Доделена наградата „Гоце Делчев“ за „Македонскиот дијалектен атлас“ – проект од највисоко национално значење за Македонија

За научното дело „Македонски дијалектен атлас“ (од ризницата на картотеката – лексички материјали), завчера на неговите автори им е доделена државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година. Наградата беше доделена во македонското собрание.
– Ова научно дело ја отсликува работата на сите претходници и современици, а со тоа исцртува не само слика за лексичкото богатство на македонската дијалектна територија туку и слика за долгогодишната ангажираност на дијалектолозите во овој проект, мошне значаен за македонистиката и за славистиката – истакна на церемонијата министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска.

Проектот „Македонски дијалектен атлас“ датира од 1959 година

Автори на научното дело, кои годинава ја добија државната награда „Гоце Делчев“, се проф. д-р Веселинка Лаброска, акад. проф. д-р Марјан Марковиќ, проф. д-р Коста Пеев, проф. д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Еленка Стоевска-Денчова, проф. д-р Светлана Давкова-Ѓоргиева, проф. д-р Гоце Цветановски, д-р Ангелина Панчевска, м-р Соња Миленковска, д-р Давор Јанкулоски, д-р Македонка Додевска, д-р Дарко Томовски, м-р Ѓорѓе Геновиќ, проф. д-р Аритон Поповски, проф. д-р Маријана Киш и проф. д-р Убавка Гајдова (посмртно).
Проектот „Македонски дијалектен атлас“ (МДА) е инициран во 1959 година на Конгресот на југословенските слависти во Загреб, од страна на академик Божидар Видоески, негов основач, организатор и раководител до крајот на својот живот (1998). Овој проект е долгогодишен проект од највисоко национално значење, бидејќи со него треба да се истражат и да се опишат географски (на дијалектолошки карти) сите говори од територијата на етничка Македонија, односно од Република Македонија, Пиринска Македонија, Егејска Македонија, регионот во пограничјето со Албанија каде што се зборува македонски и регионот на Гора (што сега припаѓа делумно во Албанија и делумно во Косово). Во изминатиов период од шеесетина години, во проектот „Македонски дијалектен атлас“ биле вклучени повеќе десетици соработници, од кои дел вработени во Институтот за македонски јазик, а дел надворешни соработници. Собрани се три големи картотеки: картотека со тетратките од собраниот теренски материјал според Прашалникот за собирање материјал за „Македонскиот дијалектен атлас“ изработен од Божидар Видоески, од пунктовите избрани за МДА (вкупно 392 пункта); картотека на „Македонски дијалектен атлас“ со испишани ливчиња за секое одделно дијалектно прашање од Прашалникот со околу два милиони ливчиња и картотека на семинарски и магистерски работи, кои се изработени од студенти со менторство на професорот Божидар Видоески и на другите соработници на проектот.

Немерливото значење на „Македонскиот дијалектен атлас“ како автентично сведоштво за постоењето и богатството на македонскиот јазик и неговите дијалекти

Во 2008 година е објавен воведниот том на „Македонскиот дијалектен атлас“ (Пролегомена) под редакција на д-р Убавка Гајдова (главен редактор), д-р Светлана Давкова-Ѓоргиева, д-р Веселинка Лаброска, д-р Марјан Марковиќ, д-р Еленка Стоевска-Денчова и д-р Гоце Цветановски. Досега се објавени и десетина монографии, кои обработуваат или одделен пункт/регион од МДА или одделно значенско поле според материјалот од картотеките.
Главен финансиер на „Македонскиот дијалектен атлас“ е Министерството за образование и наука. Носител на проектот е Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
„Македонскиот дијалектен атлас“ има непроценливо значење за македонскиот народ во овој општествено-политички момент, но и особено во последниве десетина години, бидејќи македонскиот идентитет и македонскиот јазик, како негов столб и како матица на македонските дијалекти, говорени на сета дијалектна и некогашна етнојазична територија на македонскиот народ, се под жестоки удари, негирања и присвојувања од страна на Бугарија и Грција. „Македонскиот дијалектен атлас“ е автентично научно и фактичко сведоштво за постоењето и сето богатство на македонскиот јазик со неговите дијалекти во Грција, Бугарија, Албанија и во Косово.
Инаку, македонските дијалекти, кои се третирани со педесетината обработени лексеми (зборови) во вториот лексички том на „Македонскиот дијалектен атлас“, авторот на овие редови ги дефинира во своите поодделни македонистички истражувања како лингвакултурни регионални народни вариетети на македонскиот јазик и траен етнографски документ за животот на македонскиот народ во минатото и сегашноста. Македонските дијалекти се дијахрониско-синхрониски репозиториуми („складови“) (во минатото и сегашноста) на симболите, верувањата, митовите, легендите, народните обичаи, традициите и другите видови културни практики, како и на светогледот, начинот на живот и колективната меморија на македонскиот народ, кои како севкупно идентитетско, јазично и културно наследство се пренесуваат од едно на друго македонско поколение. Имајќи го предвид ова, јасно е колкава е важноста на првиот и овој втор том на „Македонскиот дијалектен атлас“.


Лабровска: Огромно духовно богатство е содржано во македонските дијалекти

Во својот вовед кон новиот том на „Македонскиот дијалектен атлас“, како главен истражувач на научниот тим, проф. д-р Веселинка Лаброска од Институтот за македонски јазик, дописен член на МАНУ, укажува дека по долги години го објавуваат тој прв том, продолжувајќи ја со тоа работата на нивните претходници.
– Токму оваа генерација македонски дијалектолози може да ѝ покаже на целата македонска и меѓународна лингвистичка јавност колкаво нематеријално духовно богатство претставуваат македонските дијалекти во Република Македонија, Грција, Бугарија, Албанија и во Косово – нагласува Лабровска.
Натаму, таа во воведот истакнува: „Македонскиот дијалектен атлас како проект е инициран во 1959 година на Конгресот на југословенските слависти во Загреб. Раководител и главен организатор на проектот од самиот почеток до крајот на својот живот (1998) беше академик Божидар Видоески. Тој ги има осмислено сите елементи на проектот, од библиографијата потребна за изработка на ваков атлас, преку мрежата на пунктови на македонската дијалектна територија, потоа Прашалникот за собирање лексички материјал на терен, фонетската транскрипција, картата бланковка, па сѐ до самото одење на терен и обучување на помладите колеги за оваа активност. За да се реализира ваков обемен проект, којшто барал многу ангажман во прибирањето дијалектен материјал на терен и потоа формирање картотека на Проектот, Божидар Видоески иницирал во 1960 година и формирање Одделение за дијалектологија во Институтот за македонски јазик ’Крсте Мисирков‘ во Скопје. Од 1961 година ова Одделение станува официјален носител на проектот ’Македонски дијалектен атлас‘“.
– Материјалот, претставен во овој том на „Македонскиот дијалектен атлас“ е резултат на обработка на 50 лексеми (зборови): црнка, трепка, мев, стапалка, слезинка, разрок, грд, лага, вистина, кодоши, пена, балдаза, кум, маќеа, очув, сестричник, стрико, вујко, јака, ѕид, чад, толчник, аван, пешник, пченкарен леб, залак, колбас, тиганици, целина, ледина, снопје, прекос, фурка, добиток, митари (се), прле, овен/брав, угич/водач, лисица, ласица, трут, крлушка/паринка, клукајдрвец, кикиришка, јаболко, грав, јоргован, памук, патека и вампир. Дијалектниот материјал е собиран од 351 пункт, односно населени места на целата македонска дијалектна територија: 215 пункта се наоѓаат на територијата на Р Македонија, 98 на територијата на Грција, 28 во Бугарија, 9 во Албанија и 1 пункт во Косово. Од собраниот дијалектолошки материјал се создадени три картотеки во Институтот за македонски јазик. Кон овој том на „Македонскиот дијалектен атлас“ се приложени соодветни карти на распространувањето на споменатите лексеми (зборови) на целата македонската дијалектна територија, од каде што се собрани – посочува Веселинка Лабровска.

Свето Тоевски