Фото: „Нова Македонија“

Во услови на лидерски вакуум, носењето одлуки во ЕУ ќе биде практично невозможно. Тоа е од една едноставна причина што нефункционалните (и привремени) влади не се во можност да ги обврзат своите земји на крупни потези. Кревките влади, доколку опстојуваат подолго, има голема веројатност да ѝ отежнат на ЕУ да одговори на предизвиците, што дополнително ќе ја наруши нејзината позиција на глобалната сцена

Отсуството на функционални влади во членки на ЕУ драстично ја намалува способноста на Унијата за носење одлуки

Во 2025 година, голем дел од членките на Европската Унија немаат функционални влади. Истото тоа се однесува и за европската влада, бидејќи претседателката Урсула фон дер Лајен во Хановер се лекува и закрепнува од тешка пневмонија, така што дури и Европската комисија сега е без лидер. Со оглед на актуелните случувања во Европа и во светот, моментот на оваа неизвесност и склопувањето на повеќето коцки, кои ја чинат оваа неизвесност, дојдоа во многу лошо време.
И во својата анализа „Еурактив“ на оваа тема истакнува дека „носењето одлуки во ЕУ веќе беше отежнато. А во услови на лидерски вакуум, тоа ќе биде практично невозможно, од едноставна причина што нефункционалните и привремени влади не се во можност да ги обврзат своите земји на крупни потези“.
Со оглед на тоа што американскиот претседател Доналд Трамп веќе бара Европа да направи повеќе за да се заштити себеси, пред клучниот самит на НАТО што треба да се одржи во јуни во Хаг, европските лидери сакаат „обединет фронт за да се поттикне поддршката на Западот за Украина“.
Новата европска влада (Европска комисија) што ја презеде функцијата кон крајот на минатата година наскоро би требало да започне со изготвување нацрт-закони за одобрување од земјите членки, вклучувајќи и реформа на законите со кои се регулира враќањето на илегалните мигранти, што се очекува во март.
А кревките влади, доколку опстојуваат подолго, би можеле многу да ѝ отежнат на ЕУ да одговори на предизвиците, што дополнително ќе ја наруши нејзината позиција на глобалната сцена.

Кревките влади во клучните ЕУ-членки

Франција и Германија се вовлечени во политички кризи, а политиките во споменатите земји се под силен притисок на десницата. Во Франција, каде што коалициските влади се невообичаени, претседателот Емануел Макрон мораше да состави две кревки коалиции од неодлучните парламентарни избори минатото лето. Првата траеше само три месеци. Ако новата малцинска коалиција на либерали и конзервативци не може да се одржи, Макрон можеби ќе треба повторно да го распушти парламентот и да распише нови избори подоцна во текот на годинава. Иако Германија во поголема мера е навикната на коалиции отколку нејзиниот сосед Франција, таа очекува тие да бидат стабилни. А како и во Франција, политичкиот центар на Германија е под притисок на растечкото десничарско движење, Алтернатива за Германија (АфД).
Во меѓувреме, Австрија се бори да формира влада од општите избори во септември. Коалициските разговори меѓу центристичките партии во земјата пропаднаа во петокот, откако либералниот НЕОС се повлече поради ќор-сокакот околу буџетските кратења и пензиските реформи. Конзервативниот канцелар Карл Нехамер поднесе оставка во саботата, отворајќи го патот за десничарската Партија на слободата да формира влада за првпат во својата историја.

Франција и Германија не се единствени примери за актуелната дисфункционалност

Бугарија имаше седум избори за четири години и можеби е на пат за осми по пропаѓањето на коалициските разговори за време на викендот. Според конзервативната партија ГЕРБ, која ги заврши разговорите, преговорите пропаднаа бидејќи либералната Демократска Бугарија (ПП-ДБ) одби да прифати кабинет предводен од Росен Желјазков од ГЕРБ. Двете партии се поврзани со централно-десничарската Европска народна партија.
Последна речиси без глава земја што треба да се забележи е Романија. Иако Романија брзо формираше малцинска влада по парламентарните избори во декември, претседателските избори внесоа неизвесност.
Уставниот суд на земјата ги поништи изборите по првиот круг поради загриженоста дека прорускиот кандидат Калин Георгеску, кој беше прв, ги прекршил изборните правила и ја загрозил правичноста на процесот. Целиот процес сега ќе се повтори, почнувајќи со проверка на валидноста на сечија кандидатура – вклучувајќи и на Георгеску.


Словачка се заканува со блокада за Украина

Тргување со евроинтеграциите?!

Словачка бара Украина да го обнови транзитот на руски гас кон запад преку нејзина територија, а од Братислава стигнуваат и најави дека земјата би можела да ја преиспита својата поддршка за членство на Киев во Европската Унија. Договорот за транзит на руски гас преку гасоводот што минува низ украинска територија, склучен меѓу рускиот „Газпром“ и украинскиот „Нафтогаз“ кон крајот на 2019-та, истече на 31 декември 2024 година, а Украина одби да го продолжи договорот и од 1 јануари годинава запре испораката на руски гас кон запад преку украинска територија, од што најмногу се погодени Словачка и Молдавија.
Извори од Владата во Братислава претходните денови објавија дека била закажана средба меѓу претставници на ЕУ, Словачка и Украина во Брисел, посветена на прашањето поврзано со прекин на транзитот на гас, но потоа беше соопштено дека состанокот е откажан откако украинската страна најавила оти нема да присуствува на него. Европската комисија завчера одби да ја потврди или да ја негира информацијата за наводно најавената средба, само посочувајќи дека одржува контакти на политичко и на техничко ниво со сите страни засегнати од истекот на Договорот за транзит на руски гас преку украинска територија.
Според последните информации, Словачка инсистирала на средба со Европската комисија околу ова прашање и неофицијално таков состанок е најавен за денеска, но неизвесно е дали на него ќе присуствуваат и претставници на Украина. Според истите извори, Словачка ќе побара или Украина да го обнови транзитот на руски гас или да ѝ биде исплатено обесштетување поради претрпените штети од прекинот на испораката на енергентот.
Претходно и словачкиот премиер Роберт Фицо се обиде да ја убеди Украина да го продолжи договорот за транзит, нагласувајќи дека со прекинот на дистрибуцијата на руски гас Словачка ќе има дополнителни трошоци за набавка на енергентот од други извори, но ќе ги загуби и приходите што ги има од преносот на гасот преку словачка територија кон другите земји од ЕУ. Откако Киев го одби ваквото барање на Фицо, тој се закани дека Словачка ќе го запре преносот на електрична енергија за Украина преку нејзина територија или дека ќе ја намали помошта за украинските бегалци сместени во земјата.
На ваквите закани на Фицо, Зеленски одговори со обвинувања дека рускиот претседател Владимир Путин „му наредил на Фицо да отвори втор енергетски фронт против Украина“. Обвинувањата на Зеленски дојдоа откако два дена пред католичкиот Божиќ, Фицо отпатува во ненајавена посета на Москва. Во вакви услови за петок во Словачка се најавени неколку, како што се наречени, „про-ЕУ и проукраински протести“.
Во меѓувреме, се огласи и Полска, која најави дека ќе го покрие снабдувањето со електрична енергија за Украина, доколку Словачка реши да ја прекине дистрибуцијата на струја за земјата. Чешка, пак, во исто време ѝ понуди на Словачка помош за обезбедување дополнителен транзит и капацитети за складирање гас, како во текот на оваа грејна сезона така и на долг рок. П.Р.