог, а завршила високо образование на Филозофскиот факултет при Институтот за педагогија. Таа потекнува од семејство на просветни работници, а нејзиниот татко Владо Тимовски беше универзитетски професор и декан на педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Митрева повеќе години живее во Локарно, Швајцарија, и со конкурс за наставници во странство објавен од македонското министерство за образование и наука стана наставничка за реализирање дополнителна настава на македонски јазик во Локарно, Муралто и околните места во италијанскиот кантон Тичино.
Во интервјуто за „Нова Македонија“, Ана Тимовска-Митрева говори за нејзините активности што се поврзани со промоцијата на македонскиот јазик и култура во Швајцарија, како меѓу македонската дијаспора, така и во швајцарското општество.
Зошто избравте да бидете наставничка по македонски јазик?
– Мотивацијата да бидам наставничка и да работам со деца произлезе од професијата на мојата сакана мајка Пенка Тимовска, која беше одделенска наставничка. Љубовта кон децата, трпеливоста, искреноста, одговорноста, креативноста, посветеноста на работата се само дел од доблестите (особините) што ги наследив од моите родители. Наставникот треба да биде пример за своите ученици со кој тие би сакале да се идентификуваат и да прераснат во личност со квалитети и одлуки. Мислам дека наставникот во текот на работата е потребно да остварува успешна комуникација со учениците, родителите и со другите одговорни лица од локалната управа. Потребно е наставникот да биде менаџер во својата работа, да ги следи иновациите во образованието и да ги практикува во работата. Како менаџер на часот, наставникот треба да ги познава сите свои ученици. И, секако, да практикува начини како да ги привлече и заинтересира да соработуваат и да комуницираат со сите другарчиња, соученици во училницата и надвор од неа, но најважно е да им ја приближи интересната страна на учењето (сепак да сакаат да прочитаат и да научат нешто). Мислам дека со посветеност и разбирање се постигнува успех. Врската наставник – ученик – родител во ниеден момент не смее да биде раскинлива.
Од каква природа се вашите ангажмани во Швајцарија?
– Откако сум ангажирана како наставничка по македонски јазик се ширеше кругот на заинтересирани ученици, се зголеми бројот на нови ученици, а со тоа и потребата да се отворат три нови училишта. Наставата ја изведувам во пет училишта: „Скуола елементаре ди Салеџи“ во Локарно, „Скуола медиа Локарно 1“ во Локарно, „Скуола медиа Минузио“ во Минузио, „Скуоле комунали Муралто“ во Муралто и „Скуола елементаре ди Солдуно“ во Солдуно. Наставата ја реализирам во пет работни групи со ученици од прво до деветто одделение, поделени во комбинирани паралелки. По редовната настава, која им завршува до 16 или 16.45 часот во зависност од часовите, доаѓаат кај мене на настава. Составот на учениците наметна потреба од приод во наставата што бара почитување на возраста и интересот на учениците. Голема е посетеноста и на воннаставните активности, односно на драмската, пејачката, рецитаторската и фолклорната секција. Со учениците што во изминатите години завршија деветто одделение и натаму остварувам соработка. Некои од нив сѐ уште играат во фолклорната група и ги подучуваат помалите ученици за полесно да ги совладаат чекорите на ората. Убавината е кога на едно оро ќе се фатат повеќе од 30 деца (игроорци) на возраст од пет до 22 години, претставувајќи ги нашиот фолклор, култура и традиција, вклучени во повеќе активности:
Како ги афирмирате македонскиот јазик и култура во Швајцарија?
– По моја иницијатива, во март 2008 година во кантоналната библиотека во Локарно, како и во училишните библиоеки каде што учат наши ученици, се отворија повеќе катчиња за книги, благодарение на соработката со градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и библиотекарското друштво на Македонија. Посебна благодарност до проф. Сузана Котовчевска, која е и иницијаторка за отворање студии по библиотекарство на Педагошкиот факултет. Благодарение на соработката со Агенцијата за иселеништво и Билјана Костова, дел од книгите во библиотекарското катче и едукативните помагала за учениците ни пристигнаа по пошта од Македонија и се составен дел во наставата. Објавив статија во весникот „Ла лавања“ на училиштето „Скуола медиа Локарно 1“, во која пишувам за дополнителната настава на нашите ученици и за воннаставните активности. Имам објавено краток прилог и во книгата „Заедницата на македонските друштва во Швајцарија“, во кој пишувам за првите печалбари во кантонот Тичино и за активностите на иселениците.
Со наставниците по македонски јазик во светот остваривме неколку средби на Зум и притоа разговаравме за начинот на работа, идеи, сугестии, меѓу кои и предлог за одбележување на празникот Велигден, 5 Мај – Денот на македонската азбука и македонскиот јазик, 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј. Се подготвија повеќе заеднички видеа, со цел да се промовира учењето на македонски јазик. Може да се видат на фејсбук-страницата „Учиме македонски“, Здружение на наставници по македонски јазик во светот. Во периодот од 20 до 31 март 2023 година се одржа Фестивалот на јазиците во повеќе основни училишта во кантонот Тичино. По вторпат учествував на фестивалот во училиштата и одржав предавање во деветтите одделенија за македонскиот јазик и национална култура. Учениците покажаа особен интерес, активно учествуваа и размислуваа, пишуваа зборови на македонски јазик и им поделив соодветен материјал. Часовите ги завршував со играње македонско оро. Благодарност до организаторите, професорот по француски јазик Едоардо Бајандер, и до професорката по германски јазик Мариа Лољо за поканата и соработката што ја остваруваме.
Дали соработувате со некои од македонските организации и здруженија во Швајцарија?
– По покана на Македонскиот национален совет – Швајцарија (МНС), на 20 мај 2023 година учествував на манифестацијата „Заедно за Македонија“, организирана во Вилмерген. На оваа манифестација на МНС беа присутни претставници од различни македонски друштва во Швајцарија, ценети професори од Македонија, академик д-р Љупчо Коцарев, проф. д-р Наташа Котлар и проф. д-р Бранислав Светозаревиќ. Притоа, ми беше доделена благодарница за долгогодишното афирмирање на македонската култура, јазик и традиција во кантонот Тичино – Швајцарија. Имам повеќегодишна соработка со Црковниот одбор при МПЦО „Пресвета Богородица“ од Локарно, со учество на учениците во одбележувањето на нашите позначајни празници Рождество на Пресвета Богородица и Велигден. Исто така имам соработка со фудбалскиот клуб „Македонија“ и со претседателот Мите Петров во организирање спортски активности на учениците (натпревар во фудбал меѓу екипите од училиштата, скокање во далечина, влечење јаже и др.). Првиот турнир во фудбал го организиравме на 10.5.2009 година, на стадионот во Аскона, каде што учествуваа над 100 ученици на возраст од шест до петнаесет години. Посетеноста беше голема од наши сограѓани од Локарно, како и наши граѓани од Пјаченца – Република Италија, претставници од Амбасадата од Берн, наставници од училиштата каде што изведувам настава и сл. Со гордост би сакала да го спомнам и нашиот најуспешен фудбалер Илија Масларов, кој актуелно игра во ФК Лугано, но истовремено на свои 16 години игра за швајцарската фудбалска репрезентација во класата на фудбалери У 16 години. По потекло е од Струмица, роден во Локарно – Швајцарија, во 2007 година, а порано беше мој ученик по македонски јазик, па дури учесник во игроорната секција. Му посакуваме среќна и успешна кариера во иднина.