Фото: Маја Јаневска-Илиева

Конечно точка во делот од планирањето на завршните изведби за автопатот Кичево-Охрид?

Автопатот Кичево–Охрид повторно доби нов рок и финансиска рамка. Собранието со 63 гласа „за“ изгласа законски дополнувања што овозможуваат потпишување на Анекс бр. 8 со кинеската компанија „Синохидро“. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека анексот е клучен за конечна реализација на автопатот, нагласувајќи дека проблемите произлегуваат од недоволно геотехнички истражувања во првичниот проект од 2013–2014 година. Анексот ја продолжува изведбата за 151 ден, обезбедува време за добивање употребна дозвола и ги упатува на непредвидените работи од проектот – стабилизација на свлечишта, изградба на 14 галерии, еластична одбојна ограда според европски стандарди, паралелни пристапни патишта и контролен центар за тунелите. Сумата што е предвидена со анексот е 186 милиони евра и рок за завршување до 31 мај 2027 година. Со Анекс 8, изведувачот се обврзува да се откаже од потенцијални барања за надомест до крајот на 2026 година, што Владата го оценува како потег што носи финансиска сигурност.

Пролонгирањето како лекција за идни планирања

Изградбата на овој проект започна во мај 2014 година и првично требаше да заврши до јануари 2018 година. Со анексите што следуваа, рокот се пролонгира за шест години, а вредноста на договорот се зголеми за речиси 373 милиони евра. Ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) откри дека пет измени на договорот и 42 варијации на проектната документација произлегле од „недоследности во основниот проект и реалните геолошки услови“.
Надзорот на Градежниот институт Македонија смета дека новиот рок до мај 2027 година е технички оправдан, но услов е инвеститорот да обезбеди навремено финансирање, а изведувачот добра организација. Според нашиот соговорник, подизведувач на градежните работи на автопатот Кичево-Охрид, една деценија изградба и неколку анекси подоцна, лекцијата е повеќе од јасна.
– Ако Македонија сака раст и развој, мора непречено и брзо да ја развива својата инфраструктурна мрежа. Побрзите и подобро планирани патишта не се само бетон и асфалт, тие се крвоток на економијата и мотор на иднината на земјата – вели нашиот соговорник, кој има своја градежна оператива на теренот.
Автопатот Кичево–Охрид, долг 57 километри, не е само пат, тој е тест за способноста на Македонија да создаде услови за економски раст. Искуството со Кичево–Охрид покажува дека деталните геотехнички анализи и квалитетното планирање се неизбежни за ефикасна реализација на големи проекти. Неопходно е инфраструктурната мрежа да се развива непречено, со што ќе се овозможи побрз проток на стока, луѓе и идеи. Во услови на глобална конкуренција, секој ден пролонгирање на инфраструктурни проекти го одлага развојот на Македонија и пошироко, на регионот. Е.Р.