Илустрација: „Нова Македонија“

Сѐ уште е нејасен концептот на Брисел за преструктурирање на Унијата

  • Унијата во сегашниот формат е далеку од функционална за своите граѓани на политички, економски, енергетски и одбранбено-безбедносен план… Едноставно, постои целосна нефункционалност на сите комесаријати во рамките на Унијата, што е потврда дека работите не штимаат подолго време и дека промените се повеќе од неопходни
  • Всушност, поделбите јасно ги исцртуваат скиците на идната европска архитектура, кои се неколку, почнувајќи од идејата на Макрон за Европа во повеќе брзини, потоа онаа за поделба на ЕУ на три дела – скандинавска, централна и медитеранска, но и концептот за создавање европска федерација со централизирана власт како еден вид супердржава. Параван за сите овие евентуални трансформации и преструктурирања би била европска политичка заедница што треба да ги одржи живи врските меѓу европските држави за да не дојде до целосен крах на европската идеја

По студениот американски туш за европските партнери на Минхенската безбедносна конференција, само една работа е извесна во оваа нова констелација на светските односи, а тоа е дека преструктурирањето на Европската Унија мора да се случи во најкраток можен рок бидејќи ваква каква што е, Европа не е одржлива по ниту една основа.
Имено, во изминатите години се покажа дека Унијата не е одржлива ниту политички, ниту економски, ниту енергетски, ниту по одбранбено-безбедносна основа, ниту по трговска, едноставно постои целосна нефункционалност на сите комесаријати во рамките на Унијата, што е потврда дека работите не штимаат подолго време и дека промените се повеќе од неопходни.
– Дојдовме до точка кога поради случувањата во Украина време е да се носат одлуки. И верувам дека следниот Европски совет, редовниот Европски совет, бидејќи многу е веројатно дека ќе има и вонреден Европски совет пред редовниот во март, ќе биде еден од најкритичните европски совети, затоа што ќе бидеме повикани да ги ратификуваме, да ги формулираме предлозите од Европската комисија што ќе ни овозможат, конечно, да се соочиме со овие предизвици – порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на конференција во Солун, на која брифираше за заклучоците дискутирани на вонредниот состанок во Париз свикан од страна на францускиот претседател Емануел Макрон.
И самиот формат на состаноците организирани од Макрон, прво со старите членки на ЕУ во понеделникот, потоа во средата со уште неколку други земји членки на ЕУ, дополнети со Велика Британија, а во најава е уште еден сличен состанок со други помали земји од ЕУ, доволно говори за присутните длабоки внатрешни поделби во Унијата.
Токму тие поделби всушност јасно ги исцртуваат контурите на идната европска архитектура, која би можела да се развива во неколку правци, почнувајќи од идејата на Меркел и Макрон за Европа во повеќе брзини, потоа онаа за поделба на ЕУ на три дела – скандинавска, централна и медитеранска, но и сега помалку веројатното создавање европска федерација со централизирана власт како еден вид супердржава. Параван за сите овие евентуални трансформации и преструктурирања би била европска политичка заедница што треба да ги одржи живи врските меѓу европските држави за да не дојде до целосен крах на европската идеја.
Без оглед што во овој момент никој со сигурност не може да знае во кој правец ќе се движи ЕУ, вклучувајќи ги и оние што ја предводат, Македонија како држава мора да се подготви за сите можни сценарија водејќи се исклучиво од сопствените интереси.

Европа во повеќе брзини

Францускиот претседател Емануел Макрон, по политичкото пензионирање на германската канцеларка Ангела Меркел, е тој што се обидува да се наметне како нов европски лидер, па во таа насока излегува со идеи и концепти како ја гледа иднината на Европа.
Пред две години тој ја лансираше идејата за Европа во повеќе брзини, де факто најавувајќи блоковска поделеност внатре во Унијата, појаснувајќи дека ЕУ можеби треба да еволуира кон унија со различни брзини, додека размислува како да ги интегрира Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан.
– Ризик е да мислиме дека можеме да се прошириме без реформа. Можам да посведочам дека доволно е тешко за Европа да напредува на чувствителните теми со 27 членки. Со 32 или 35 членки, нема да биде полесно. Потребна ни е храброст да прифатиме поголема интеграција во некои области и можеби дури и Европа со различни брзини – кажа Макрон на годишниот собир на француските амбасадори во Париз.
Идејата за Европа во „повеќе брзини“ не е нова: заедничката валута и Договорот за шенген може да се сметаат како дел од таков пристап. Овој пат, идејата се појави во контекст на блокадите на политичките процеси во Брисел во областа на одбраната и миграцијата.
Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел беше меѓу првите лидери што го актуализираше прашањето за иднината на ЕУ во „повеќе брзини“ на самитот во Валета.
Ако се реализира рамката за повеќе брзини, западноевропските држави веројатно ќе започнат свој забрзан пат за интеграција, додека централноевропските и источноевропските земји ќе усогласат кога ним им одговара да ги туркаат своите иницијативи.
Во една таква констелација, Македонија може да се ослободи од притисоците за исполнување услови што се надвор од Копенхашките критериуми, вклучувајќи и уставни измени, туку процесот може да го турка така што ќе бара одложено дејство, со оглед на забавената брзина на интеграција на сите други. Дополнително, се отвора можност за продлабочување на односите и градење стратегиски партнерства со земјите од Вишеградската група, како и со балтичките земји, но и оние од Црноморскиот Регион, кои во најголем дел би се фокусирале на економска соработка, но и собирање искуства во делот на образованието и дигитализацијата. Тука е и развојот на земјоделството како гранка што на земјава може да ѝ обезбеди сериозни приходи од пласманот на земјоделски производи токму на пазарите во земјите што би биле во втора и во трета европска брзина.

Поделба на ЕУ во три блока

Актуелните случувања околу исклучувањето на ЕУ од глобалните процеси што се случуваат на европско тло се покажа дека дополнително го поткопуваат европското единство. Имаше земји што бурно реагираа зошто не се поканети на првиот состанок што го свика Макрон во Париз, но имаше и такви што воопшто не се оптоварија со тоа прашање, туку од страна го посматраа развојот на настаните правејќи планови како најдобро да ги задоволат сопствените интереси.
Тоа јасно говори дека внатре во ЕУ има длабока блоковска поделеност, во која секоја земја си ги гледа сопствените интереси. Идеолошките разлики во самата Унија го поткопуваат нејзиното единство, па веќе на една страна се групираат земјите блиски до суверенистичкиот пристап, додека на друга страна се либералите и демократите.
Контурите на таа блоковска поделеност веќе се наѕираат, почнувајќи од скандинавскиот блок, централно-европскиот и медитеранскиот блок. Не е исклучено да се оформи и источен блок или црноморски.
Македонија мора да најде начин како да ги артикулира сопствените интереси, дури и доколку новата Европа блоковски се трансформира. Имено, земјава не излегува на море, но морињата се одредници што ќе ги исцртаат новите сфери на интерес во светот, а новиот интерес се вика бизнис затоа што сите сфаќаат дека без бизнис и силни економии нема ништо и дека тоа е единственото сврзувачко ткиво на овој свет. Иницијативата „Три мориња“ опфаќа тринаесет земји членки на ЕУ лоцирани меѓу Балтичко, Црно и Јадранско Море, и тоа Австрија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Словенија и Грција. Македонија, со изградба на инфраструктура, патишта, железници, нафтоводи и гасоводи, може да го олесни пристапот до сите овие пазари, пласманот и транспортот на стоки и енергенти и на тој начин да се етаблира како важен јазол во овој дел на Европа. Зајакнувањето на македонската економија ќе резултира и со градење посилна држава, формирање поцврсти сојузи со земјите во овој блок бидејќи само на тој начин ќе може подобро да ги оствари своите интереси. Евентуалната блоковска поделеност ќе ги олабави условите за пристапување до одреден политички блок во рамките на Унијата, а носењето на одлуките ќе зависи од мнозинството гласови наместо од консензуалното одлучување. Во една таква поставеност на нештата, идентитетските прашања и прашањата за историјата стануваат ирелевантни, а акцентот се става на економската корист и регионалната соработка. Затоа македонската надворешна политика треба уште сега да гради релации со сите земји од овој потенцијален блок за да може да го дочека подготвено времето што доаѓа.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

ЕУ каква што ја знаевме повеќе не постои

Идејата за ЕУ како силна федерација, еден вид супердржава, повеќе не е во оптек и тоа можеше да се забележи уште многу порано пред Минхенската безбедносна конференција. Во моќта на ЕУ за носење одлуки повеќе никој не веруваше, па глобални процеси на Блискиот Исток, на северот на Африка и во други делови на светот минаа без вистинско европско влијание. Круна на тоа беше исклучувањето на ЕУ од преговорите за иднината на Украина, иако пристигнуваат некакви најави дека Брисел сепак би можел да биде вклучен во последен момент чисто од куртоазија, иако завршниот збор и одлуките за украинската судбина ќе ги носат САД и Русија.
Од тие причини, Македонија мора да ја напушти илузијата дека единствена опција ѝ е да биде дел од ЕУ онаква каква што беше пред 20 години. Таа ЕУ веќе е пропадната, не постои, па затоа главна задача на македонската надворешна политика е како да се ослободи од баластот на Преспанската спогодба и на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. САД се моментално главниот играч на светската политичка сцена и тоа ќе бидат и во следните најмалку пет години. Новиот американски суверенистички пристап оди на иста линија со пристапот што го има и новата македонска влада. Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс неодамна изјави дека „го болеле ушите“ од она што се случувало со погазувањето на демократијата за време на претседателските избори во Романија, односно како се погазува гласот на народот. Романија е голема земја и клучен играч во идните геостратегиски односи во регионот, особено што ако се случи територијална поделба на Украина, тогаш таа станува прв браник на линијата со Русија и многу важен играч. Од друга страна, Македонија е мала држава и не предизвикува толкав интерес кај големите центри, но имајќи ги предвид добрите релации што македонската влада ги има со новата американска администрација, сега е моментот да се каже дека и Македонија се соочува со истата судбина веќе со години, кога преку погазување на меѓународното право ѝ се наметнуваат договори што директно задираат во нејзиниот суверенитет и правото на самоопределување, но и флагрантно се погазува волјата на македонските граѓани. Факт е дека таа работа треба да ја одработи дипломатијата и да ја работи во континуитет, претставувајќи ги постојано и секаде македонските позиции по овие прашања. Не случајно новите светски планови и стратегии се кројат за следните 25 години и во согласност со новите геостратегиски тенденции времето на униполарен свет помина, а новиот мултиполарен свет ќе отвори многу нови можности и перспективи за сите земји, вклучувајќи и за Македонија, која треба да се ориентира во насока каде што би имала најголеми бенефиции. Тука не смее да се исклучува соработка со ниту една земја кога се работи за македонскиот интерес, но врз рамноправна основа и заемна почит.
Македонија географски е дел од Европа и тука треба да ја насочи главната енергија и да ги проектира идните политики, во согласност со концепциите за европско преуредување, кои повеќе од извесно е дека ќе се случат. Дали се работи за Европа во повеќе брзини, за Европа поделена на блокови, на европска политичка заедница, клучно е Македонија да биде на масата и да ги застапува исклучиво сопствените интереси наместо да се адаптира на потребите на туѓите интереси.
Каква ќе биде новата Европа со сигурност никој не може да знае, но секоја промена несомнено ќе се рефлектира врз Македонија и затоа земјата треба да се подготви за сите сценарија и да ги дочека подготвена, во спротивно ќе се најде на маргините.
Дел од аналитичарите сметаат дека во една ваква ситуација, тешко ќе може да се предвиди по кој пат ќе се движи Европа.

– Дури и голем дел од европските лидери се затечени од новите состојби на меѓународната политичка сцена. Трагично е што ЕУ се доведе во ситуација никој да не ја есапи за фактор на одлучување, иако, конкретно за украинската криза, Европа беше таа чија економија го претрпе главниот удар и која и натаму тоне. Ако не се реши економската криза внатре во Унијата, особено во Германија како економски мотор, тогаш секакви сценарија за иднината на Унијата се можни. И Европа во брзини и групирање во блокови, а на крајот може да остане само Европската политичка заедница како алатка за некаква сеевропска координација. Македонија мора да ги разгледа сите опции, дури и најневозможните, да знае каде ќе тера во иднина. Во ситуација кога имаме надворешна непредвидливост, најдобро е дома да ги средуваме состојбите во согласност со предвидливите работи востановени претходно од старата ЕУ, односно владеење на правото, зајакнување на економијата, на институциите и такви да се подготвуваме за она што нѐ чека во иднина. Најважно е да не се брза со носење одлуки што утре може скапо да нѐ чинат. Ако се забрза некако процесот на проширување, а има некои такви сигнали, тогаш да го искористиме моментот, но претходно да си обезбедиме предвидливост на која било одлука што ќе ја носиме. Важно е нешто да работиме, било на реформите, било на евроинтеграциите, наместо само да седиме и да чекаме работите да ни паднат од небо – советуваат аналитичарите.


ЦИА и Стратфор ги предвидоа сегашните настани уште пред повеќе од две децении

Она што сега се случува со Европа, всушност, е остварување на предвидувањата на американската разузнавачка агенција ЦИА и на агенцијата Стратфор, кои уште пред дваесетина години го предвидоа сегашното сценарио на крахот на ЕУ каква што беше позната досега.
Имено, ЦИА во блиска иднина го гледа европскиот континент сосема поинаку од денешниот. Според ЦИА, Европа ќе се подели на три блока и тоа – нова, стара и православна Европа, во која би припаѓала и Македонија.
Од своја страна, агенцијата Стратфор тогаш предвидуваше крупни промени – зајакнување на Полска и на Романија преку стратегиско партнерство со Америка, подем на Турција како регионална сила, со слабеење на германското влијание.
Проекциите на ЦИА до 2020 година предвидуваа западен блок, или „стара Европа“, која би ја сочинувале Германија, Франција, Австрија, Велика Британија, Шпанија, Португалија, Италија, Шведска, Норвешка и Финска.
„Нова Европа“ би ги опфаќала земјите на Летонија, Литванија, Естонија, Полска, Унгарија, Чешка, Словачка, Словенија, Хрватска, со тоа што овие земји, некогаш најголем дел од нив членки на Варшавскиот пакт, сега би биле главна воена поткрепа за САД во Европа.
ЦИА уште пред две децении предвидуваше дека Европа ќе се најде во голема криза, поради што влегувањето на балканските земји во ЕУ едноставно нема да може да се случи. Поради тоа уште оттогаш се предвидуваше дека Македонија, заедно со другите балкански земји, Грција, Бугарија, Србија, Романија ќе се најдат во групата на „православни земји“. Во таа група би припаѓале и Босна и Херцеговина и Албанија.
Според проекцијата на ЦИА, во католичката зона, земјите од Источна Европа би биле под команда на САД, додека Албанија и Косово, кое е одделено посебно, би биле дел од православната зона.
Проблемите во ЕУ, кои започнаа од 2008 година, создадоа конфронтации во единството на Унијата, и Стратфор предвиде дека таа тешко ќе може да го врати некогашното единство, а дури и да преживее, ќе функционира многу поограничено.

– Во следната деценија Европа ќе ја дефинира подемот на националните држави, како и движечките сили на континентот. Бројот на национални држави веројатно ќе се зголеми во сецесионистичките движења или со распадот на земјите – истакнува агенцијата Стратфор, во својата проекција за иднината на Европа до 2025 година.
Децениите стари предвидувања, според кои внатрешноста на Европа ќе биде непредвидлива и нестабилна, веќе станаа реалност, а последиците ќе бидат такви што зоната за слободна трговија нема да може да функционира без поголема заштита. Поради тоа, особено големи последици, според овие предвидувања, ќе претрпи Германија, додека Полска ќе ја зголеми регионалната моќ. Се истакнува и дека кон крајот на деценијата Турција ќе се издигне на ниво на значајна регионална сила, како главен ривал на Иран.
Економското опаѓање на Европа е последица и на стареењето на Стариот Континент, што, како што предвидува ЦИА, не влијае само на губењето на моќта на ЕУ како „светски играч“ туку и на судбината на НАТО и воопшто на старите воени сојузи.
Одамна е воочено дека лицето на Европа значително го менуваат миграциите, особено од муслиманските земји. ЦИА уште пред една деценија предвиде дека муслиманската популација во Европа до 2025 година ќе се зголеми од 22 до дури 37 проценти, што дополнително би можело да ги зголеми тензиите на Стариот Континент.
ЦИА тогаш предвиде дека американските односи со Европа до 2020 година ќе станат „драматично поинакви“, но ова предвидување се остварува со задоцнување бидејќи Доналд Трамп не успеа да освои врзан претседателски мандат, па сега ова предвидување се остварува пет години подоцна.
Тоа, како што се предвидува, ќе има за последица отстапување од институциите на кои сме навикнати уште од Втората светска војна. НАТО би можело да ослабне и да биде променето со поинаква европска архитектура во областа на одбраната. За ова веќе наголемо се зборува во европските кулоари. С.Т.


САД поднесуваат резолуција во ОН за Украина, Македонија коспонзор

Предлог-резолуција за прекин на војната и за пат кон мирот

Македонија е коспонзор на предлог-резолуцијата на САД за Украина поднесена до Обединетите нации (ОН), заедно со Израел, Грузија и со Унгарија. Во текстот на резолуцијата за која ќе гласа Советот за безбедност на ОН, изразувајќи длабоко жалење за трагичната смрт на луѓето во војната во Украина, се апелира за ставање конечен крај на војната. Американскиот државен секретар Марко Рубио ја нарече резолуцијата „едноставна и историска“ и ги повика членките на ОН да ја поддржат „со цел да се зацрта патот кон мирот“. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски изрази очекување дека резолуцијата ќе биде поддржана од мнозинството во рамките на ОН.
За издвојување е дека друга резолуција, во која се зборува за „целосна инвазија во Украина од страна на Руската Федерација“ и во која се бара „итно и безусловно повлекување на сите руски сили од Украина“, поднесува и Европа, предводена од Германија и Франција. П.Р.