Фото: Маја Јаневска-Илиева

ПОВЕЌЕСЛОЈНОСТА НА МАКЕДОНСКИОТ СУВЕРЕНИЗАМ (3)

„Нова Македонија“ од неодамна почна со серијал анализи во кои редакцијата се осврнува на повеќеслојноста на феноменот суверенизам (правно-политички суверенитет, територијален суверенитет, економски суверенитет, енергетски суверенитет, културен суверенитет, суверенитет на водите во државава…) и, во тој контекст, за повеќеслојноста и на македонскиот суверенизам. Денес правиме еден осврт на културниот суверенизам, а го поврзуваме со некои настани што деновиве ја брануваат македонската јавност…

  • Најдобриот начин за „јасно вообличување на сопствената регулаторна рамка“, кажано со речникот на оперскиот пејач Игор Дурловски, за заштита на македонската песна и култура од злонамерни надворешни влијанија, за заштита на културниот суверенитет на македонскиот народ и на неговото културно наследство, е создавањето нова многу подобрена и уточнета уставна регулаторна рамка во рамките на македонскиот устав

Оперскиот пејач и поранешен пратеник Игор Дурловски по протерувањето на српскиот турбофолк-пејач Александар Вуксановиќ – Аца Лукас, од концертот во Кавадарци пред неколку дена, отвори еден мошне интересен аспект на старо-новиот македонски предизвик: Суверенитетот на македонската култура. Во оваа смисла тој извонредно ја дијагностицира состојбата кај нас, мошне храбро како и секогаш: Или ќе си ја заштитиме културата од странски влијанија, кои се полни со политички амбиции, или да се самораспуштиме како држава…
– Во држава што и понатаму се обидува да зачува барем минимална културна сувереност, нашата јавна сфера сѐ почесто се сведува на навивачки трибини за „културни конфликти“, што не се ниту наши, ниту за нас релевантни. По последните случувања во Кавадарци станува јасно дека одредени личности и портали од балканската естрадна периферија не се задоволуваат само со диктирање на јавниот вкус, туку отворено се обидуваат да влијаат и врз домашните политички процеси. Ако државава навистина верува дека може да функционира со минимален степен на самопочит, тогаш е крајно време да воспоставиме јасни, строги и транспарентни правила за организацијата, работата и јавните настапи на странските изведувачи. Тоа не е забрана, туку основен механизам за културна самозаштита – истакна Дурловски во објава на својот фејсбук-профил.
Тој повика на заштита на нашата културна сфера од туѓите влијанија и интереси, изнесувајќи сосема конкретни предлози за тоа.
– Или ќе ја артикулираме сопствената регулаторна рамка или можеме мирно да се самораспуштиме и да признаеме дека нашата културна и медиумска архитектура е оставена на милост и немилост на проекти со центри надвор од Македонија, кои си ги гледаат својата корист и интереси. Предлагам задолжително формирање стручно и компетентно тело, кое ќе ја уреди оваа област. Тело што ќе воспостави јасни критериуми, процедури и стандарди, но и ќе ја заштити нашата културна сфера од деградација во сензационалистичка придружна програма на туѓи интереси. Ако сакаме да постоиме како држава, тогаш ќе мора да престанеме да се однесуваме како публика на настан, чиј режисер никогаш не сме го избрале – напиша Игор Дурловски.

Острата и би рекле многу потребна и многу оправдана реакција на Дурловски е уште еден јавен повик и предупредување дека Македонија како држава, за да го зачува својот културен суверенитет од надворешни политички и секакви други штетни и злонамерни влијанија, мора да престане да се однесува како пасивна публика на настани, чиј режисер не го избрала. Во ист контекст беше и реакцијата на Спасен Силјаноски, еден од најпознатите пејачи на македонски народни песни. Во август и септември годинава, Силјановски жестоко реагираше на зачестената појава во македонските градови организаторите на концерти да канат од соседството изведувачи на турбофолк со крајно сомнителни (без)вредности, кои дури и веат знаме на Бугарија, како што го стори тоа „несвесно“ српската пејачка Светлана Ражнатовиќ-Цеца на својот настап во Велес, наместо да поканат македонски фолк-уметници.
Заложувајќи се за многу поголема застапеност и заштита на македонскиот народен мелос, за одбрана на македонската култура и традиција, Спасен Силјановски во објава преку општествените мрежи на 17 септември порача дека македонските песни и фолклор се нашето најголемо богатство.
– Некој рече дека ние немаме песни, оти нашите песни не се убави, дека никој не ги слуша, оти на нашите песни не се собира народ. Тие што така размислуваат треба да си ја преиспитаат националната свест. Македонскиот фолклор е живо наследство, кое нѐ обединува – укажа Силјаноски. Тој исто така додаде дека токму во тешките историски периоди, кога Македонија била поробена, песните биле чувар на националната свест и идентитет.
– Треба сите да ја сфатиме нивната вредност и да почнеме повеќе да се сакаме себеси – нагласи Спасен Силјановски.
Според него, македонскиот фолклор не е само уметност и забава туку дел од културното и духовното наследство, кое треба да се негува и да се пренесува на идните генерации како симбол на културниот и националниот идентитет на Македонија и македонскиот народ.


Македонскиот устав и заштитата на културниот суверенитет

Најдобриот начин за заштита на македонската песна и култура од злонамерни надворешни влијанија, за заштита на културниот суверенитет на македонскиот народ, на неговото културно наследство, е јасно вообличување на сопствената регулаторна рамка, рече деновиве оперскиот пејач Игор Дурловски.
Во таа смисла, во нашиот устав, во членот 47 од Уставот на Македонија е напишано дека „Републиката го поттикнува, го помага и го штити развојот на науката, уметноста и културата“. Натаму, во членот 48 е предвидено дека „Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници“, а со членот 49 „Републиката ги штити, ги гарантира и ги негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ“.
Нашиот устав обрнал внимание на културата, културното наследство и културниот идентитет на македонскиот народ. Но ова е моментот и кога би требало да го издвоиме фактот дека некои од многуте меѓународни „амандмански инженери“ многу повеќе ѝ посветија внимание на Грција и грчкиот народ и со Преспанскиот договор му го „ампутираа“ античкото духовно и културно-историско наследство на македонскиот народ, подарувајќи им го Грција и Грците. Подареното културно наследство и односот кон културата што го одразува нашиот културен суверенитет ќе мора да претрпат измена во иднина, доколку сакаме интегралност и во полн капацитет – наш македонски (повеќеслоен) суверенитет!

Свето Тоевски