Истапувањето на глобалната конференција во Минхен, Германија, го исфрли американскиот потпретседател Џеј Ди Венс во геополитичката орбита
на лидерите на новото време, кои допрва ќе го заземат своето место, не само како можен лидер на потрамповска Америка. А што изјави американскиот потпретседател во својот впечатлив говор на годишната Минхенска конференција за безбедност,
одржана изминатиов викенд. „Заканата, која ме загрижува најмногу во однос на Европа, не е Русија. Тоа не е Кина, ниту кој било друг надворешен актер. Она што ме загрижува мене е заканата одвнатре – оддалечувањето на Европа од некои од нејзините темелни вредности, кои ги дели со Соединетите Американски Држави“.
Американскиот потпретседател Венс ги стаписа со своите критики европските влади и бриселската бирократија
1. Во воведната лекција за Брисел, Венс вети дека „ќе се залага за правото на Европејците да го искажуваат своето мислење“!
2. Втората лекција на американскиот потпретседател беше во врска со проблемите на цензурата во Европа. „Можеби не се согласуваме со вашите ставови, но ќе се бориме да го одбраниме вашето право да го понудите мислењето на јавниот плоштад“, рече Венс, асоцирајќи на практиката во ЕУ мејнстрим медиумите да го пишуваат само она што е (нео)либерална идеологија.
3. Венс ги повика европските земји „да сторат повеќе, отколку само да се зборува за демократските вредности“, порачувајќи дека ЕУ далеку се отклонила од демократските изворни вредности и креирала своја „демократска“ матрица што е далеку од темелните универзални вредности и фундаментите на кои се темели ЕУ.
4. Потпретседателот на САД беше многу јасен кога констатира дека „Европа се соочува со многубројни предизвици, но и оти кризата со која се соочува таа е последица токму на нејзините акции“, при што, метафорички кажано, меѓу народот е познато како изрека дека „она што си го надробила досега ЕУ, тоа и ќе го срка“…
5. Една од клучните лекции на Венс е онаа во која тој ги повика властите на европските земји „да не го игнорираат мислењето на избирачите“! „Ако се плашите од сопствените избирачи, тогаш САД нема да ви помогнат“, порача Венс.
6. Во „лекцијата за мигрантската криза“, Венс рече дека „мигрантската криза во Европа не настанала во вакуум, туку како последица на свесните одлуки на европските политичари во изминатата деценија“! „Ниедна демократија нема да преживее ако им вели на милионите избирачи дека се недостојни за внимание нивните мисли и грижи, нивните желби и молби“.
7. Потпретседателот на САД ја повика Европа на конкретни акции по овие лекции!
Одгласи на говорот на Венс
За либералите неприфатлив, за суверенистите Венс ѝ ја кажал на Европа суровата вистина
Лидерот на француската партија Патриоти, Флоријан Филипо, оцени дека говорот на Венс во Минхен е доказ за желбата на Трамп да ја уништи ЕУ. Според зборовите на Филипо, потпретседателот на САД во својот говор ја „разоткрил тиранијата на гнилата ЕУ“.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус го означи како неприфатлив оној дел од говорот на Венс во кој тој ги спореди европските демократии со авторитарните режими.
Кандидатката за канцелар на Германија од десничарската партија Алтернатива за Германија даде пофалби за истапувањето на Џеј Ди Венс.
Дејвид Кертен, лидерот на британската десничарска популистичка партија Херитиџ, ги искоментира зборовите на Венс за улогата на европските политичари во настанокот на мигрантската криза, велејќи дека американскиот политичар ѝ ја кажал на Европа суровата вистина.
Реагираше и претседателот на САД по говорот на Венс
Претседателот на САД по говорот на Венс порача дека европските земји треба да бидат внимателни.
– Венс одржа многу добар говор, поправо – сјаен говор, и Европа би требало да биде внимателна. Тој зборуваше за миграцијата, а во Европа постои голем проблем со тоа. Видете само што се случи со криминалот. Видете што се случува во различните делови на Европа. Неговиот говор е разбран многу добро – рече Трамп пред новинарите во Белата куќа.
Острите критики на американскиот потпретседател кон шефовите на владите и на државите во Европа ги доживеа и лично германскиот канцелар Олаф Шолц. Св.Т.
Потпретседателот на САД, Венс, се сретна со Вајдел
од Алтернатива за Германија
Вашингтон ги поддржа точките од политичката програма на АфД што ќе
имаат страшен импакт во ЕУ и на Балканот
Венс разговараше со Алис Вајдел, лидерката на Алтернатива за Германија (АфД).
– Демократијата почива врз светиот принцип дека гласот на народот е важен. Нема простор за „огнени заштитни ѕидови“ кон народот и десничарските партии – нагласи американскиот потпретседател по средбата со Вајдел.
Каналите за комуникација што ги отвора Венс со германската партија Алтернатива за Германија се негова директна и индиректна поддршка и за политичката програма на оваа германска партија во подем, која стигна до тоа да има и кандидат за канцелар на таа држава, со кој ќе се натпреварува на тамошните претстојни парламентарни избори.
Со оглед и на фактот што американските суверенисти, како што покажува Венс и на Минхенската безбедносна конференција, веќе започнаа да градат блиски трансатлантски врски и сојузништва со европските, во случајов и со германските суверенисти и десничари, укажуваме само на неколку од клучните програмски определби во политичката програма на Алтернатива за Германија, наречена „Манифест за Германија“, кои ги поддржа Венс. Патем, токму тие точки, поддржани од Венс, од политичкоправен аспект, имаат огромна (правно-политичка) специфична тежина и за Македонија. Издвојуваме дел од тие точки за кои и обрнуваме внимание:
„Повеќе не можеме да останеме пасивни и само да ги набљудуваме прекршувањата на правдата и на владеењето на правото, уништувањето на уставната држава… Германскиот устав не смее да се менува и ниеден значаен меѓународен договор не смее да биде внесен во него, без директно одобрување од германскиот народ. Само германскиот народ треба да има право да иницира измени на Уставот….Ние веруваме во суверена Германија. Ако не успееме со нашите идеи за темелна реформа во сегашната ЕУ, тогаш ќе бараме излез на Германија од ЕУ, или демократско распаѓање на ЕУ….Ние веруваме во слободата на европските народи без странскиот патернализам (наметнување странско влијание кон некоја држава – л.заб). Св.Т.
Дали Минхенската конференција го лансира Венс во геополитичката орбита
на светските лидери на новото време што доаѓа?
Кој е Џеј Ди Венс, сегашниот 50-ти американски потпретседател? Џејмс Дејвид Венс е американски политичар, автор, адвокат и ветеран на маринскиот корпус. Како член на Републиканската партија, тој го претставуваше Охајо во Сенатот на САД од 2023 до 2025 година. Со своите 41 година е третиот најмлад вршител на оваа политичка функција, зад Џон Брекенриџ и Ричард Никсон. Подемот на Венс од ридовите на Кентаки до индустриите на Охајо, од воените полиња во Ирак до Правниот факултет на престижниот универзитет „Јејл“, ја опфаќа класичната американска приказна на успехот. Венс има моќни врски во Конгресот и со Сенатот, но и силна поддршка од сопствениците на компаниите од таканаречената Силициумска Долина, каде што се сконцентрирани важните американски технолошки гиганти, кои беа и донатори за неговата потпретседателска кампања, паралелно со претседателската кампања на Доналд Трамп.
„Венс го претставува заборавениот дел на Америка – белите англосаксонски протестанти, доселени во САД во текот на 19 век од Северна Европа, особено од Англија, Ирска, Германија и од Скандинавија. Тој има потенцијал да ја искористи својата моќ на начин што не е виден никогаш порано. Венс стои на крстопат. Со своите единствени сојузи и со прстот на пулсот на непретставената Америка, тој има потенцијал не само да го редефинира начинот на досегашното потпретседателствување туку и да ја обликува иднината на нацијата“, констатира политичкиот теоретичар и новинар Џеф Мејхју во својата анализа со наслов „Како би можел Џеј Ди Венс да стане најмоќниот потпретседател во американската историја“, објавена на 9 декември 2024 година во американскиот весник „Хил“.
Политичкиот аналитичар и писател Бенџамин Валас-Велс постави прашање зошто Трамп го одбра Џ.Д. Венс како потпретседател, на 15 јули 2024 година, во својата аналитичка статија, објавена во американскиот магазин „Њујоркер“: Сенаторот од Охајо Венс е „фитиљот што го запали Трамп. Венс му даде можност на Трамп во неговата претседателска кампања доверливо, веродостојно да сугерира дека трампизмот има иднина и по него“, нагласи Валас-Велс во својот заклучок како одговор на споменатото прашање. Св.Т.