Одбележана 119-годишнината од смртта на македонскиот војвода Атанас Тешовалијата
- Претставниците на македонското малцинство во Република Бугарија ја одбележија 119-годишнината од смртта на македонскиот војвода Атанас Тешовалијата во неговото родно место. Настанот и присуството на членовите на ОМО „Илинден“ – Пирин, ОМО „Илинден“ и на Друштвото на Античките Македонци не беa случајни. Имено, Атанас Тешовалијата е симбол на борбата против врховизмот и великобугаризмот во пиринскиот крај
- Атанас Тешовалијата се одметнал како ајдутин во 1897 година и како таков дејствувал во реонот на Пирин Планина. Тој бил во четите на старите ајдутски војводи, како што се Дончо Златков и Кочо Муструкот. Во 1899 г. во селото Горно Броди, Атанас Тешовалијата се сретнал со Гоце Делчев и пристапил во редовите на Македонската револуционерна организација (МРО), а во 1901 година бил назначен за реонски војвода во Неврокопската околија
Припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија продолжуваат со активностите што се во правец на промовирање на македонските особености – историја, јазик, култура итн. Последен ваков настан се одржа на 2 јуни во селото Тешово, во Неврокопско (денес Благоевградска област) пред споменикот на македонскиот војвода Атанас Стојанов Шабанов, познат како Атанас Тешовалијата, по повод 119 години од убиството на овој македонски револуционерен деец.
На свечениот настан присуствуваа членовите на ОМО „Илинден“ – Пирин, ОМО „Илинден“ и на Друштвото на Античките Македонци, кои му оддадоа почит на Атанас Тешовалијата и положија венци пред неговиот споменик, а подоцна во локалниот верски храм беа заплени и свеќи во спомен на сите загинати македонски борци за слободата на Македонија. Пред присутните имаше јавно обраќање, во кое беше нагласено дека станува збор за значајна личност од историјата на македонскиот народ. Меѓу другото беше посочено дека Атанас Стојанов Шабанов е роден во селото Тешово, а се говореше и за неговото учество во Македонското (Кресненско) востание во 1878-1879 година.
Некои од присутните исто така посочија дека Атанас Тешовалијата се одметнал како ајдутин во 1897 година и како таков дејствувал во реонот на Пирин Планина, како и дека бил во четите на старите ајдутски војводи, како што се Дончо Златков и Кочо Муструкот. На свеченоста исто така беше нагласено дека во 1899 во селото Горно Броди, Атанас Тешовалијата се сретнал со Гоце Делчев и пристапил во редовите на Македонската револуционерна организација (МРО), како и дека во1901 година бил назначен за реонски војвода во Неврокопската околија. Пред присутните исто така беше укажано дека како војвода на МРО, Атанас Тешовалијата извршувал поширока организациска дејност и основал комитети на Македонската револуционерна организација во сите села низ Неврокопската околија. Од неговата револуционерна активност, на настанот особено беше нагласена неговата соработка со Јане Сандански, како и нивната заедничка борба против врховистите, како што е борбата со нив од април 1902 година во селото Банско. Беше нагласено и неговото учество во Илинденското востание, како и неговата борба со аскер на планината Црна Гора кај селото Зрново, Драмско.
Тешовалијата загинува на 12 мај 1905 година на планината Али Ботуш кога неговата чета имала оружен судир со припадниците на османлиската армија.
– Одбележувањето 119 години од смртта на Атанас Тешовалијата од страна на припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија, како и присуството на членовите на ОМО „Илинден“ – Пирин, ОМО „Илинден“ и на Друштвото на Античките Македонци не е случајно. Имено, Атанас Тешовалијата имал ајдучки дух, но за разлика од другите ајдучки војводи, како што се Дончо Златков и Кочо Муструкот што потпаднале под врховистичко влијание, се борел за слободата на Македонија, ги бранел македонските револуционерни идеали и храбро застанал пред великобугарските идеали. Тешовалијата се чествува затоа што тој е симбол на борбата против врховизмот во Неврокопската околија, нагласија некои од присутните на настанот во чест на 119 години од убиството на Атанас Тешовалијата. Д.Ст.