Фото: Маја Јаневска-Илиева

Повод: Партиски кампањи со етноцентрични мотиви

Жестоки реакции деновиве насочени кон лидерите на ДУИ и особено кон Али Ахмети отсликаа едно сосема различно расположение кон оваа партиско-етничка опција во албанскиот кампус во Македонија, но и во соседно Косово. Во еден сублимиран став од повеќето медиуми на албански јазик се вели: „ДУИ нема морално право да зборува за проблемите и предизвиците на нашето општество. Крадеа 20 години сè што може да се украде преку разни нелегални методи, измами, непотизам и корупција. Само погледнете наоколу: скапи куќи, луксузни вили, станови на брегот, фабрики, хотели, соларни панели итн. А зад секое од нив стои името на поранешен функционер на ДУИ или на луѓе блиски до него“.
Сонародници од Балканот му претскажуваат „политички крај“ на лидерот од Мала Речица споменувајќи ја неговата „лебедова песна“: Писанието на Ахмети по повод Охридскиот рамковен договор, како и неговиот говор во Приштина на 7 август 2025 година, на тамошниот протестен митинг против Специјалниот суд во Хаг.

Флоријан Несими: Богатите од ДУИ мора да ја напуштат политиката!

Предизвикан од фалењата и јавните истапувања на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и на дел од партиската врхушка за нивните „национални албански заслуги“, правникот и политички аналитичар од Тетово, Флоријан Несими, јавно и со пишан збор, под наслов „Богатите од ДУИ мора да ја напуштат политиката“, се спротивстави на ваквата фарса од партиска кампања. Имено, Несими во своето писание нагласува дека токму тие од ДУИ „…откако испокрале сѐ што можело да се искраде додека биле на власт, изградиле попрво за себе скапи куќи, луксузни вили, станови на морското крајбрежје во Албанија, но и фабрики, хотели, соларни панели…“.
– Категоријата богати од ДУИ немаат морално право да зборуваат за проблемите и предизвиците на нашето општество. Крадеа 20 години сè што може да се украде преку разни нелегални методи, измами, непотизам и корупција. Само погледнете наоколу: скапи куќи, луксузни вили, станови на брегот, фабрики, хотели, соларни панели итн. А зад секое од нив стои името на поранешен функционер на ДУИ или на луѓе блиски до него. Категоријата богати од ДУИ можат да ги продолжат своите приватни бизниси, бидејќи никој не ги запира, но мора да ја напуштат политичката сцена засекогаш. Политичката сцена не треба да им припаѓа на милионерите создадени од долгогодишното владеење, туку на чесните луѓе, на оние што се образувале со жртва, кои работат со чест и ги издржуваат своите семејства со својата чиста плата – им порача Флоријан Несими на Ахмети и неговите сопартијци функционери.

Длабоко лицемерство на Ахмети и на ДУИ кон своите сонародници

Во колумна објавена во информативниот портал на албански јазик „Тетова сот“, насловена „Али Ахмети ‘пееше како славеј’ во судница за војниците и командантите на УЧК“, Аднан Азизи, пратеник во Собранието на Македонија, го обвини Ахмети дека „ги предал водачите на УЧК од Косово, ‘пеејќи како славеј’ за нив во Хашкиот трибунал“!
– Гласот на Али Ахмети трепереше во Приштина, каде што на протестот бараше слобода за војниците на УЧК од Специјалниот суд. Му трепереше, зашто тој мамеше. Гласот едвај му се слушаше, од страв да не биде откриено неговото предавство. Но Ахмети заборави дека сомневањата за тоа што всушност самиот сведочел (или како што вели народот, „пеел како славеј“) на тој суд, токму за војниците и командантите на ОВК, е фактот што толку години никогаш не излегол пред Албанците да каже што сведочел, за што зборувал. Како што отворено велат неговите сопартијци, веднаш по сведочењето во Хаг Али Ахмети станал заложник на Артан Груби, кој му бил преведувач за време на сведочењето.
Дваесет години (ДУИ) ги изнудуваа, ги осиромашуваа и ги деградираа Албанците. Но колку повеќе изминува времето, толку повеќе доаѓа редот на вистината, онаа што ќе открие кој бил борец, а кој лажго – нагласи Аднан Азизи во својата колумна, реагирајќи на ставовите што Ахмети ги изнесе неодамна на митингот во Приштина.

Д-р Енвер Битиќи: Али Ахмети сака да испише историја според своите желби

Во колумна објавена во весникот „Бота сот“ од Приштина, Косово, под наслов „Зошто левичарите се борат за ‘историјата’, а не за нацијата?!“, д-р Енвер Битиќи, професор по политичка историја и меѓународни односи од универзитетот „Александер Мојсиу“ од Драч, Албанија, опфаќа еден друг аспект од „ликот и делото на Ахмети“. Професорот го обвини Али Ахмети дека создавал своја „историја“ како „албански лидер“, а не „историја за албанскиот народ“. Али Ахмети, Еди Рама и други сакаат да пишуваат историја според нивните желби, вели тој. Професорот Битиќи со невидено остри квалификации го означи лидерот на ДУИ како „зло за албанскиот народ“.
– Историјата не започнува и не е ограничена само на параноични и „славни“ лидери жедни за слава и моќ. Историјата е немилосрдна. Таа ве возвишува, но и ве казнува. Таа ги казнува особено оние политички лидери што се борат или работат за своето „јас“ и за својата слава, заборавајќи дека се слуги на човештвото – истакна Битиќи во својата колумна.


Кога ДУИ ќе изгуби, ќе го изгуби и својот лик

Во колумната со наслов „Ако е ова крајот на Ахмети, тогаш тој си го избра самиот“, која ја објави информативната агенција на албански јазик „Илирија-ИНА“ од Скопје, Батон Хаџиу, новинар од Косово, без никаква воздржаност му порача на Али Ахмети дека „влегол во циклусот на самоуништување“!
– Али Ахмети се подготвува за локалните избори, соработувајќи со луѓе што му го искинале политичкото месо. Се подготвува да ги предаде општините како Гостивар, Струга, Сарај, па дури и Чаир, на луѓе што сакаат да го отстранат од политиката – пишува Батон Хаџиу.
Хаџиу не само што му прогнозира „крај“ на Ахмети туку истото тоа ѝ го претскажува и на ДУИ.
– Ако Али Ахмети ги изгуби овие избори, тогаш неговото наследство ќе биде поделено на четири локални феуди – на Таравари во Гостивар, на Касами во Тетово, на Меџити во Чаир и можеби уште едно во некое село, и на Села во Струга. ДУИ веќе не е партија. Тоа е конфедерација од фрагменти, поврзани ниту со историја, ниту со принцип, ниту со идеал. Кога ДУИ ќе ги изгуби своите општини, ќе го изгуби и својот лик – додава тој. Р.Н.М.