Со Васил Стерјовски разговараме за проблемите со кои се соочува македонското национално малцинство, како и за други прашања, како на пример која е улогата на Македонија како матична држава во грижата за Македонците во Албанија и за активностите на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ)
Васил Стерјовски – претседател на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во Албанија
Васил Стерјовски е еден од најактивните Македонци во Република Албанија. Тој е претседател на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), единствената македонска партија во Албанија, и на друштвото македонско „Сонце“. Стерјовски е магистер по историски науки и прв пратеник во албанскиот парламент (16 мај 2019 до 9 септември 2021) што јавно се декларира како Македонец, како и прв што се обрати на македонски јазик во албанскиот законодавен дом. Со него разговараме за проблемите со кои се соочува македонското национално малцинство, како и за други прашања, како на пример која е улогата на Македонија како матична држава во грижата за Македонците во Албанија и за активностите на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
Кои се главните проблеми со кои се соочуваат припадниците на македонскиот народ во Албанија?
Македонците во Албанија, како автохтоно население, се соочуваат со низа предизвици, кои се различни во зависност од регионот каде што живеат. Во руралните области, како што се Гора, Голо Брдо, Мала Преспа и селото Врбник, најголемите проблеми се лошата инфраструктура, недостигот од вода за пиење и канализација, ограничената здравствена заштита, високата невработеност и недоволното снабдување со електрична енергија. Овие региони се меѓу најсиромашните во Албанија, намерно запоставени од сите влади во изминатите 30 години, што принудува многу Македонци да ги напуштат своите домови и да бараат подобар живот во поголемите градови на Албанија или во странство.
Во урбаните средини, пак, Македонците најмногу се соочуваат со проблеми поврзани со асимилација и невработеност. Недостигот од образование на македонски јазик во овие средини дополнително придонесува за губење на нивниот национален идентитет, бидејќи Албанија дозволува изучување на мајчиниот македонски јазик само во областа на Мала Преспа. Дополнително, административно-територијалната реформа од 2014 година значително влијаеше врз правата на Македонците во регионите Гора и Голо Брдо. Укинувањето на општините во овие области ги остави без локални административни структури, кои би можеле да ги заштитат нивните интереси и да ги подобрат условите за живот.
Во последните години, како посебен предизвик се јавува и политичкиот притисок од Бугарија, која преку својата позиција во Европската Унија се обидува да врши асимилација на Македонците во Албанија. Оваa бугарска политика на терен последните години се одвива со молчење на Албанија, во повеќе наврати и со нејзина помош, сѐ со цел Албанија да не биде попречена од страна на Бугарија за членство во ЕУ. Така и се призна непостојно бугарско малцинство во 2017 година, без исполнување на ниту еден правен критериум за постоење на едно малцинство, кога Албанија во последен момент потклекна пред заканите на Бугарија со вето за започнување на преговорите за членство во ЕУ. Албанските институции, за време на пописот во октомври 2023 година, не презедоа никакви мерки за да им гарантираат на Македонците слободно и непристрасно изјаснување без надворешен притисок од Бугарија, туку отворено им помогнаа на бугарските власти да инсталираат свои попишувачи во деловите каде што живеат Македонците, сѐ со цел да го контролираат целиот процес и да извршат пописен инженеринг.
Што може и што треба да направи Македонија како матична држава за проблемите?
Македонија, како матична држава, има голема одговорност и можности да им помогне на Македонците во Албанија, кои се соочуваат со многу предизвици, но истовремено остануваат лојални граѓани на Албанија. Пред сѐ, во Македонија, потребно е изготвување долгорочна национална стратегија за грижа за положбата, правата и слободите на Македонците во Албанија, поддржана од сите македонски партии, и од власта и од опозицијата.
Еден од најважните чекори што треба да се преземе е потпишувањето договор со Албанија за положбата и правата на Македонците во Албанија и Албанците во Македонија, на основа на реципроцитет. Тоа ќе создаде основа за заштита на нивните права и подобрување на условите за живот. Дополнително, 24-часовно функционирање на граничниот премин Џепиште-Требиште е многу важно за Македонците во Голо Брдо. Овој чекор не само што ќе го олесни нивното движење туку ќе има позитивен ефект врз економската и социјалната состојба во тој регион.
Македонија исто така треба да се ангажира во заеднички инфраструктурни проекти со Албанија во областите каде што живеат Македонците. Инвестициите во патишта, училишта, здравствени објекти и други потребни услуги ќе придонесат за подобар животен стандард и ќе ги зајакнат Македонците во Албанија. Тука може да се следат примерите како Грција, Романија и Бугарија инвестираат во Албанија.
Друг значаен аспект е обезбедувањето образование на мајчин македонски јазик. Ова е од суштинско значење за зачувување на идентитетот и културното наследство на Македонците во Албанија. Македонија треба да бара од Албанија, врз основа на меѓународните конвенции за заштита на правата на малцинствата што Албанија ги има потпишано, да обезбеди услови за изучување на македонскиот јазик во средините каде што живеат Македонците. Што се однесува до македонското државјанство, процедурите треба да се поедностават, а Македонците во Албанија да добијат реална можност за стекнување државјанство и лични документи. За ова треба да има сеопшт консензус меѓу македонските политички партии во Македонија, како дел од национален компромис. Овој процес треба да се спроведе транспарентно и неполитички, за да не се злоупотребува за изборни цели, туку како начин за зајакнување на врската меѓу матичната држава и Македонците во Албанија.
Исто така, отворањето генерален конзулат на Македонија во Корча е неопходно. Тоа ќе биде директен канал за комуникација со Македонците од тој регион и важна поддршка за решавање на нивните секојдневни проблеми. На крајот, Македонија треба да вложи напори за обука на млади Македонци во Албанија за користење на европските фондови за прекугранична соработка. Тоа ќе создаде нови можности за економски развој на регионите каде што живеат Македонците. Сите овие мерки се чекори во вистинската насока за зачувување на националниот идентитет на Македонците во Албанија и за подобрување на нивниот животен стандард. Македонија има должност да ги поддржи своите сонародници, истовремено зајакнувајќи ја соработката со Албанија.
Дали може да ми кажете нешто за активностите на единствената македонска партија во Албанија?
Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) е единствениот автентичен политички глас на Македонците во Албанија. Како партија од центарот, нашата главна мисија е заштита и промоција на македонскиот идентитет, култура, јазик и традиции. Ниту една друга партија во Албанија не се занимава со прашањата и предизвиците со кои се соочува македонската заедница, што нè прави единствен застапник на нејзините права и слободи. Во текот на 2024 година се соочивме со многубројни искушенија, како наши така и предизвикани од внатрешни и надворешни притисоци. И покрај тоа, останавме доследни на нашите заложби да ги заштитиме Македонците во Албанија, особено од бугарските политики за асимилација.
МАЕИ во Албанија редовно организира и чествувања на значајни празници и личности поврзани со историјата и културното наследство на македонскиот народ. Дополнително, партијата ја продолжува својата братска соработка со политичките партии и здруженија на Македонците од соседните земји. Делегации на МАЕИ редовно учествуваат на активности на Македонците во Грција, Бугарија и во Србија, што придонесува за зајакнување на врските меѓу Македонците во регионот.
Со кои притисоци и проблеми се соочува МАЕИ?
Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) се соочува со сериозни обиди за замолчување и попречување во борбата за правата на Македонците во Албанија. И покрај ваквите притисоци, како од домашни така и од надворешни фактори, МАЕИ останува посветена на својата мисија. Со сопствени сили, партијата ќе продолжи да се бори за правата и слободите на Македонците во Албанија, истовремено зачувувајќи ги македонскиот идентитет и достоинство. Истовремено очекуваме политичките партии и институциите од Република Македонија да ја поддржат македонската партија во Албанија и да ги заштитат правата на Македонците, без разлика со кого ќе коалицираат во Албанија. Сите овие активности покажуваат дека МАЕИ е посветена на заштитата на правата на Македонците во Албанија, без компромис, и ние ја продолжуваме нашата мисија со истрајност и посветеност.