ДИПЛОМАТСКА ЧИСТКА НА ТРАМП
- Веста дека претседателот Трамп во еден ден отповикал 29 амбасадори, меѓу кои и амбасадорката во Скопје, Анџела Агелер, беше очекувана откако се стави катанец на УСАИД. Сега е уште појасно дека Вашингтон оди уште подлабоко во битката со длабоката држава, каде што сосема убаво се гледа и Македонија како кота на американскиот суверенистички радар
„Почитувани, ви ги праќам тезите за интервјуто. Се надевам наскоро ќе се вклопиме во дневните обврски на амбасадорката Агелер и ќе го направиме интервјуто.
Со почит“…
Нашето барање како редакција на „Нова Македонија“, најстариот дневен весник во земјава, кој излегува повеќе од 80 години, веројатно сѐ уште стои во некоја папка на амбасадорката на САД, иако тоа беше испратено по електронска пошта на 17 декември 2024 година. Не се вклопивме во дневните обврски на амбасадорката. Тезите за интервјуто главно се однесуваа на стратегиското американско-македонско партнерство, како и за корупцијата, но, за жал, немавме можност да ја интервјуираме Анџела Агелер и да остане наш архивски материјал со дипломат на една од најважните држави за нас – Америка. Тоа, сега е и отповеќе јасно, нема да се случи затоа што амбасадорката Агелер е отповикана од амбасадорската должност.
Не знаеме зошто Агелер не ни даде интервју, а знаеме зошто е отповикана. Можеби меѓу одбивањето за интервју, без образложение, и нејзиното отповикување, за кое се тврди дека и тоа било наводно без објаснување, туку и било јавено телефонски, може да шпекулираме и да го најдеме одговорот. И кон ова ќе додадеме една ноторна вистина – нема пријателство меѓу новинари и дипломати, тоа е еден строго професионален однос, иако понекогаш тоа не изгледа така, затоа што дипломатот стои зад државната политика, а новинарот зад уредувачката политика, но она што е важно – постојат односи меѓу државите. И тука остана нашата неодговорена дилема.
ОЧЕКУВАНА ОДЛУКА ЗА АМБАСАДОРСКА СЕЧА
Веста е дека администрацијата на Доналд Трамп, пред сѐ на државниот секретар Марко Рубио, смени во еден ден 29 амбасадори или шефови на мисии, меѓу кои и амбасадорката Агелер. Тие имаат рок до средината на јануари в година да ги спакуваат куферите и да се јават во Стејт департментот, каде што ќе добијат нови обврски. Некои ќе заминат во пензија. Дипломатската метла на претседателот Доналд Трамп најмногу зафати земји од Африка, а од нашиот регион билет во еден правец ќе вадат и амбасадорите во Словачка, Црна Гора и во Ерменија, а од поголемите држави важно е да се обележи повлекувањето на амбасадорот во Египет.
Државниот секретар Марко Рубио на прес-конференција минатата недела изјави дека доставил нов список со стотици дипломати номинирани за унапредување откако администрацијата на Трамп ги приспособи критериумите и панелите на оние што го надгледуваат процесот на унапредување. Таа политика се потпира на три столба – разновидност, еднаквост и инклузија, при што ќе им се дава поддршка на кандидатите од малцинствата во различни владини агенции.
И оваа одлука се очекуваше, откако пред една година почна длабокото проветрување во Стејт департментот, а највидливо беше со ставањето катанец на агенцијата УСАИД. Според извори во Вашингтон, како и од дипломатскиот синдикат, од стапувањето на власт Трамп повлекол 80 амбасадори и шефови на мисии постaвени од неговиот претходник, претседателот Џо Бајден. Што е важно во овој последен потег? Тоа е доказ дека се повлечени (речиси) сите дипломатски структури на Бајден, при што познавачите на состојбите нагласуваат дека тоа е уште еден удар врз длабоката држава. Идеолошкото прочистување (пургаторио) во американското општество се гледа дека се одвива систематски, чекор по чекор и оди сѐ подлабоко. МАГА (суверенистите) не запираат, и покрај сериозните отпори на моќни структури што се ставени во еден пакет – длабока држава.

ВАШИНГТОН БАРА ДИПЛОМАТИ ЗА КОИ „АМЕРИКА Е НА ПРВО МЕСТО“
Стејт департментот соопшти дека отповикувањата се стандарден процес во секоја администрација.
„Амбасадорот е личен претставник на претседателот и право на претседателот е да обезбеди дека во овие земји има поединци што ја промовираат агендата ’Америка на прво место’“, се наведува во соопштението.
Инаку, вообичаено е новата администрација да си поставува свои амбасадори, главно дипломати од кариера, како што е случај и со сегашните што се отповикани, некои порано, некои пред крај на мандатот. Но, сега се истакнува дека Трамп нема доверба во кадрите на либералите, што е уште еден аргумент за тоа дека идеолошкиот конфликт е во тек, и тоа сериозно. Впрочем, цифрата на разрешени службеници во Стејт департментот е со три нули, а многу кадри си заминале и своеволно.
За нас како држава е клучен терминот „длабока држава“ и треба и овде да си го поставиме прашањето – дали можеме заедно со нашите партнери во САД да направиме нешто во борбата со таа длабока држава. Очигледно таа не била лоцирана само во УСАИД. Постои голема веројатност информации околу ова прашање да се разменуваат по дипломатски канали.
ОСТАНА ЛИ АХМЕТИ БЕЗ АМЕРИКАНСКИ ВЕТАР ВО ГРБОТ?
Тезата дека „амбасадорите служат по желба на претседателот, без оглед на тоа дали се политички номинирани или членови на надворешната служба“, очигледно веќе не важи, затоа што тимот на Трамп по длабоките анализи и скенирање заклучил дека работите отишле предалеку од тоа што се дефинира како американски стратегиски национален интерес.
Ние се сеќаваме дека своевремено предвреме беше повлечен американскиот амбасадор во Македонија Мајк Ајник, кој знаеме дека беше голем поддржувач на нашата земја, а на негово место беше инсталиран Лоренс Батлер, со сосема нова улога и инструкции за неговиот мандат во земјава. Тогаш се создаде и таканаречената „ганс енд роузис коалиција“ (ДУИ и СДСМ). Затоа и сега, по ова длабоко дипломатско проветрување, можеме да го поставиме прашањето: Дали сегашната агресивна реторика на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, не е предизвикана од промените на американската политика, која не му оди во прилог? Го изгуби ли Ахмети американскиот ветар во едрата? Ние сме уверени во тоа, затоа што го земаме предвид Законот за овластување за национална одбрана на САД за 2026 година, каде што со потписот на Трамп се истакнува американската улога на Западен Балкан. Повеќе од очигледно е дека регионот, како и поединци, политичари, групи, ќе бидат под будното око на Вашингтон за да не излезат нештата од контрола. Тоа ќе значи и дека врските на локалните лидери, бизнисмени или, општо кажано, индивидуи со врски со длабоката држава ќе бидат под надзор на Трамповата (веруваме и нашата) администрација, а владата ќе биде задолжена да го спроведува тоа во духот на партнерството. Така што, и повлекувањето на амбасадорите, меѓу кои е и Агелер, е токму во тој обемен пакет на американската администрација, кој оди заедно и со новата американска Стратегија за национална безбедност, која ја остави Европската Унија со прстот во уста, односно на извесен начин ја дефакторизира. Дали САД повлекоа нови линии на влијание и на интереси во Европа? Можеби тука треба да се постави дополнително прашање како одговор: Зошто го прават тоа?

































