Лидерите на Европскиот сојуз за промени (ЕСП), Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши и претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вечeрва во Приштина имале средба со косовскиот премиер Албин Курти.
– Во многу пријателско опкружување, разговаравме за политичките случувања во нашите земји, за соработката што ќе придонесе за унапредување на положбата на Албанците во Северна Македонија, економскиот развој на двете земји и факторизацијата на Албанците во регионот. Сите заедно ни претстои голема работа и обврски – објави Касами за средбата на неговиот фејсбук-профил.
Oбјавена е и фотографија од средбата на која се наоѓаат лидерите на ЕСП и Таравари со Курти, а присутен е и претседателот на косовскиот парламент Глаук Коњувца.
– Доаѓа. Доаѓа. Големата промена доаѓа – пишува во прилог на објавената фотографија.
Лидерот на Демократското движење, Меџити, за „Клан Косова“ изјави дека посетата е на поканата на косовскиот премиер Курти.
На средбата било разговарано и за предлог за претседателски кандидат од редовите на албанскиот политички блок во земјава, „кој треба да го олицетворува соживотот меѓу етничките групи и го гарантира европскиот пат на Македонија“, соопшти кабинетот на Курти, а пренесе агенцијата „Косова прес“.
Европскиот сојуз за промени неодамна соопшти дека на неговите изборни листи на претстојните парламентарни избори ќе се најдат и припадници на владејачката партија Самоопределување на актуелниот косовски премиер Албин Курти.
Ваквата средба доаѓа доаѓа на околу три месеци пред парламентарните и претседателските избори во Македонија, на ист ден кога почна со работа техничката влада, задолжена за спроведување на изборите.