За дискрециското право, како алатка во работата и привилегија на високопозиционирани авторитети во власта, но и во институциите на системот, правниците тврдат дека тоа никаде не се наведува во законите. Примената на таквото право е во зависност од некои исклучителни ситуации во практиката, кога треба да се дејствува брзо и вонредно со одлуки за решавање одредени ситуации и состојби, односно да се надмине некаква законски непредвидена и нерегулирана безизлезност. Но во многу примери од практиката, искористеното дискрециско право (на оние што можат да располагаат со тој инструмент) никако не се вклопува во сценариото за „решавање непредвидени и нерегулирани практики“, како на пример во последниот случај за согласноста на „право за дозвола за предвремено полагање правосуден испит“?!
Злоупотребата на дискрециското право како повод
Корупцијата повторно покажува дека е вкоренета во нашето општество. Најновоманифестиран облик што овозможува коруптивни поведенија и практики е – дискрециското право. Всушност, под тоа се подразбира дадената можност на одреден носител на власт да се впушти во решавање одредено прашање, по сопствено убедување, доколку за неговото решавање не се предвидени и законски решенија или практики…
Токму употребата на еден таков „дискрециски инструмент“ во правниот сообраќај овозможува, според правните експерти, „легална можност за практикување корупција“.
Случајот на злоупотреба на дискрециското право во образовниот систем размота цело клопче „преседани“
Практиката на злоупотребата на дискрециското право на високи функционери од власта за манипулација и прекршување на образовните норми и стандарди, како и заобиколување, односно девалвирање на законите и прописите во државата, беше откриена со случајот за предвремено полагање правосуден испит на синот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, кога сѐ уште немал дипломирано на Правниот факултет. Вообичаената законска образовна регулатива, која во правосудниот систем се практикува речиси отсекогаш, е дека за дипломиран правник да се стекне со право да полага правосуден испит е потребно да има од една до две години практика, односно работно искуство. По обелоденувањето на случајот со синот на собранискиот спикер од страна на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), се размота цело клопче „преседани“, со што се покажа дека со дозвола на поранешни министри за правда, тргнувајќи од своето толкување за дискрециско право што го имаат функционерите во извршната власт, на поголем број недипломирани правници или што ги немале исполнето условите за работно искуство им било дозволувано да полагаат правосуден испит предвреме. И таквата практика на користење на дискрециско право се наследувала од министер на министер за правда. Индициите и сомнежите за коруптивно однесување во овие случаи уште повеќе се зголемија со признанието од Министерството за правда дека документацијата за полагање правосуден испит се чувала само една година, па не можат да обезбедат докази со кои би се утврдила (не)законитоста на постапката во споменатите случаи за предвремено полагање правосуден испит за незавршени правници. ДКСК вели дека нема надлежност за понатамошно расветлување на случајот, односно нема доволно докази да предложи отворање случај во Јавното обвинителство, а од Обвинителството нема иницијативност за истражување на оваа афера за злоупотреба на дискрециското право.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, објаснувајќи ја суштината на случајот со злоупотреба на дискрециското право на министерот за правда, вели дека кога студентот Џафери се запишал да полага правосуден испит, правилото било да има 300 кредити. Проблемот е во тоа што ги немал тие кредити и немало никаков простор за одлуки според некакво дискрециско право. Ивановска предупредува дека дискрецијата, сама по себе, создава многу непријатности и е основен извор на корупција
– Тоа никаде не постои во закон. Дури, во претходниот закон стоеше дека следува казна доколку му се дозволи на некој да полага предвреме. Значи, нема простор за дискрециско право. Дискрецијата, сама по себе, создава многу непријатности и е основен извор на корупција, затоа што дозволува да дојдат до израз моќта на поединецот, суетата, влијанието од политиката итн. Затоа нашата заложба е да се минимизираат дискрециските права и да има објективен начин и за следење и за покажување – вели претседателката на ДКСК, Билјана
За дискрециското право, како алатка во работата и привилегија на високопозиционирани авторитети во власта, но и во институциите на системот, правниците велат дека тоа никаде не се наведува во законите. Примената на таквото право е во зависност од некои исклучителни ситуации во практиката, кога треба да се дејствува брзо и вонредно со одлуки за решавање одредени ситуации и состојби, односно да се надмине некаква законски непредвидена и нерегулирана безизлезност. Но употребата на дискрециското право за дозвола за предвремено полагање правосуден испит никако не влегува во таквите непредвидени и нерегулирани практики.
– Правната професија е регулирана дејност и не треба да има простор за практикување некакви непишани правила. Голема иронија и проблем за една правна држава и владеењето на правото е кога се создава практика токму во правната професија, која треба да ги регулира односите во општеството и да ја спроведува законитоста, да се спроведуваат „непишани правила“. Или, посликовито кажано, како да се очекуваат правда, правичност и законитост во работењето на еден судија, обвинител, професионалец во правосудниот систем, ако кариерата ја градел на незаконски начин. Во случајот со дозволата за полагање правосуден испит на недипломирани правници со дискрециско право на министер, одговорите погрешно ги бараме во некои принципи и правни норми. Дискрециското право, како и следственоста на чекорите за напредување во правната професија не се номотехнички наведени во ниту еден закон. Нема логика и причина во закон да се наведува дека пред исполнување услови и стекнување соодветни образовни квалификации од еден степен, не може да се продолжи на нареден степен за образование или кариерно напредување. А и кога дискрециското право би се навело во закон како можност за носење одлуки, тоа би било отворен булевар за корупција. Коренот на проблемот во овие случаи на примена и злоупотреба на дискрециското право на министрите за правда е што кога еднаш ја примениле таквата форма на одлучување и сфатиле дека минува без некакви забелешки и реакции, си создале непишани правила со кои го уривале законот. Освен тоа, оваа појава е последица на еден синдром кај министрите од ДУИ, кои сметаат дека практикувањето на власта им е воен плен од 2001-та, па си создаваат „непишани правила“ за заобиколување на законската регулатива, која подолго време се поттурнува под тепих. Бесмислено е да бараме правна смисла во оваа практика на примена на дискрециското право. Таа во корен е голема злоупотреба на правото и законите, за која секако треба да се бара одговорност – вели универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев.
Според универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески, примената на дискрециското право е оправдана само кога е во функција на подобрување на одредени состојби и решенија. Но и посегнувањето по тоа дискрециско право, во исклучителни услови, секогаш треба да биде во рамките на законитоста, а не за дерогирање на законите.
– Ако со законот се ограничува, односно се регулира некое право, воведувањето на дискрециското право во (со) закон, практично значи неограничено право за тој што го има и го спроведува. Многу лесно таквото дискрециско право може да се претвори во криминално право. Законски дозволеното дискрециско право е логички спротивно на премисата дека сите се еднакви пред законот и законот важи еднакво за сите. Дискрециското право е категорија што произлегува од реалната практика и е оправдано само кога е во функција на подобрување одредени состојби и решенија. Но и посегнувањето по тоа дискрециско право, во исклучителни услови, секогаш треба да биде во рамките на законитоста, а не за дерогирање на законите. Последните случаи ни покажуваат дека злоупотребата на дискрециското право е голем извор на корупција – вели професорот Илија Ацески.