Неодамнешното искажување на Иван Динев Иванов е класичен пример за историски ревизионизам, клевета, лаги, па и антисемитизам, бидејќи се обиде да ја манипулира и дезинформира македонската поширока јавност за улогата на царска Бугарија во холокаустот на Евреите, што на најдиректен начин е навреда за сите припадници на еврејскиот народ. Иванов, користејќи квазинаучни пристапи, неосновано го обвини Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Скопје дека користи монтирани фотографии, документи и филмови со намера да го дискредитира, но и да ја ревидира улогата на царска Бугарија во холокаустот

Повод: За лагите на Иван Динев Иванов, професор на Универзитетот во Синсинати (САД), дека „во постојаната поставка во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Скопје“ се користат монтирани фотографии, документи и филмови…

Историјата како наука секогаш е предмет на толкување, но политичкиот ревизионизам (визави историскиот ревизионизам) ги искривува историските факти во полза на тесни политички цели или на зајакнување одреден националистички наратив, како и ширење одредени дезинформации со цел да се оправдаат одредени политики. Македонското општество, во еден подолг период, е бомбардирано од многубројни дезинформации во комбинација со апсурдна реторика што е насочена кон преобликување на македонската јавна перцепција за одредени историски настани од минатото, особено околу прашањето за царска Бугарија и холокаустот. Последен ваков обид беше направен неодамна кога Иван Динев Иванов, професор на Универзитетот во Синсинати (Соединетите Американски Држави), имплицираше дека во постојаната поставка во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Скопје се користат монтирани фотографии, документи и филмови, како и дека Меморијалниот центар на холокаустот е место од каде што се врши искривена пропаганда за улогата на Бугарија во депортацијата на Евреите од Македонија. Станува збор за политички ревизионизам што нема никаква поврзаност со историската вистина и светската историска наука. Еминентни историчари одамна потврдија дека царска Бугарија беше сојузник со нацистичка Германија, усвои антиеврејско законодавство и ги депортираше Евреите од окупираните области, вклучително и оние од Македонија. Сите обиди за искривување на историската вистина се неосновани и се навреда за еврејската заедница во Македонија, но и за сите жртви на холокаустот.

Зошто искажувањето на Иван Динев Иванов е класична антисемитистичка пропаганда и ревизионизам?

Политичкиот и историскиот ревизионизам изгледаат слично, но имаат различни цели и различни импликации. Кога говориме за историскиот ревизионизам конкретно станува збор за научната практика на преиспитување на историските настани, честопати користејќи новооткриени докази. Ова е неопходен дел од историското истражување бидејќи помага да се усоврши нашето разбирање за минатото, оттука историскиот ревизионизам ги оспорува застарените наративи, ги исправа неточностите и дава акцент на претходно занемарените перспективи.
Но политичкиот ревизионизам е од поинаков ков, тој е намерен процес што ги менува историските наративи во полза на одредена политичка агенда. Со други зборови, политичкиот ревизионизам ги потценува и ги искривува историските настани за да влијае врз јавното мислење со намера да се оправдаат одредени политики. Главно својство на политичкиот ревизионизам е отфрлањето на фактичката точност, како што се историските документи и извори, во полза на идеолошката погодност. Овој ревизионизам е поттикнат од идеолошки мотиви и честопати се обидува да ја реинтерпретира историјата со намера да се усогласи со одредени политички и национални идеологии, а понекогаш се користи како пропаганда, односно менување на историските факти за да се дискредитира одредена страна или да се оправда одредена политичка агенда.
Неодамнешното искажување на Иван Динев Иванов е класичен пример за политички ревизионизам бидејќи се обиде да ја манипулира и дезинформира македонската поширока јавност за улогата на царска Бугарија во холокаустот на Евреите, што на најдиректен начин е навреда за сите припадници на еврејскиот народ. Иванов неосновано го обвини Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Скопје дека користи монтирани фотографии, документи и филмови со намера да го дискредитира, но и да ја ревидира улогата на царска Бугарија во холокаустот.
Оттука, реакцијата на еврејската заедница во Република Македонија и на Фондот на холокаустот на Евреите беше оправдана, а во неа меѓу другото беше нагласено дека Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија го чува споменот и е посветен на 7.144 Евреи од Македонија што беа брутално прогонувани, понижувани, етикетирани, ограбени и депортирани во смрт од страна на тогашните бугарски фашистички власти.
– Обидите на проф. д-р Иванов за искривување на историската вистина и улогата на царска Бугарија во холокаустот на Евреите од Македонија се скандалозни, пред сѐ за еден професор што треба на своите студенти да им ја пренесе вистината за историските настани, а не да се става на страната на официјалното искривување на историската вистина за холокаустот од одредени бугарски политичари и историчари, кои се одвиваат во континуитет. Ние, Евреите од Македонија, нема да дозволиме никакво искривување на историјата во дневнополитички цели – се вели во реакцијата на еврејската заедница во Република Македонија и на Фондот на холокаустот на Евреите

Што регистрира историографијата?

Стотиците документи и многубројните истражувања говорат дека тогашната бугарска држава, и покрај тоа што според тогашниот устав имала царско уредување, по својата суштина била фашистичка и националсоцијалистичка. Не само поради својата соработка и сојузништво со Адолф Хитлер и Бенито Мусолини туку и поради тоа што во тој период со Бугарија раководат лица што идеолошки припаѓаат на фашизмот и нацизмот.
Меѓу главните идеолози на расната политика во Бугарија, која доведе до погром на македонските Евреи, може да се набројат повеќе личности. Меѓу нив се Богдан Филов – бугарски премиер, Петар Габровски – министер за внатрешни работи и Александар Белев – бугарски комесар за еврејското прашање. Тие се главните учесници во холокаустот, меѓутоа зад нив стојат сите бугарски државни институции, вклучително бугарското собрание и бугарскиот цар Борис, односно царска Бугарија.
Петар Габровски, министерот за внатрешни работи на царска Бугарија, е еден од основачите на Сојузот на ратниците за напредок на бугарштината. Според бугарскиот историчар Николај Поппетров, споменатата политичка групација се залагала за национализам, националсоцијализам (нацизам), расизам и симпатии кон Третиот Рајх. Близок до оваа групација бил и Александар Белев, бугарскиот комесар за еврејското прашање, всушност тој му бил протеже на Петар Габровски. Александар Белев како комесар за еврејското прашање директно соработува со Теодор Данкер, специјален претставник на Адолф Ајхман (еден од главните творци на холокаустот) и припадник на германското Гестапо.
Според бугарскиот автор Н. Недев, Богдан Филов, тогашниот бугарскиот премиер, бил симпатизер на Народното социјално движење (НСД), бугарска екстремна политичка партија. Бугарскиот историчар Николај Поппетров вели дека НСД идеолошки се клонела кон италијанскиот фашизам и германскиот националсоцијализам (нацизам).
Бугарската влада предводена на Богдан Филов го предлага Законот за заштита на нацијата до бугарското собрание, кој е усвоен од собранието и стапува во сила на 23 јануари 1941 година, а во сила е до 27 ноември 1944 година. Тогашниот бугарски министер за внатрешни работи Петар Габровски во својот говор за предлог-законот за заштита на нацијата, меѓу другото, истакнал: „Законот е насловен како заштита на нацијата. Тоа не е ниту случајно ниту погрешно. Законот се донесува поради потребата за особена грижа на нацијата, тој се однесува до нацијата и има цел, не да проследува некои организации или лица, тоа се само средства на законот, туку да се заштити нацијата“.
Според бугарската историчарка Фани Милкова, Законот за заштита на нацијата бил создаден по примерот на законодавството на нацистичка Германија, како и врз основа на расистичката и нацистичката идеологија. Законот вовел голем број рестриктивни мерки против Евреите што живееле во рамките на царска Бугарија. На лицата со еврејско потекло им било забрането да извршуваат државни служби, не смееле да стапуваат во брак или да живеат со лица од бугарско потекло. Биле воведени ограничувања за прием и престој во образовните институции, а бил воведен и вонреден данок за еврејскиот имот. Била формирана Комисија за еврејски прашања, која требало да го спроведе законот, а нејзин главен комесар бил Александар Белев.
Законот стапил во сила со уредбата бр. 3 од 21 јануари, која била потпишана од бугарскиот цар Борис Трети и објавена во „Државниот весник“ на 23 јануари 1941 година. По окупацијата на Македонија од страна на царска Бугарија, со Законот за заштита на нацијата биле опфатени и македонските Евреи.

Ужасите на холокаустот!

Во концентрационите логори беа убиени околу три милиони лица, а во целиот злосторнички процес околу седум милиони луѓе. Сите подробности биле добро организирани, депортираните што пристигнувале со возови во концентрационите логори биле лажно информирани дека само транзитно запираат и дека ќе продолжат кон вистинската дестинација – фабрика во која требало да работат. Мажите биле одделувани од жените и децата, а потоа биле упатувани во просториите каде што требало да се „тушираат“. Најпрвин мажите биле водени во бараките, а потоа жените и девојките на кои им биле сечени косите. Во просториите каде што биле сместени тушевите им биле затворани вратите, а потоа јаглеродниот моноксид или пестицидот циклон-Б, во зависност од логорот, за кратко време ги усмртувал невините жртви.
Телата биле уништувани на различни начини – кремирање на отворен оган или во специјални печки. Нивната облека, накит, злато, пари и други вредности биле испраќани во Германија за повторна употреба. Косата од жените и девојките била испраќана во баварска фирма, која требало да изработува перики и перници. Злосторничкиот систем бил перфиден, со имиња на жртвите биле испраќани фиктивни разгледници до нивните роднини во кои можело да се прочита: „Ние сме добро и добро ни оди. Работиме и добро сме третирани“.
Меѓу нив беа и македонските Евреи што беа уапсени од бугарската фашистичка власт и затворени во скопскиот Монопол. Потоа беа сместени во вагони и депортирани во концентрациониот логор Треблинка. Речиси сите од нив беа убиени, со овој злосторнички чин околу 98 отсто од еврејското население во Македонија беше физички уништено.
Бидејќи изминаа повеќе децении, новите генерации како да ги заборавија ужасите на холокаустот, па затоа како општество мораме постојано да потсетуваме на злосторствата од Втората светска војна и само на тој начин нема да се повторат. Историјата не смее да се релативизира со барања за отстранување на изразите германски нацистички окупатор или бугарски фашистички окупатор од спомениците, кои имаат цел да нѐ потсетуваат на немилите настани.


Историските документи на најдиректен начин ја потврдуваат улогата на царска Бугарија

На 13 октомври 1943 година, главната дирекција на бугарските железници издава сметкопотврда до бугарскиот Комесаријат за еврејски прашања. Во документот можеме да прочитаме: „Со следното потврдуваме дека цената на билетите за двата специјални воза со кои превезоа на 25.III о.г. 1 748 возрасни и 197 деца од 4-10 год. од еврејско потекло од Скопје до Треблинка и на 28.III о.г. 1 797 возрасни и 395 деца од 4-10 години од еврејско потекло, изнесува 7,144,317 /седум милиони сто четириесет и четири триста и седумнаесет/ лева.
Тие возови беа испратени по барање на Комесарството за еврејски прашања, кое ја исплати цената на тие два воза со чекови во вредност 4,827,395 лева од 23 март о.г., чек со вредност 2,000,000 лева од 29 март о.г. и чек со вредност 316,922 лева од 13 октомври о.г.
Ова му се издава на Комесарството за еврејски прашања, за да им послужи како документ за раздолжување.
Балкан Бугарско официјално патно биро Потпис Комесар (потпис нечиток) три различни печати, таксена марка од 10 лева“.