Македонија во континуитет е под опсада на разни магливи појави во делот на надворешната политика, економијата, енергетиката, правосудството итн. Едноставно, во сите овие области со години се соочуваме само со сеење магла. Деновиве на ова се надоврза и атмосферската магла како временски феномен, која во комбинација со загадувањето може да предизвика штетни последици по здравјето на луѓето.
Имаме ли решение и како да се справиме, за почеток, со оваа атмосферска магла? Следуваат неколку иновативни и практични светски искуства, но и редица домашни интересни идеи
Македонија не е единствената држава што се соочува со опасната комбинација на атмосферската магла и загадувањето. Во изминативе години, Пекинг, главниот град на Народна Република Кина, се соочува со сличен предизвик. Дан Розенгарде, холандски уметник, предложи ексцентрично решение за проблемот со енормното загадување на воздухот во кинескиот главен град. Неговиот проект има цел да обезбедува чист воздух и да ги ангажира луѓето, односно да ги натера да станат дел од решението, а не да се чувствуваат како дел од проблемот.
Решението се состои од метална кула што создава балон од чист воздух и се состои од 45 сребрени плочи, слични на отворени ролетни. Во неа има инсталација за прочистување на воздухот, која работи постојано. Металната кула успева да улови повеќе од 75 отсто од честичките смог со дијаметар од 2,5 микрони до 10 микрони, да ги преработи и потоа да испушти чист воздух.
Генетско растение што го прочистува воздухот
Едно од решенијата за справување со можните негативни последици од комбинацијата на маглата и загадувањето е и генетски модифицирано растение. Францускиот стартап наречен „Неоплантс“ го модифицира растението епипремнум ауреум, односно златниот ползавец или ѓаволски бршлен, како и неговиот коренски микробиом, за да го создаде „нео П1“, моќен прочистувач на воздух. Сега ова суперефикасно растение се појави на пазарот и може да направи револуција во индустријата за прочистување на воздухот.
– Еден од ефектите на пандемијата е тоа што луѓето се многу посвесни за тоа што има во воздухот што го дишат – рече Патрик Торби, молекуларен биолог и главен технички директор на „Неоплантс“.
Научниците не застанаа тука, тие експериментираа и со микроорганизми што живеат во корењата на растението. Тие вметнале гени од екстремофилни бактерии, кои напредуваат во сурови средини со консумирање токсични хемикалии. Оваа промена значително го зголеми капацитетот на растението за метаболизирање на загадувачите.
Филтри на оџаците од куќите
Тројца средношколци од скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“, Теофилија Стоилковска, Марко Дураков и Мартин Стеванов, осмислија иновативно решение што се состои од филтер што се става на оџак и притоа не дозволува штетните честички да завршат во маглата или воздухот.
Тројцата ученици смислиле како може да се направи овој изум, но потешкиот дел бил самото правење на филтерот и нарачувањето на деловите.
– Филтрите што се користат во фабриките се многу ефикасни. Па, зошто истото, односно помала верзија да не може да се стави на оџак од куќа. Со ова размислување тргнавме – вели Теофилија Стоилковска. Според неа, најголема улога во изработката на филтерот има Марко, заедно со професорот по физика Цветко Неделковски, кој им бил ментор.
Нивната иновација се состои од адаптер што се поврзува на градската мрежа. Прво тој го снижува напонот за да го приспособи на вториот трансформатор, кој го претвора во високонапонски за да може од него, кога ќе се поврзе на цевките, да се формира електростатско поле меѓу нив. И, всушност, кога чадот поминува низ цевката, тука се лепат честичките во зависност од полначот што го имаат. Се инсталира над оџакот, а штетните честички се лепат на ѕидовите на цевките.
Електричен велосипед како решение за маглата и загадувањето
Студентите Филип Попоски, Ина Крстевска, Марко Насески, Мартин Спасовски, Игор Џамбаски и Александар Јанковиќ, инспирирани од актуелната состојба со воздухот, осмислија иновативно решение што се состои од електричен велосипед со вградени филтри за прочистување на воздухот.
Нивниот проект предвидува електричниот велосипед да биде достапен за сите, со што самите граѓани ќе придонесат во прочистување на воздухот. Идејата на студентите е тој да стане замена за јавниот градски транспорт.
– Ние сме свесни дека едно техничко решение не може да го реши целиот проблем, но сметаме дека ова е чекор во вистинската насока што барем малку ќе го подобри квалитетот на воздухот – вели Филип Попоски.
Заштита и превентива од комбинацијата на маглата и загадувањето
Маглата во комбинација со загадениот воздух може да предизвика проблеми кај болните од хронична опструктивна белодробна болест (ХОБ) или астма. Може да доведе до влошување на состојбата и тешкотии при дишењето, вели д-р Предраг Симјановски. Маглата и згадувањето може да ја влошат состојбата кај болните од карцином, леукемии, рак на белите дробови, на дишните патишта, како и кај разните видови алергиски болести, особено на кожата.
Според д-р Предраг Симјановски, граѓаните треба да користат маски со филтри, особено ФПП или КН95. Тој препорачува спортување или планинарење за викендите, особено надвор од поголемите градови, да се користат апарати за прочистување на воздухот во домовите и на работните места, како и да се земаат антиоксиданси и витамини, особено Е и Ц.