Советот на Европа во петтиот мониторинг-извештај за Република Албанија на Советодавниот комитет за спроведување на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства ја скенира ситуацијата во Албанија и побара од нашиот западен сосед да преземе позитивни мерки за гарантирана застапеност на малцинствата во албанскиот парламент
Иницијатива на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во Р Албанија
Претставниците на македонскиот народ во Република Албанија продолжуваат со своите активности за унапредување на малцинските права во согласност со меѓународното право за човекови и малцински права, како и европската пракса и регулатива. Во овој правец беше и последната иницијатива на Васил Стерјовски, претседател на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) за загарантирани места на македонското малцинство, но и на другите малцинства, во албанскиот парламент. Инцијативата на Стерјовски е во согласност со праксата на неколку држави од Европската Унија, но и поголеми и повлијателни држави, како што е Руската Федерација. Претходно, Советот на Европа во петтиот мониторинг-извештај за Република Албанија на Советодавниот комитет за спроведување на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства ја скенира ситуацијата во Албанија и побара од нашиот западен сосед да преземе позитивни мерки за гарантирана застапеност на малцинствата во албанскиот парламент.
Предлог-решение е преземање на најдобрите европски практики
Васил Стерјовски, како претседател на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), но и претставник на македонското малцинство, укажа дека постојниот пропорционален изборен систем во Република Албанија е дискриминаторски и малцинствата мора да имаат загарантирани места за да се слушне нивниот глас. Според него, најдобро решение е преземање на најдобрите европски практики од европските земји што го решија проблемот со застапеноста на малцинствата, како Хрватска, Словенија, Косово, Романија, скандинавските држави, Руската Федерација итн., кои имаат различни модели, но имаат загарантирани места за малцинствата. Тој исто така потсети и на минатогодишниот извештај на Советот на Европа, во кој од албанските власти се бараат позитивни чекори за подобрување на положбата на малцинствата, вклучувајќи и гарантирана застапеност на малцинствата во албанскиот парламент.
Претседателот на единствената македонска партија во Република Албанија исто така потсети дека македонската, ромската, влашката и египетската заедница упатиле барања до Специјалната комисија за изборната реформа, за загарантирани места во парламентот, но за ова прашање мора да има политичка волја, особено од власта и од опозиција.
– На пример, во Хрватска, Албанците, Македонците, Бошњаците, Црногорците имаат загарантирано место. Има и други модели како во Романија и покрај бројот на малцинствата, на пример, официјално има 500 регистрирани Албанци, нивниот број сигурно е поголем, но официјално според статистиките се 500 луѓе, па имаат загарантирано место. Запишани се 5.000 Македонците и тие имаат загарантирано место во парламентот. Значи, постојат различни модели. Главно, суштината е да постои политичка волја, да се согласат и власта и опозицијата – нагласи Васил Стерјовски
За постојниот пропорционален регионален систем во Република Албанија, Васил Стерјовски вели дека е многу тешко припадниците на македонскиот народ да имаат свои пратеници и да бидат избрани во албанскиот парламент.
– Тоа е така бидејќи ние како малцинства живееме на целата територија на Република Албанија, не само во посебни области и од оние посебни области каде што ние сме традиционално, особено по 1990-тите, се преселивме во големите градови на Албанија за подобар живот и затоа е навистина тешко со овој систем да бидеме претставени во парламентот. Ние секогаш како мали партии се трудиме да правиме различни коалиции со поголемите партии – вели претседателот на единствената македонска партија во Република Албанија.
Според него, благодарение на овие различни коалиции, Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) како партија што ја претставува македонската заедница успеала пред две години тој да биде пратеник во албанскиот законодавен дом.
– Секогаш се трудиме да ја најдеме коалицијата што ќе ни гарантира подобро место на листите за да бидеме претставени, но секогаш е тешко со големите партии, кои ни нудат места во долниот дел од листите. Затоа, токму за ова наше барање ја имаме поддршката од Советот на Европа што ни препорачува, дека во крајна линија е меѓународна обврска ние да имаме наш глас во парламентот – нагласува Васил Стерјовски.
Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во очекување на
одговорот од Специјалната комисија за изборната реформа
Во однос на коалицирањето на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) на албанските парламентарни избори, кои треба да се одржат во мај идната година, Васил Стерјовски изјави дека очекува одговор од Специјалната комисија за изборната реформа во однос на барањата, по што како партија ќе одлучат како ќе постапат, нагласувајќи дека нивната главна цел што сакаат да ја постигната е припадниците на македонскиот народ да имаат свои претставници во албанското собрание. Д.Ст.
Барањето е во согласност со праксите на Европската Унија
Инцијативата на Васил Стерјовски и на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) за загарантирани места на македонското малцинство, но и на другите малцинства, во албанскиот парламент, наиде на позитивни реакции во Република Македонија, како и кај македонските малцинства во соседните држави и дијаспората. За оваа прашање разговараме со Горан Илијевски, аналитичар и претседател на Партијата на Македонците во Република Србија, кој инцијативата на припадниците на македонскиот народ во Република Албанија ја оцени како позитивен чекор кон понатамошно подобрување на човековите и малцинските права.
Според Горан Илијевски, во барањето на Васил Стерјовски и Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) за загарантирани места на малцинствата во албанскиот парламент нема ништо спорно. Впрочем тоа е европска пракса, а како пример може да се посочи Република Хрватска, која пред своето членство во Европската Унија им овозможи на малцинствата да имаат загарантирани места во хрватскиот Сабор, оттука припадниците на српскиот народ во Хрватска имаат свој претставници во претставничкото и законодавното орган на Хрватска, посочува Илијевски.
Според него, Албанија, која настојува да стане полноправна членка на Европската Унија, може да го следи примерот на Република Хрватска, но и на другите држави, како што се Словенија или скандинавските држави. Меѓутоа, за да се случи тоа, ќе биде потребна политичка волја од страна на албанските политички фактори. Од друга страна, Горан Илијевски вели дека е потребна поголема активност и од македонска страна, односно од македонската влада и македонските институции. Како решение за унапредувањето на малцинските права на македонскиот народ во Република Албанија може да послужи и меѓувладиниот договор помеѓу македонската и српската влада, кој има цел унапредување на малцинските права на Македонците и Србите во Република Македонија и Република Србија. Сличен меѓувладин договор може да биде склучен и помеѓу Тирана и Скопје, договор што на извесен начин ќе воспостави реципроцитет, доколку се земат предвид правата на албанската заедница во македонската држава, но и ќе претставува воспоставување на европската пракса.