Професионалец што за четириесетина минути на Широк сокак можеше да наполни цел весник со новинарски вести и информации
Ин мемориам: Менде Младеновски
Најтешка задача за еден новинар претставува пишувањето последен поздрав. Особено кога се пишува за колега новинар, а уште повеќе кога станува збор за близок пријател, другар, човек со кој дружењата и муабетите немаа крај. Така е и овој пат.
Почина Менде Младеновски. Така гласеше насловот на веста што го преплави медиумскиот простор. За жал, уште еднаш заминувањето на еден новинар стана новинска вест. Но овој пат тоа не беше само обична тажна вест. Затоа што Менде не беше само обичен, секојдневен човек.
Токму затоа велам дека е тешко човек да напише нешто, а да не потклекне пред емоциите. Како да напишам нешто за човекот со кој уште од првиот ден кога се сретнавме се најдовме на иста бранова должина. Било да се сретнеме на негов или на мој терен, во Битола или во Скопје, нашите разговори траеја со часови. Во Битола не ме пушташе да се вратам за Скопје, а во Скопје разговорите се прекинуваа единствено ако стигнеше порака од внукот дека треба да му го купи омилениот оброк. Порачките од внукот му беа на врвот на приоритетите.
На моите пријатели во Скопје како анегдота им раскажував дека Широк сокак се минува за десетина минути, но ако го минувате со Менде ќе ви требаат 40 минути. Немаше прилика со него да одиме по најградската улица во Битола, а од сите страни некој да не го вика само за да го поздрави или да му каже некоја нова информација, да му честита за утринската емисија на радиото… Едноставно, во тие четириесетина минути тој можеше комотно да собере информации за цел еден весник.
А и седнувањето в кафеана не се разликуваше многу. И тука луѓе постојано приоѓаа и сликата се повторуваше. Па дури и во Скопје, кога ќе седневме некаде, постојано некој му приоѓаше да го поздрави, да му честита или едноставно да се запознае со него.
Таков беше Менде, човек за народот и со народот.
Многумина го паметат и како водач на протестите за пропаднатата штедилница ТАТ, кога секојдневно тој беше исправен пред илјадници битолчани, кои се обидуваа да дојдат до своите заштеди. Издржа, наспроти сите притисоци, и ја изнесе докрај борбата.
Но пред сѐ и над сѐ, Менде беше новинар од голем маштаб, кој неколку децении се будеше и си легнуваше со своите медиуми. Иако формално во пензија, тој не им робуваше на административните протоколи. Наутро седнуваше во радиото Б97 и ги тераше битолчани на штрек да го слушаат катаден, очекувајќи што ново ќе им открие од животот на градот или на државата, а за што другите не сакаат или не знаат ниту да проговорат. По завршувањето на редовната емисија, тој се префрлаше на обврските на својот „Битолски весник“, на чии 60 години, тукуречи вчера заедно им се радувавме и ги прославивме на величествен начин. И конечно, но не со најмалку елан, тој беше секојдневно ангажиран како дописник на „Нова Македонија“. Никогаш нема да ги заборавам неговите зборови „брату, имам тема“, кога со детска радост најавуваше некоја интересна тема што само тој ја открил. Без многу зборови се разбиравме и се договаравме, а тој крајно професионално си ја одработуваше задачата.
Речиси да немаше област за која Менде не беше подготвен да пишува. Доволно беше само да размениме две-три реченици и тој веднаш знаеше кај да го најде најдобриот извор за својата тема. А ако немаше актуелен извор, се повикуваше на богатото искуство, на непрегледната архива текстови пишувани за голем број домашни и странски медиуми, пред сѐ оние во бившојугословенските земји, каде што исто така имаше плејада блиски пријатели, на кои можеше секогаш да се повика.
Тоа беше нашиот Менде, човекот за кој може да се зборува со денови и пак да останат многу работи недоискажани. И затоа, сосема за крај, кога душата е можеби празна поради разделбата, останува богатството од убави спомени, кои никогаш нема да избледнат.