Фото: весник „Илинден“

Празникот Голема Богородица одбележан во мала Преспа, албанија

Големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица беше одбележан во духот на традицијата негувана со векови од страна на Македонците во Мала Преспа, Албанија. Празникот Голема Богородица беше одбележан во селото Церје, каде што е патрон на селската црква. Иако поголемиот број жители од Церје се иселени, сепак за нив и за нивните поколенија важи изреката „каде и да се, за овој голем празник во Церје да се“. А заедно со нив, на одбележувањето беа присутни и жители од повеќе села во Преспа.
По богослужбата што беше одржана во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, одбележувањето продолжи со македонски песни и ора и скромна закуска во црковниот двор.
– Поради лошите услови за живот, повеќето од некогашните жители на селото се иселени во други градови во Албанија, пред сè во Корча, исто така и во Македонија и во Грција, но секогаш за овој празник сме тука, да се сретнеме, да се видиме и да се потсетиме на спомените од времето кога селото беше преполно од народ – велат жителите што се надвор од родното село.
Присутните во овој храм, кој датира од 1012 година, запалија свеќи и посакаа здравје, среќа и бериќет, а од Мајката Божја побараа да ги чува и штити Македонците од секакво зло каде и да се.
Голем број македонски семејства во Албанија го одбележуваат празникот Успение на Пресвета Богородица како домашна слава. Н.М.