ЧЛЕНСТВОТО НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ ДА НЕ Е ВЕЌЕ УГОРЕ ВИСОКО, УДОЛУ ДЛАБОКО
- Уставните измени сега се навидум влезницата за ЕУ, но всушност тоа е трик-карта – ќе почнат преговори, а со текот на преговорите можат да се поставуваат уште неброени услови за Македонија и да биде блокирана по многу прашања. Плус, самиот преговарачки процес е реверзибилен, па ако некоја земја смета дека Македонија треба да се врати на некој веќе испреговаран кластер, може да се направи тоа. Сега Црна Гора го има тоа како проблем, претходно и Србија, а за нас само небото знае што можат во иднина да ни смислат како сопки Бугарија, Грција или некоја друга членка на ЕУ
- Уставните измени, кои речиси хистерично ги бараат Урсула фон дер Лајен како шефица на Европската комисија и нејзиниот тим, всушност се Дамокловиот меч за Македонија, нејзиниот страшен суд. Затоа што и полуписмени правници знаат дека уставните измени комплетно и суштински ја менуваат и идентитетски и системски државата Македонија, која е фундирана на темелите од Илинден и АСНОМ
Во Лисабон кон крајот на јуни 1992 година, Европскиот совет донесе повеќе важни одлуки, некои се однесуваа и за состојбата во бивша Југославија, која почна воено да се распаѓа. Не беше прескокната ниту Македонија, која на својот капитал веќе имаше референдум за самостојност и европска потврда од Бадентеровата специјална комисија дека заедно со Словенија ги исполнува сите услови за биде признаена како независна држава.
На Македонија тогаш ѝ недостигаше „спонзор држава“, како што го имаше тоа Хрватска во Германија, за да застане зад неа, но затоа не ѝ недостигаа „катиљ-држави“ што застанаа против неа. Во Лисабон беше издаден тој „катиљ-ферман“ дека поранешната југословенска република Македонија може да биде признаена, но не како „Македонија“. Зборот „Македонија“ не беше прифатлив за името на нашата држава. И таа „лисабонска клетва“ остана жива и до ден-денешен, а тоа може да се види и на последниот Европски самит во Брисел. Македонија иако исполнува најголем дел од Копенхашките критериуми и е подготвена за почеток на преговори, односно да се отворат кластерите, тоа е одложено за некое идно време и за тоа се поставени самоубиствени услови за македонската држава.
ВИВНАТИ ДО НЕБО, ПА ПОТОА – ВЕЧНО ЧЕКАЊЕ
Историски гледано, Македонија најголем успех имала кога во земјата постоел цврст консензус во однос на евроинтеграциите, но и за одбрана на историското и уставно име, а губела кога кревала раце од своето наследство и идентитет. Можеби зенитот на својот пат кон Брисел го има во 2001 година, кога прва од регионот, па и пред Хрватска, ќе добие Спогодба за стабилизација и асоцијација, и тоа токму во Загреб со потпис на тогашниот министер Срѓан Керим. ЕУ, но и повеќе западни земји ја препознаа Македонија како солиден партнер, а тоа се потврди и во 1999 година кога даде дел од својот образ и дозволи воздушни напади врз СР Југославија. Се чини работите одеа добро до 2004 година, кога и официјално поднесовме барање за членство (зошто се чекаше толку долго?!), особено што по ЕУ-самитот во Солун се објави таканаречената Солунска агенда за отворени врати на ЕУ. Се предвидуваше дека Македонија ќе влезе во ЕУ најдоцна до 2014 година. Испадна дека тие отворени врати не биле наменети за Македонија, туку дека таа ќе мора да шпарта по разноразни коридори и лавиринти на бриселските мајстори за наметнување двојни стандарди. Тоа е и повеќе од студен туш, затоа што Македонија и дипломатијата на покажување заби и создавање пријателства вроди со плод – земјата ја признаа повеќе од 130 држави со уставното име! Затоа, пак, Брисел постојано се навраќа на таа Лисабонска декларација.
Но против таа тактика на Брисел, македонската дипломатија не најде противодговор, туку тргна по линија на помал отпор. Врв на таа поразителна дипломатска стратегија е времето на владата на Заев и Ахмети, кои буквално ја продадоа Македонија со потписите на Преспанскиот договор и на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија. Капак на сѐ или, фигуративно кажано, последната шајка во ковчегот на Македонија Заев/Османи го ставија со протоколите на тој договор со Софија.
УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ ДАМОКЛОВ МЕЧ
Уставните измени сега се навидум влезницата за ЕУ, но всушност тоа е трик-карта – ќе почнат преговори, а со текот на преговорите можат да се поставуваат уште неброени услови за Македонија и да биде блокирана по многу прашања. Плус, самиот преговарачки процес е реверзибилен, па ако некоја земја смета дека Македонија треба да се врати на некој веќе испреговаран кластер, може да се направи тоа. Сега Црна Гора го има тоа како проблем, претходно и Србија, а за нас само небото знае што можат во иднина да ни смислат како сопки Бугарија, Грција или некој друга членка на ЕУ. Така, уставните измени, кои речиси хистерично ги бараат Урсула фон дер Лајен како шефица на Европската комисија и нејзиниот тим, се всушност Дамокловиот меч за Македонија, нејзиниот страшен суд. Затоа што и полуписмени правници од кои е поплавена Македонија знаат дека уставните измени ја менуваат комплетно и суштински, и идентитетски, и системски државата Македонија, која е фундирана на темелите од Илинден и АСНОМ.
Рековме дека во процесот на осамостојување Македонија немаше спонзор држава, а сега добива таков силен поддржувач во Унгарија. И тоа е доброто во оваа сива приказна за евроинтеграциите. Но да не заборавиме дека и членството во НАТО ни беше условено со решавање на спорот со Грција за името, што беше надвор од рамките и критериумите на тој безбедносен пакт. Народот го препозна тоа, не го одобри тој услов за членство на референдумот, што значи земјата практично беше киднапирана во Алијансата, а Уставот изменет на нелегален начин. Владата цврсто стои на позициите дека нема да се менува Уставот со ултиматуми, а тоа се порака и до Бугарија и до Брисел! Претседателката на државата, пак, Гордана Силјановска-Давкова и на својот колега во Бугарија, Румен Радев, и на високите соговорници од Брисел им кажа дека протоколите со Софија немаат апсолутно никаква врска со Копенхашките критериуми, па дури и дека тие не се составен дел на Договорот за пријателство, па едноставно кажано не се релевантни. Но Брисел се држи до потписот и ветеното од Заев и затвора очи пред фактот дека во Скопје има нова влада со цврст мандат од народот да владее и да преговара.
НОНПЕЈПЕР ВО КОЈ (ЗАСЕГА) ЈА НЕМА МАКЕДОНИЈА
Унгарија како претседавач направи многу за Македонија, се понуди и да посредува со Бугарија, но од таму има само одбивања, а исто е и во Брисел. Дека на земјата ѝ требаат повеќе пријатели е повеќе од сигурно, а сигурно е и дека ќе се најдат. На пример, нонпејперот зад кој стојат Словенија и Германија да се избегнат билатералните спорови во претпристапниот процес не ја опфаќа и Македонија и ние треба да најдеме спонзори тоа да се однесува и за нас. Ние сме сериозно покриени од радарите на Австрија, Словачка, Чешка и Унгарија, а можеме да сметаме и на поддршката од нашите блиски пријатели Словенија и Хрватска, а тој круг на земји мораме да го шириме. Мораме да истакнеме дека и кругот на пријатели во Брисел, кои особено го поддржуваа нашето уставно име, се катастрофално девастирани и компромитирани од претходната власт, а пред сѐ од тогашниот премиер Заев, кој нанесе ненадоместлива штета.
Во моментов ќе биде тешко да се пробие македонската приказна, затоа што Унијата е соочена со економски, но и со егзистенцијални проблеми, а тоа ќе биде уште поизразено кога Доналд Трамп на почетокот на јануари ќе даде заклетва како нов претседател на САД. Од друга страна, пак, тоа отвора простор за дипломатски маневри и создавање простор за промоција на наши проекти, идеи и планови на периферијата од центарот во Брисел.
За Македонија сега е важно да ја одржи внатрешната кохезија, да продолжи со битката со корупцијата и организираниот криминал, да почнат коренити реформи во судско-обвинителскиот систем и резултатите ќе дојдат. Добро е конечно да се одигра американската дипломатска карта, а врските со Белата куќа можат совршено да се вклопат и со интересите на Полска, како еден од најсериозните американски партнери во Европа, а тоа би значело и дипломатски поени за Македонија
Во фокусот на евроинтеграциите се става геополитиката, а Копенхашките критериуми повторно се занемаруваат
Мала чекалница, многу кандидати
Откако Хрватска беше примена во ЕУ, ниту една земја од Западен Балкан не влезе во Унијата. Босна и Херцеговина, Албанија, Србија, Црна Гора, Македонија, па и Турција на која ѝ „се стемни“ од преговорите со Брисел, чекаат стуткани во чекалницата. Нивната нервоза станува сѐ поочигледна, особено што ЕУ предводена од Урсула фон дер Лајен настојува на брза патека за членство да ги стави Молдавија и Украина, со што во фокусот се става на геополитиката, а Копенхашките критериуми повторно се занемаруваат. Според оптимистичките предвидување, Западен Балкан би можел да се интегрира во Унијата до 2030 година, со тоа што се шпекулира дека две земји први би влегле во 2019 година. Наликува на лотарија – кои би биле тие две земји?
Во дипломатски кругови во Брисел во оптек е и варијантата зад која би стоеле САД, според која, Трамп ќе бара палење на зеленото светло за целиот Западен Балкан плус Украина и Молдавија и сите да станат членки во пакет во ист ден. Ова всушност беше предлог на европските социјалисти пред повеќе од десет години, буџетски не е неизводливо за Брисел, но стратезите мислеа поинаку. Х.И.
Да се одигра на американска карта
Сега кога кохезијата на ЕУ ја зафаќа динамична ерозија, а тоа е особено видливо со кризата со снабдување со гас во некои земји, неизвесно е колку Брисел вистински ќе се посвети на процесот на проширување. Концептот на новиот тим на Фон дер Лајен е воено да се засили Унијата и за одбраната ќе одат многу пари. Во моментов шефицата на ЕК практично е диригентот со ЕУ, зашто францускиот претседател Макрон стои на стаклени нозе, а кога си дома ни ваму ни таму и во Европа те гледаат на едно око. Ножот во грб му го заби токму Фон дер Лајен со постигнувањето Договор за слободна трговија со земјите од МЕРКОСУР, а токму тој договор со некои земји од Латинска Америка можат да ги кренат на протести француските земјоделци и да го соборат Макрон. Германија е во процес на избори откако и формално беше изгласана недоверба на канцеларот Олаф Шолц. За чудо, Италија во моментов е со многу стабилна влада, но центарот на моќ не може да се види во Рим. Затоа сега, кога француско-германското партнерство е ставено на чекање, Трамп би морал да ѝ телефонира на Урсула, а како ќе биде во март – ќе чекаме на исходот од германските избори. Оти во Германија има десница и „ДЕСНИЦА“ и не се знае какви ветришта можат да дојдат од Германија.
Полска, која е иден претседавач со Унијата, е земја на првата линија на фронтот и природно е да се очекува во нејзиниот мандат токму безбедносните прашања да имаат приоритет.
За Македонија сега е важно да ја одржи внатрешната кохезија, да продолжи со битката со корупцијата и организираниот криминал, да почнат коренити реформи во судско-обвинителскиот систем и резултатите ќе дојдат. Добро е конечно да се одигра американската дипломатска карта, а врските со Белата куќа можат совршено да се вклопат и со интересите на Полска, како еден од најсериозните американски партнери во Европа, а тоа би значело и дипломатски поени за Македонија. Х.И.