Мицкоски: Секоја иницијатива за поголема соработка на регионот е добредојдена
Премиерот Христијан Мицкоски ја предводи владината делегација што учествува на самитот на НАТО во Вашингтон, во чиј состав се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за одбрана Владо Мисајловски и за внатрешни работи Панче Тошковски, а на самитот учествува и претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Мицкоски во Вашингтон оствари средба со сенаторката Џин Шајин и со сенаторот Том Тилис и членовите на набљудувачката група од Сенатот за НАТО, на која учествуваа и претседателите на Владата Албанија, Еди Рама, односно на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Мицкоски посочил дека Балканскиот Регион помина тежок период на предизвици и промени, кои покажаа дека соработката, забрзаниот развој и инвестирањето во пријателства на граѓаните единствено им носи подобар живот. Тој истакна дека блокадите, кочењето и опструкциите треба да бидат реликвија на едно минато време од кое регионот треба да извлече поуки како се заглавува во неразумни спорови и се создаваат стереотипи и раздор меѓу граѓаните, како што информира владината прес-служба.
– Секоја иницијатива што е за поголема соработка на регионот и која може да донесе подобар живот е добредојдена. Македонската влада е посветена на развиена економија и воспоставување на владеењето на правото – нагласи Мицкоски, додавајќи дека е потребен нов почеток и генерација политичари подготвени за разумен дијалог базиран на факти.
Меѓу средбите и состаноците што Мицкоски досега ги оствари во Вашингтон се оние со конгресменката Клаудија Тени, копретседавачка на македонската група за пријателство на Конгресот на САД, со претседателката на НДИ, Тамара Кофман Витес, со која разговарале за демократските процеси во државата, како и со поранешниот амбасадор на САД во земјава Филип Рикер, на која разговарале за предизвиците со кои се соочува Македонија, како и поддршката што е потребна за остварување на стратегиските интереси. Р.С.
Бајден: НАТО е помоќно од кога било, се соочува со клучен момент
НАТО е „помоќно од кога било“ бидејќи се соочува со „клучен момент“ во војната помеѓу Русија и Украина, истакна претседателот на САД, Џо Бајден, на отворањето на самитот на Северноатлантската алијанса во Вашингтон.
– Задоволство е да бидеме домаќини во оваа значајна година, да гледаме наназад со гордост на сето она што го постигнавме и да ја гледаме нашата заедничка иднина. Овој момент во историјата ја бара нашата колективна сила – изјави Бајден.
Американскиот лидер најави и дополнителна воена помош за Киев, вклучувајќи и батерии на моќните американски системи за противвоздушна одбрана во кои спаѓа и „патриот“, како и други системи за зајакнување на капацитетите на украинската ПВО.
Дел од светските медиуми сметаат дека Бајден го искористил својот 13-минутен говор во Вашингтон за да ги спротивстави своите надворешнополитички ставови со оние на неговиот противконкурент во претседателската трка во САД, Доналд Трамп, во ситуација кога се соочува со засилени повици за негово повлекување од претседателските избори по слабиот настап во неодамнешната телевизиска дебата.
„Франс прес“ наведува дека самитот е во сенка на Трамп, и покрај тоа што поранешниот претседател на САД не е присутен. Ваквото тврдење се должи на загриженоста на дел од членките на НАТО за иднината на Алијансата во случај на победа на Трамп на претседателските избори во САД. „Франс прес“ потсетува и на ставот на Трамп, кој своевремено рече дека НАТО е застарен сојуз, заканувајќи се дека САД нема да ги бранат земјите членки што не вложуваат доволно пари во одбраната и не ги исполнуваат побарувањата на НАТО. Р.С.
Столтенберг: Одлуката за проширувањето на НАТО ја промени Европа
Одлуката за проширувањето на НАТО по Студената војна ја промени Европа, бидејќи ја обедини на начин што претходно беше незамислив и донесе мир и просперитет низ целиот континент, порача генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, во обраќањето на свеченоста по повод 75-годишнината од формирањето на НАТО во рамките на самитот на Алијансата во Вашингтон.
– Беше прашање дали сме подготвени да ја отвориме вратата. Тоа не беше лесна одлука и беше потребно време. Некои стравуваа дека проширувањето ќе го ослабне НАТО и ќе ја провоцира Москва. Но застанавме во одбрана на правото на секој народ да си го избере својот пат и ја отворивме вратата на НАТО – кажа Столтенберг.
Трансатлантските односи во изминатите 75 години преживеаја многу бури, како што истакна Столтенберг, додавајќи и дека политичките лидери имаат одговорност и во иднина да покажат храброст и решителност, исто како во минатото кога било основано НАТО. Столтенберг се осврна и на потпишувањето на Вашингтонскиот договор, документот со кој е основано НАТО, пред 75 години, велејќи дека потписниците биле решени ужасот и страдањето во војната никогаш повеќе да не се повторат.
Столтенберг беше одликуван со највисоката американска цивилна награда – претседателски медал на слободата, што му ја врачи американскиот претседател Џо Бајден на церемонијата на отворањето на самитот. Столтенберг, кој ја води Алијансата од 2014 година, во октомври ќе му ја предаде функцијата на поранешниот холандски премиер Марк Руте. Р.С.
Брзиот прием на Украина наидува на противење и од моќни западни земји
Една од најважните теми на самитот во Вашингтон се очекува да биде Украина, односно нејзиниот статус поврзан со желбата на Киев да стане полноправна членка на НАТО. Сепак, многу е тешко да се очекува ова во скора иднина, не само поради силното противење на Москва, за која токму ова прашање и ваквата можност беа меѓу главните причини за почнување на воениот конфликт во февруари 2022 година, туку и поради моментното противење од одредени моќни земји од Западот, пренесуваат светските медиуми.
Кој се противи најмногу?
Германската агенција ДПА наведува кој моментно се противи на наведените амбиции на Киев. Тоа се првенствено САД и Германија, кои не сакаат пребрзо да ја примат Украина во НАТО. Берлин и Вашингтон се „строго против“ поканувањето на Киев во Алијансата без исполнување на неопходните предуслови, изјави за германската агенција дипломатски извор во Алијансата, пред отворањето на самитот на НАТО во Вашингтон.
– На крајот, поканата за Украина ќе биде одлука на сојузниците – нагласи тој.
Според изворот, претставниците на Украина биле „многу изнервирани“ кога на минатогодишниот самит на Aлијансата во Вилнус се покажало дека „вратата е отворена, но не баш толку (туку подотворена оп)“.
– И јас мислам дека сценариото за самитот во Вашингтон ќе биде исто – рекол изворот на германската агенција.
И францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека главни противници на пристапувањето на Украина во НАТО се САД и Германија. Макрон го истакна „силното противење“ на Вашингтон и Берлин и го додаде следново: „На крајот, повикот за Украина во НАТО ќе биде одлука на сојузниците“.
Нема политичка волја
Познато е дека Белата куќа смета оти НАТО сѐ уште нема политичка волја да ја вклучи Украина во Алијансата. Вклучувањето на Украина во НАТО бара политичка волја од нејзините членки, но сега ја нема.
– Целата команда на НАТО е одговорна за поддршка на Украина во воената обука, координација и логистика преку безбедносна помош и развој на силите, што ќе биде мост за членството на Украина во Алијансата кога ќе се појави политичката волја – изјави неодамна на прес-конференција Мајкл Карпентер, помошник на американскиот претседател и директор за европски прашања на Советот за национална безбедност на САД.
Значи, како и секогаш се работи за политичка волја и ништо повеќе. Но оваа волја е исто така ограничена од геополитичката и геобезбедносната реалност. Секако дека може да се игнорира, но тогаш мора да се прифатат политичката и моралната одговорност за можните последици. Р.С.