Фото: ЕПА

САД се свртени кон себе и кон политичката филозофија на нивниот претседател Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“ (МАГА). Од САД зрачи и новата политичка филозофија, како што не еднаш нагласи Трамп, дека секоја држава треба да си го штити својот суверенитет, и внатрешен и надворешен, да се врти кон своите проблеми и да не им се меша во односите на другите. Препознатливо ли е на кого би требало да се однесува ова, пред сѐ во случајот со Македонија, отворено прашуваат нашите соговорници

Опсервација на идеолошките аспекти на последната изјава за јавноста на американскиот амбасадор Кристофер Хил

Очигледно е дека Трамп успева да ја одбрани својата позиција на хоризонтот на американскиот идеолошки простор. Дури и американската „Дип стејт“ ја препозна реалноста на „кризата на глобализмот, хегемонизмот и унилатерализмот“, како и „старите методи на дејствување“. Така, и старата и искусна дипломатија на САД, вклучувајќи го и Кристофер Хил, ја сфати објективната потреба за „ревидирање на американската глобална стратегија во идеологијата, геополитиката, дипломатијата“…Од доаѓањето на Трамп, сето тоа е предмет на ревизија, вклучувајќи ја и политиката на САД за Балканот. Наедно, се препознава и почеток на новиот пресврт во историјата на американската хегемонија, со длабока ревизија на нејзината стратегија, идеологија, дизајн и структури. Токму тоа се контекстот и суштината на изјавата на реномираниот дипломат од кариера Кристофер Хил.
– Заврши времето кога една балканска земја можеше да дојде во САД и да се жали на друга балканска земја. Овој регион треба сам да си ги решава проблемите! Тој не е повеќе приоритет за САД и сите негови решенија за неговите проблеми мора да дојдат одвнатре. Тоа е во голема мера недовршена работа во Европа – изјави Кристофер Хил, сегашниот помошник-државен секретар за источноазиски и тихоокеански работи во владата на САД, кој е и поранешен амбасадор на САД во Република Македонија од 1996 до 1999 година, во времето на американскиот претседател Бил Клинтон.
Со оваа алелуја-изјава, Хил само го потврди она што веќе подолго време се навестуваше: дека САД се вртат приоритетно кон себеси, Балканот нема да биде повеќе нивен висок геостратегиски приоритет и интерес и оти овој регион ќе биде од Вашингтон малку повеќе – „олабавен“. А можеби и ќе влезе во нечија друга „латерала на интерес“. Во секој случај, прифаќањето на мултилатерализмот во идеолошката матрица на Трамп и САД, во основа ги ревидира либералниот пристап и идеологијата за глобална хегемонија и оди во насока на нејзино целосно демонтирање.
Токму во ваквата изјава на амбасадорот Хил се препознава новиот идеолошки пристап на инсистирање на Вашингтон за „процесот на созревање на националните држави на Балканот и нивна неопходна одржливост по сите битни предизвици на суверенитетот“ (економски, политички, енергетски, безбедносен, социјален, културен, историски итн.) и како такви, потоа, нивна интеграција (на балканските држави) во контекст на западната цивилизација, каде што САД треба да го соберат „Западот“ околу себе. Ова, според нашите соговорници, одговара токму на новата реалност во меѓународните односи, каде што се признава националниот суверенитет и не се бара негово укинување.

Дипломатијата на САД отворено во јавноста со дијагнозата дека има „недовршени работи за Брисел на Балканот“

Високата американска дипломатија посочува преку амбасадорот Хил дека постојат „недовршени работи за Брисел на Балканот“. Според соговорници, дипломати од кариера, „Белата куќа и, следствено, сега и американската дипломатија констатираа дека Европската Унија нема поим како да се справи со тоа, оти лута во својот геополитички концепт за Балканот“!
– САД со децении ги градеа и ги одржуваа својата улога и активности како „светилник за слободата и демократијата“, но и како „светски џандар број еден“. Сега се сменија околностите и Трамп и неговата држава се пренасочија кон Пацификот и кон геополитичкото и економското соперништво со Кина. Поточно, со своето доаѓање на кормилото на американската држава, Трамп ја врати во живот „доктрината на Монро“, на американскиот претседател Монро од 19 век, дека „западната полутопка на светот“ е примарен, првичен интерес и зона на интереси на САД. Во оваа зона на интереси Трамп и неговата администрација сега веќе ги исклучуваат и Балканот и европскиот континент. „Доктрината на Монро“ Трамп ја проткајува и со својата доктрина на американскиот суверенизам, која сѐ повеќе ја пресликуваат и ја прифаќаат и во Германија, Франција, Италија, во Романија, делумно во Полска, а првенствено во Унгарија на Виктор Орбан и во Словачка.
Кажано со други зборови, веќе е родена и се применува на дело и „европската доктрина на суверенизмот“, која е најдиректната основа, ајде да кажеме и сликовито, „пелената“ во која започнува да се „обвиткува“ новата „Европа на суверени нации“, односно новата „Европска Унија на суверени нации“, чии „бабици“ се токму Виктор Орбан, Роберт Фицо, Матео Салвини, лидерите на партијата Национално собирање на Франција, на Алтернатива за Германија, ни тврдат нашите соговорници, странски дипломати од кариера, во нашата земја.

Хил прогласи крај на унилатерализмот и хегемонијата на САД

Откако САД конечно прогласија крај на унилатерализмот и хегемонијата на САД, дека официјален Вашингтон дека нема повеќе ниту политичка ниту финансиска сила, а и ниту интерес да биде светски судија, а камоли „балкански гувернер и миротворец“, што може да се очекува? Што може да се случува?
– Живееме во сосема поинаква ера – констатира амбасадорот Кристофер Хил.
Точно, светот веќе живее, и тоа сѐ поинтензивно, во новата мултиполарна ера, во која има сѐ повеќе сили, нека се и регионални, кои веќе доминираат било на едната, било на другата полутопка на планетата Земја.
САД се свртени кон себе и кон политичката филозофија на нивниот претседател Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“ (МАГА). Од САД зрачи и новата политичка филозофија, како што не еднаш нагласи Трамп, дека секоја држава треба да си го штити својот суверенитет, и внатрешен и надворешен, да се врти кон своите проблеми и да не им се меша во односите на другите. Препознатливо ли е на кого би требало да се однесува ова, пред сѐ во случајот со Македонија, отворено прашуваат нашите соговорници.
Ставовите на Кристофер Хил, кои ја одразуваат официјалната политика на Трампова Америка, значат и своевидна директна, или индиректна сеедно, порака и за Македонија дека ние треба сериозно да ги сфатиме оваа изјава и тие негови ставови како укажување дека и ние самите треба да бараме проактивно решение за своите проблеми со идентитетот, јазикот и историјата, кои ни ги испроблематизираа „добрите соседи“ Грција и Бугарија со штедрата, великодушна поддршка на неолибералната Европска Унија.
А САД, со нивната поддршка во името на „Стратегискиот договор со Македонија“, може потоа да ни бидат коспонзор на нашите резолуции чија содржина треба да се верификува преку највисоките меѓународни институции (на пример ООН), се разбира во рамките на меѓународното право и предвидени процедури, преку заемна поддршка, мир и со дипломатски решенија и механизми.

Свето Тоевски