Педро Санчез / Фото: ЕПА
  • Несогласувањата помеѓу Шпанија и САД за Иран може да ги продлабочат трансатлантските внатрешни односи, но и структурно да ги унапредат?! (2)
  • Односите меѓу Шпанија и САД во овие неколку дена западнаа во состојба на критичен расцеп по воените напади на САД и Израел врз Иран. Спорот и веќе меѓусебната конфронтација се случуваат поради несогласувањето на Шпанија да им дозволи на американските сили да користат заеднички управувани воени бази за овие воени операции. Американско-шпанскиот судир околу Иран започнува да предизвикува и значително пошироки геополитички и економски последици: несогласувањата меѓу Мадрид и Вашингтон создаваат и внатрешен судир во рамките на НАТО, бидејќи други сојузници како Португалија им дадоа на САД „условен пристап“ до своја база за истите воени операции. Но сето тоа може да се толкува и како процес на реструктурирање на Алијансата, кое е повеќе од потребно заради намалување на нивото на милитаристичките амбиции на НАТО и неговата перјаница – САД. Мадрид со својот потег јасно стави до знаење дека на Алијансата ѝ се неопходни трансформација и унапредување, во смисла на создавање баланс со другите големи светски системи, во процесот на создавање балансиран мултиполарен свет, сосема спротивен од унилатералната експанзионистичка досегашна доктрина на НАТО. Но Мадрид исто така ја истакнува и неопходноста од меѓународните организации како ООН да се рехабилитираат и да зајакнат, за да заземат порелевантна улога во целиот овој галиматијас на светската шаховска табла

Најновата конфронтација меѓу Шпанија и САД околу Иран е значаен показател за продлабочување и веќе суштински несогласувања во трансатлантските врски, особено затоа што вклучува директно спротивставување на барањата на американскиот претседател Доналд Трамп за надворешна политика од страна на сојузник на НАТО. Шпанија, под премиерот Педро Санчез, одби да им дозволи на американските авиони да ги користат нејзините воени бази „Рота“ и „Морон“ за напади врз Иран, сумирајќи го својот став како „не за војна“. Директно посочувајќи на (не)легалноста и едностраноста на одлуката на Трамп и Нетанјаху да го нападнат Иран, Макрон експлицитно изјави дека американско-израелските напади биле извршени „над рамките на меѓународното право“. Тој укажа дека Франција, заедно со Германија и Велика Британија, наводно не била ниту информирана ниту вклучена во првичната одлука за започнување на воените операции. Како официјален претставник на Франција, нејзиниот министер за Европа Бенџамин Хадад вели дека „нема да им биде дозволено на САД во овие најнови геополитички околности, што ги создаваат, да влијаат ниту врз временската рамка за проширувањето на ЕУ“ – порака од битно значење и за Македонија. Овој француски став сѐ уште останува без поблиско објаснување. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул синоќа изјави дека неговата земја „на никаков начин“нема да учествува во војната во Иран и Блискиот Исток, ниту во обезбедувањето воени објекти.
„Европа не ја сака војната во Европа“, нагласи „Политико“ во своја анализа. Земјите од Европската Унија се стремат да го одбегнат нивното вовлекување во американско-израелската војна против Иран, која брзо се шири, но, сепак, Кипар, претседавачот со Унијата, веќе се најде на „линијата на огнот“, поради британската база кај Акротири, која стана цел на нападите на Иран со беспилотни летала. Кипар, кој го има ротирачкото претседателство со ЕУ, е домаќин на состанок на „Интегрираниот политички одговор на кризи“ – собир на експертско ниво, за да се „разгледаат последиците од ситуацијата, која се менува, вклучувајќи и прашања како што се енергијата, влијанието врз транспортот, синџирите на снабдување и внатрешната безбедност, како што изјави дипломат од ЕУ, запознаен со подготовките, кој беше цитиран од „Политико“. Но официјална Никозија не презеде никаков потег за активирање на одредбата за колективна одбрана 42.7 на ЕУ, што би можело да ја приближи ЕУ до тоа да стане страна во војната. Меѓутоа, дали пукањето на трансатлантските врски повратно создава пукање и на внатрешните врски во структурата на ЕУ, меѓу сѐ уште преостанатите европски сојузници на Трамп со раководството на ЕУ?

Шпанија му ги нуди на Трамп Обединетите нации

Односите меѓу Шпанија и САД во овие неколку дена западнаа во состојба на критичен расцеп по воените напади на САД и Израел врз Иран. Спорот и веќе меѓусебната конфронтација се случуваат поради несогласувањето на Шпанија да им дозволи на американските сили да користат заеднички управувани воени бази за овие воени операции. Шпанскиот премиер Педро Санчез официјално одби да им даде дозвола на САД да ги користат поморската станица „Рота“ и воздухопловната база „Морон“ за напади врз Иран. Официјален Мадрид тврди дека сегашниот заемен одбранбен договор со САД не ги опфаќа „едностраните воени дејства што не се предвидени со Повелбата на ОН“. Токму на Трамп, кој ги отфрла и „повелбата на ОН“ и самата светска организација, настојувајќи да ја „замени“ со својот „Одбор за мир“, Шпанија му ги предочува оваа иста организација и нејзиниот темелен акт за функционирање!
Санчез усвои цврст став: „Не за војната“, споредувајќи ја ситуацијата со војната во Ирак во 2003 година, за која тврди дека довела до глобална нестабилност и тероризам. Како одговор и заради економска одмазда, претседателот Доналд Трамп се закани дека ќе ја прекине целата трговија со Шпанија, означувајќи ја земјата како „ужасен“ сојузник. Администрацијата на САД предложи целосно трговско ембарго со Шпанија, и покрај одлуките на Врховниот суд, со кои се ограничуваат одредени еднострани царински овластувања. Најнов момент во овие „трансатлантски искрења“ е тврдењето на Белата куќа дека, наводно, Шпанија се согласила да соработува со американската војска. Но ова веднаш и остро го отфрли шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес. Шпанија повика на солидарност во Европската Унија, додека претставниците на ЕУ предупредија дека трговската одмазда против една земја членка би ги прекршила пошироките меѓународни договори.

Макрон до лева масло наогнот

Американско-шпанскиот судир околу Иран започнува да предизвикува и значително пошироки геополитички и економски последици: несогласувањата меѓу Мадрид и Вашингтон создаваат и голем внатрешен раскол во рамките на НАТО, бидејќи други сојузници како Португалија им дадоа на САД „условен пристап“ до своја база за истите воени операции.
Сепак, може да се констатира дека оној што „налева најмногу масло“ во „потпалените односи“ меѓу САД и Европа во изминативе неколку дена е можеби францускиот претседател Емануел Макрон: тој истапува како водечки европски критичар на американско-израелската воена кампања против Иран, тврдејќи дека тие напади биле „спроведени надвор од рамките на меѓународното право“. Иако Макрон го смета Иран првенствено за одговорен за регионалната нестабилност, тој експлицитно изјави дека „Франција не може да ги одобри едностраните воени операции“.
Макрон ја оспорува легалноста на оваа воена акција: тој постојано нагласува дека на САД им недостасува јасна „правна рамка“ за нивните напади врз иранските нуклеарни локалитети, и покрај тоа што ја поддржува целта да се спречи Иран да добие нуклеарно оружје. Шефот на француската држава оди уште подалеку и повикува на „дипломатска солидарност со сојузниците“, ама мислејќи на своите европски сојузници, не и на „трансатлантските сојузници“! Макрон изрази „силна европска солидарност“ со Шпанија, откако претседателот Трамп се закани со целосно трговско ембарго против Мадрид, поради одбивањето да им дозволи на американските авиони да ги користат шпанските бази за офанзивата против Техеран. Макрон предупреди дека спроведувањето воена акција, заради „промена на режимот“ во Техеран би било „стратегиска грешка“, плашејќи се дека тоа ќе доведе до регионален хаос. Тој повика на итен прекин на воздушните напади и враќање на рамката на Договорот за неширење оружје за решавање на „иранската нуклеарна криза“ преку преговори.
Во меѓувреме Франција ги распореди носачот на авиони „Шарл де Гол“ и нејзините воздушни средства во Медитеранот за да обезбеди регионална безбедност и да ги заштити француските интереси, појаснувајќи дека „не учествувала во нападите на САД“. Франција останува „посветена на одбраната на своите партнери од Заливот“ – вклучувајќи ги Катар, Кувајт и ОАЕ – нудејќи поддршка, но само ако бидат цел на ирански одмазднички напади.

ЕУ не е подготвена да го прифати пристапот на Вашингтон

Со својата позиција кон воената акција, предводена од САД, против Иран, Европската Унија, како целина, исто така предизвикува значително затегнување на трансатлантските односи, окарактеризирани со длабоки поделби во Европа и отстапување од целите на САД за „максимален притисок“ и промена на „режимот во Техеран“. САД следат стратегија насочена кон уништување на иранските капацитети и инсистирање на „кредибилна транзиција“ во Техеран, а 27-те земји членки на ЕУ првично повикаа на „максимална воздржаност“ и почитување на меѓународното право. Двоумењето на ЕУ за прашања како што се повикување на санкции за враќање на сила (кога тие беа примарна алатка во почетниот, сега пропаднат „ЈЦПОА-акт“ и неподготвеноста веднаш да се усогласи со САД во директната конфронтација го продлабочи трансатлантскиот јаз. Заедничкиот сеопфатен план за акција (ЈЦПОА), или „нуклеарен договор со Иран“, е договор од 2015 година меѓу Иран и П5+1 (САД, Велика Британија, Франција, Кина, Русија плус Германија) за ограничување на нуклеарната програма на Иран во замена за укинување на меѓународните санкции.
Значи, ЕУ не е подготвена целосно да го прифати агресивниот пристап на САД, односно на администрацијата на Трамп. Од Брисел се упатени „трансатлантски обвинувања“ кон Вашингтон дека ги „запоставува европските грижи за регионалната стабилност“, предизвикани, како што се истакнува, поради „нелегалната војна против Иран“. Навистина, сега водечката европска тројка „Е 3“ (Франција, Германија и Велика Британија) веќе „сигнализира подготвеност за одбранбени акции против иранските ракетни капацитети“, но прашање е колку е тоа само „празно“ покажување на „сопствените геополитички мускули“, кои се поправо во значителна мера „атрофирани“, и во воена и во политичка смисла.

Свето Тоевски