Историјата е сведок за најтешки општествени искушенија, но клучно е траумите заеднички да се надминат
- Дури и порано, кога и да се случувале некои несреќи, важно било да не се потклекне на искушението, да се подигне високо главата, да се остане заедно… повеќе глави потрезвено размислуваат. Всушност, народот природно, кога дозна за трагедијата, се обедини, почна да бара начини како да помогне. Тука почнаа собирите, заедничката поддршка, тука веднаш се активира секоја индивидуа, колектив… Општествена одговорност е да си помагаме во вакви ситуации, да ја совладаме болката и во името на жртвите да направиме сѐ за безбедноста и просперитетот на идните генерации на нацијата…
- Кога постои здраво општество, тоа многу полесно ќе ги прифати новите идеи за исчекор кон перспективна иднина: промени, реорганизација на економијата, за градење квалитетно образование, организиран здравствен систем, здрава и чиста средина, функционален правен систем, граѓански настроени институции, издигнување на културата, што ќе придонесе за сеопшта здрава средина, односно ќе придонесе за градење здрава држава по сите основи
Неколкуте колективни трагедии што во изминатите години го погодија македонското општество несомнено ќе остават последици врз психата на луѓето што се дел од тоа општество, кај некои на пократок, но кај некои и на подолг рок.
Ваквите состојби, ако не се санираат навремено, ќе доведат до зголемена летаргија и апатија меѓу луѓето, со што едноставно се убива секоја желба кај колективот да прифати или да направи каков било позитивен исчекор во насока на подобрување на севкупните состојби. Скепсата секогаш ќе надвладува над оптимизмот и секој потег ќе биде набљудуван со резерва, без никаква желба луѓето да се вклучат во процесите што значат нешто ново. Тоа неминовно го заболува општеството и го прави неподобно за какви било реформски процеси, дотолку повеќе што болното општество е закана и за постоењето на самата држава.
Од друга страна, кога постои здраво општество, тоа многу полесно ќе ги прифати новите идеи за реорганизација на економијата, за градење квалитетно образование, организиран здравствен систем, здрава и чиста средина, функционален правен систем, граѓански настроени институции, издигнување на културата, што ќе придонесе за сеопшта здрава средина, односно ќе придонесе за градење здрава држава по сите основи.
Токму затоа психолозите сега треба да го одработат својот дел од нивната општествена улога, да работат со граѓаните во насока на полесно надминување на последиците од ваквите колективни трауми.
– Клучно е да се вратиме кон самите себе. Народот е многу мудар и уште многу одамна знаел како да се носи со сите овие несреќи што се случуваат. Не би рекла дека ние како народ сме нерезилиентни, неотпорни, дека не сме се соочувале со вакви работи во минатото. Можеби сега немаме војна и стресови од тој тип, но трансгенерациски ако гледаме наназад низ годините, не е дека нашите предци не минувале низ војни претходно. Балканот е едно жариште, но овие сегашни генерации живееле некако помирно и ова им доаѓа како некаков шок. Многу е важно да не забораваме на психичката состојба, односно на менталното здравје и секако на колективното, односно како може колективно да се заштитуваме. Многу често се случува во вакви периоди да се движиме некој во изолација, друг во бес и агресија да се борат со она што се случува, притоа да забораваме дека некаде постојат некои начини што можат многу повеќе да нѐ поддржат, а тоа е прво да останеме заедно. Дури и порано, кога и да се случувале некои несреќи, важно било да се остане заедно, повеќе глави потрезвено размислуваат. Кога сме заедно, ништо не може да нѐ сруши и тоа е токму она што се случува. Всушност, народот природно, кога дозна за трагедијата, се обедини, почна да бара начини како да помогне. Тука почнаа собирите, заедничката поддршка, тука веднаш се активира Комората на психолози, психијатрите, се активира секоја професија. Општествена одговорност е да помагаме во вакви ситуации – вели Елена Џебр, психолог и психотерапевт.
Таа, гостувајќи во емисијата „Заспиј ако можеш“, порача дека она што сега е најважно е како по овој настан да останеме психички и психофизички стабилни, обединети, да се држиме заедно за да можеме да продолжиме натаму.
– Во овој момент навистина го изгубивме тлото под нозете, се случи нешто што буквално нѐ размести и ќе биде потребно време работите да се вратат на свое место… Собирите, поддршката, тоа е природен начин на лекување на траумата. И не мора да се оди на собири, дома, да се разговара со блиските, да не се изолираме. Ние сме колектив и тоа не смееме да го заборавиме, дека никогаш човекот сам не може да преживее. Дрвото не може да расте ако нема многу корења и тоа сме ние, како корењата, мора да се зацврстиме, да сме заедно, да сме многу, да си помагаме – посочи Џебр.
Социологот Илија Ацески смета дека како општество можеме да излеземе посилни од ваквите трагедии само така што ќе покажеме проактивност во барањето да се подобруваат состојбите во сите области.
– Мора да почнеме да работиме на поправање на системските аномалии. Тоа ќе ја врати таа доверба во општеството дека можеме да направиме нешто, дека тие луѓе што загинаа во кочанската дискотека не загинале попусто, а општеството единствено на тој начин ќе може да се залечи од лузните нанесени од оваа, но и од претходните трагедии. Можеби ќе бидат потребни пет-шест години да дојдеме до некакво заздравување, но важно е работите да тргнат. Оваа несреќа треба да остане како голема опомена дека такво нешто не може да се случи повеќе. Заздравувањето на општеството од оваа траума може да се случува со притискање на секоја власт да ги подобрува состојбите, односно притисок на секоја одговорна позиција да се носат најспособните луѓе по Мерит-системот, ние ќе ги бараме најспособните без разлика на етничка припадност, вера или слично, нема да дозволуваме партиите да носат нивни кадри за потоа да ни се случуваат вакви трагедии – вели Ацески.
Според него, македонското општество е длабоко погодено од овие трагедии, но мора да се држи сплотено за да излезе како победник.
– Мора да почне еден процес на едно нормално вреднување, за да можам јас по четири-пет години да поверувам дека сепак државата, институциите водат сметка за моето здравје, мојот живот, за животот на заедницата воопшто – заклучува Ацески.