Фото: Пиксабеј

Канцеларијата на европското јавно обвинителство (ЕППО) води десетици случаи за злоупотреби, проневера на пари, корупција итн., во кои грчки државјани добивале од ЕУ високи парични средства за развој и поддршка на земјоделството. Имено, предметите на ЕППО содржат докази за извршени тешки кривични дела од 2017 година, и тоа за „пасишта што не ги поседувале или не биле под закуп или, пак, за земјоделски работи што осомничените лица никогаш не ги извршувале“. На тој начин вистинските земјоделци биле лишени од финансиската поддршка што им следувала. Во моментов ЕППО интензивно истражува како била поставена шемата, вклученоста на државните органи, особено на луѓето што работат во организацијата одговорна за надзор на распределбата на парите – државната агенција наречена ОПЕКЕПЕ. Во големата афера е забележан и еден случај на полагање право на земјиште во Македонија!

Нова колосална корупциска афера во Грција од областа на поддршката и развојот на земјоделството, инволвирана и Македонија со земјоделска парцела

Нова голема корупциска афера се надоврзува на низата скандали што ја потресуваат Грција, засилувајќи го чувството дека јужниот сосед се соочува со битно отсуство на владеење на правото. И овие случаи на тежок криминал од организиран карактер, корупција, отсуство на систем и правна држава, датираат од поодамна, односно од пред осум години, кога со истраги на Канцеларијата на европското јавно обвинителство (ЕППО) се откриени низа малверзации и криминални поведенија во грчката држава.

Грција е можеби колепка на
демократијата, но очигледно е и колепка на корупцијата

Според соговорниците, „се разбира дека за отсуството на владеење на правото и високиот степен на вкоренетата корупција во државните институции во Грција директно придонесуваат оние што се на власт, кои свесно и со умисла го игнорираат изигрувањето на законите, тргуваат со влијание или пак директно се инволвирани во таквите инкриминирани поведенија, и токму од највисоките позиции на власт, тие генерираат криминал и коруптивно поведение, не само во земјата туку и во регионот. На тој начин се стекнува и впечаток дека доаѓа до еродирање на демократијата токму во земјата што е позната како лулка на демократијата“.
Имено, токму за ваквите состојби, за волја на вистината, преку серија написи известува реномираниот „Политико“. Споменатиот медиум неодамна ја опиша Грција како „земја што дозволува луѓето да ѝ избегаат на правдата“. Најновиот скандал се однесува на шема за измама на парични средства наменети за земјоделство од фондовите на Европската Унија.

Една од најголемите земјоделски измами во последните години

– Канцеларијата на европското јавно обвинителство (ЕППО) води десетици случаи во кои грчки државјани добивале од ЕУ парични средства за земјоделство, од 2017 година, за пасишта што не ги поседувале или не ги имале под закуп, или пак за земјоделски работи што никогаш не ги извршувале, лишувајќи ги земјоделците од парите што им следувале – наведува „Политико“.
Се истражува како е поставена шемата, како и можната вклученост на државните органи, особено на луѓето што работат во организацијата одговорна за надзор на распределбата на парите, државната агенција наречена ОПЕКЕПЕ (Организација за плаќања и контрола на насоките и гаранциите за помошта за заедницата).
Фингираните апликации се откриени, а заедно со нив и подносителите. Некои од нив се веќе лишени од слобода и изведени пред суд. Но, за издвојување е дека сѐ уште никој од грчката Организација за плаќања и контрола на насоките и гаранциите за помошта за заедницата не е обвинет. Напротив, и досега секојпат кога требаше да се преземат акции за разобличување на измамата, од тогашниот министер за земјоделство, со преземени одредени мерки и активности, беа стопирани натамошните чекори во процедурата за да излезе вистината на виделина и да се спроведе правдата.
Има конкретни индиции дека проневерените финансиски средства би можеле да достигнат до 45 милиони евра годишно, со што овој случај би се класифицирал како една од „најголемите земјоделски измами во последните години“.

Криминална шема на три нивоа

Истрагата обелоденува шема што функционирала на три нивоа: грчката државна агенција ОПЕКЕПЕ им овозможила пристап до информациите за расположливото пасиште на своите технички советници; натаму, службените лица во синџирот на измамата „замижувале“ пред „климавите“ апликации или издавале т.н. „циркулари“, кои им помагале на сторителите да ја избегнат истрагата; а менаџерите во агенцијата што се обиделе „да се справат со шемата“ (имало и чесни поединци во администрацијата, но биле во малцинство) биле принудени да ги напуштат своите позиции. И сето тоа не би било можно без координација на некој функционер од повисок ранг, кој има пристап до картата со достапните области и до она што е веќе пријавено, потврдил за „Политико“ анонимен функционер во Министерството за земјоделство.
Повеќето од лажните поднесоци (апликации) биле направени од Крит, кој добил две третини од „вкупните земјоделски субвенции на Грција од ЕУ во 2020 година“, според бројките на OПEKEПE. Токму „Политико“ пишува дека имал и увид во „договорите и правните документи“.

Проневерени европски пари и за земјоделство надвор од Грција, односно во Македонија

Апликантите, грчки државјани, добиле средства за земјиште надвор од Грција во 34 случаи, вклучувајќи и еден случај за голема „парцела во соседна Македонија, која не е ни во ЕУ“, открива грчката истражувачка веб-страница „Инсајд стори“ (Inside Story).
– Ги идентификувавме во 2021 година и побаравме од нив да ги вратат парите. Но проблемот во регионот беше многу поширок – рече еден поранешен функционер на ОПЕКЕПЕ, кој е анонимен поради сѐ уште високата чувствителност по ова прашање.
Во 2019 година две лица од Ретимно, Крит, поднеле барање за субвенции за изнајмено земјиште на островот Кеа, за користење како пасиште. Нивната апликација вклучуваше договори за изнајмување што идентификуваа двајца други жители на Ретимно како сопственици. Тие добија околу 73.000 евра од фондовите на ЕУ. Следната година двајца други производители од Ретимно го изнајмија истото земјиште на Кеа и, во договорите доставени до ОПЕКЕПЕ, изгледаше дека земјиштето има нови сопственици.
– Наводните наизменични сопственици на истите парчиња земја на Кеа, на Кикладите, ја сменија земјата како да е кошула. Постојат сериозни докази за соучесништво – се наведува во извештајот доставен до обвинителите во Ретимно од тогашниот претседател на ОПЕКЕПЕ, Грегориос Варас.
Грчкиот суд во октомври ги осуди измамниците од Ретимно на затворски казни од 12 до 24 месеци – првите големи пресуди во шемата за лажни пасишта. Случајот беше поткрепен со факти и бројки доставени од ЕППO, а на судското рочиште учествуваше и европски обвинител.
Во друг случај, кој има рочиште деновиве, на 19 февруари, жител од Крит тврдел дека е сопственик на пасишта во Грамос, односно сега во северозападна Грција. Поединецот, поранешен подизведувач во Министерството за земјоделство, е обвинет заедно со членовите на семејството дека примил илјадници евра откако тврдел дека изнајмил 450 хектари на планински терен во близината на албанската граница. Тој ја вратил „неправилно“ исплатената субвенција, надевајќи се дека ќе ја избегне казната. Сепак, тој и уште пет члена на семејството се соочуваат со обвиненија за кривично дело. Адвокатите на осомничените одбија да коментираат во нивно име. Р.С.


Според експертите, „ваквите услови се широко отворени за злоупотреба, како што покажува грчката шема“, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се залага за подобро трошење на парите. Сепак, највисокиот земјоделски функционер во ЕУ, Кристоф Хансен, и покрај сѐ, сака да ја задржи врската помеѓу земјиштето и парите – додека некои земји од ЕУ се противат

Корупцискиот скандал во земјоделството – со пипалата во Грција и главата на октоподот во Брисел?

Криминалната шемата за злоупотреба на европски пари за земјоделството во Грција излезе на виделина пред ЕУ да ги започне дискусиите за поставување нов среднорочен буџет од 2028 до 2034 година. Овој скандал во Грција им дава широк материјал на критичарите на Заедничката земјоделска политика, позната како ЗЗП, која сочинува една третина од седумгодишниот буџет на ЕУ од 1,3 трилион евра.
Од своето основање пред повеќе од 60 години, финансирањето на Заедничката земјоделска политика на ЕУ (ЗЗП) е главно поврзано со аграрот, поточно со земјишна површина. Според експертите, „ваквите услови се широко отворени за злоупотреба, како што покажува грчката шема“, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се залага за подобро трошење на парите. Сепак, највисокиот земјоделски функционер во ЕУ, Кристоф Хансен, и покрај сѐ, сака да ја задржи врската помеѓу земјиштето и парите – додека некои од земјите од ЕУ се противат.
Една од првите што ги забележаа неправилностите беше шефицата на Одделот за внатрешна ревизија на грчката Организација за плаќања и контрола на насоките и гаранциите за помош за заедницата (ОПЕКЕПЕ), Параскеви Тихеропулу. Нејзините претпоставени одговорија така што ја тргнаа настрана – исклучувајќи ја од базите на податоци на организацијата и оневозможувајќи и пристап до нејзината канцеларија.
Оттогаш, таа е поканета од страна на Канцеларијата на европското јавно обвинителство (ЕППО) да помогне при истрагите и да советува за технички и правни прашања.
– Методологијата на Тихеропулу доведе до откривање обемен синџир што, преку лажни изјави за сопственост, незаконски добивал помош од ЕУ преку националните резерви. Имаше заеднички напори да се дискредитира… со поведување дисциплинска постапка против неа и нејзина незаконска и одмаздничка смена од позицијата началник на Одделот за внатрешна ревизија поради неспособност – изјави нејзиниот адвокат Андонис Вагианос за „Политико“.
ОПЕКЕПЕ шест пати менуваше претседатели во последните пет години. Оние што се обидоа да го исчистат нередот брзо беа отстранети.
Според неколку официјални лица, европски обвинители, чија надлежност е да ја следат злоупотребата на фондовите на ЕУ, ја истражуваат шемата за грчките пасишта од 2021 година и разгледуваат околу 70 случаи. Еден веќе е сослушан во грчкиот суд, при што обвинетите се осудени на затворски казни. Уште двајца ќе одат на судење на 19 февруари. Р.С.


Анатомија на измамата во Грција со земјоделските фондови на ЕУ

Фондовите на ЕУ за поддршка на земјоделците и сточарите во Грција ги администрира Организацијата за плаќања и контрола на насоките и гаранциите за помошта за заедницата ОПЕКЕПЕ. Од 2005 година организацијата е на единствениот орган на земјата што го надгледува исплаќањето на субвенциите според ЗЗП.
Агенцијата, под надзор на Министерството за земјоделство, им исплаќа три милијарди евра годишно на 900.000 корисници, вклучувајќи и земјоделци, земјоделски задруги и извозни бизниси.
Шемата започнала откако промените во законодавството на ЕУ во 2017 година отворија повеќе пасишта во Медитеранскиот Регион. Пошироката дефиниција, за која Грција лобираше, вклучуваше и шумски пасишта и други зелени површини. Како резултат на тоа, подобните површини во Грција речиси се удвоија, а со тоа и „можноста да се изврши измама“.
Службениците од ОПЕКЕПЕ и техничките компании што работат со нив први добија пристап до новите земјишни записи. Набрзо потоа почнале да пристигнуваат апликации од поединци за кои се тврди дека се сопственици или закупци на пасишта, но кои живееле во сосема различни делови на земјата во однос на парцелите за кои поднесувале барања, според неколку службеници што работеле во организацијата и поднеле жалби, како и документи за внатрешна ревизија. Токму тие документи, меѓу другите, биле на увид на реномираниот медиум „Политико“.
Имено, побарувачите на средства (апликантите) од Грција пријавувале сопственост на земјиштето без придружни документи, како што се договори за купопродажба; наместо да внесат број во формуларот за апликација. Според директивата на ОПЕКЕПЕ, од неговите ревизори не се бараше да ги проверуваат договорите или имотните листови или да ги споредуваат декларациите со претходните години.
Некои биле пријавени како сопственост на еден корисник во една година, а потоа на друг следната година. За исто парче земја никогаш не се полага сопственост двапати, што укажува дека некој на повисока позиција, со целосен пристап до записите, ја организирал шемата. Ова го тврдат извори од истрагата што разговарале со новинари истражувачи од „Политико“.
– Оваа шема не можеше да биде поставена без некој во организацијата да ви каже кои парчиња земја се достапни низ целата земја и да не оркестрира дека нема да има „двојна резервација“ кај наводните сопственици на земјиштето – изјави поранешен функционер на ОПКЕПЕ за „Политико“. Р.С.