Фото: „Нова Македонија“
  • Дали се доволни изнесените правни, политички и морални основи, во пакет со дискурсот на многу меѓународноправни експерти, за тоа Фон дер Лајен да поднесе оставка на својата функција? Фактот дека има малку или воопшто нема јавна дискусија за пресудата на Судот на правдата на Европската Унија од 14-ти овој месец во случајот „Фајзергејт“ во Брисел, за површен набљудувач би можело да значи дека „кучињата лаат, карванот си врви“? Односно, дека може „мирно да спие претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен?! Дали ќе заврши така?
  • Имајќи предвид дека станува збор за пресуда на највисоката судска инстанца во рамките на Унијата (Општиот суд на ЕУ), што има огромен авторитет, и дека станува збор за одлука со потенцијално тешки политички и правни импликации, тешко дека Фон дер Лајен ќе може лесно да се извлече од аферата недопрена. Многу експерти сметаат дека „ќе следува правно-политичка бура против Фон дер Лајен“. Постојат неколку формално-правни причини и барем една морално-принципиелна

Најпрвин, мало потсетување. Општиот суд на ЕУ пресуди против Европската комисија поради нејзиното одбивање да објави текстуални пораки меѓу претседателката на комисијата, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на американската фармацевтска компанија „Фајзер“, Алберт Бурле, во 2021 година – на врвот на преговорите за купување вакцина против ковид-19.

1. Формално-правни причини за оставка на Фон дер Лајен

Во пресудата на Судот на правдата на ЕУ не само што се наведува дека комисијата погрешила со прогласувањето на овие пораки на Вотсап за „избришани“ туку и се заклучува дека одбивањето на Европската комисија (ЕК) да дозволи пристап до документите претставува „сериозно кршење на принципот на добра администрација како еден од основните принципи на функционирањето на ЕУ и спроведувањето на нејзиното acquis communautaire“. Со таква квалификација, Европската комисија, како чувар на целото европско право, го претрпе најтешкиот удар во последниот четврт век. Во исто време, за легалистите (односно оние што принципиелно застапуваат транспарентност во работата на европските институции), кои ги издвојуваат кршењата на процедурите со поведенијата и постапките на Фон дер Лајен, одлуката на Судот на ЕУ е – историска победа каква што не е видена во Брисел од 1999 година.
Судската постапка беше отворена по барањето за пристап до документи поднесено во 2022 година од новинарката на „Њујорк тајмс“, Матина Стевис-Гриднеф, која побара увид во комуникациите, вклучително и текстуалните пораки што Фон дер Лајен ги разменувала со Бурле во средината на пандемијата. Европската комисија (Фон дер Лајен) првично тврдеше дека според нејзините внатрешни правила, пораките – „поради нивната ефемерна природа“ – не се квалификуваат како документи и дека таквата содржина не може да се најде во нејзините архиви!
Сепак, судот утврди дека со такво толкување, Европската комисија (ЕК) свесно одржувала двосмисленост во врска со постоењето сомнителна преписка, со што истовремено ја негирала нивната важност. Дополнително, судот оцени дека ЕК никогаш разумно и со докази не објаснила како постапила по барањето на американската новинарка, што ги наведе судиите на Европскиот суд на правдата да се посомневаат дека претседателката на ЕК, од причини познати само за неа, дури и не се потрудила да ја посочи судбината на нејзините контроверзни пораки и покрај правилата што важат за администрацијата на ЕУ.
– Комисијата го прекрши принципот на добра администрација со тоа што се ограничи на непостоење на бараните документи, без да даде никакво објаснување зошто бараните документи не можеле да се пронајдат – се наведува во пресудата. Таквиот став на Судот на ЕУ не е само сензационална правна одлука туку и пресуда со огромна политичка тежина и потенцијални морално-политички импликации за самата Фон дер Лајен како главна обвинета. Бидејќи случаите поврзани со пристап до документи на европските институции во повеќето случаи се од високополитичка природа: ако и кога таквите случаи ќе завршат пред судиите на ЕУ, тоа е обично затоа што ЕК или друга институција се обидува да закопа трага од информации што би можеле да ѝ предизвикаат политичка штета! Во случајот со примерната упорност на американската новинарка Матина Стевис-Гриднеф, кабинетот на Фон дер Лајен лицемерно побара таа, како подносител на барањето, да му докаже на судот постоење на сомнителна преписка, што Судот на правдата на ЕУ го опиша како „невозможно барање од обичен граѓанин заинтересиран за транспарентност“.
Дури и без вакви строги опомени од највисокиот европски суд, пресудата е сензационална и поради профилите на вклучените актери. Фон дер Лајен е најмоќната функционерка на ЕУ и формален чувар на сите постојни договори на блокот. Бурле е еден од најмоќните фармацевтски директори во светот. Покрај тоа, станува збор за повеќе од 20 милијарди евра – најголемиот договор што ЕУ некогаш го потпишала со јавна или приватна компанија за потребите на јавните набавки за потребите на ЕУ.

2. Моралната и принципиелна причина за оставка на Фон дер Лајен

Моралната и принципиелна причина за оставка на Фон дер Лајен всушност е морален и принципиелен преседан во целата историја на Европската Унија, а се случи во гореспоменатата 1999 година.
Што се случи тогаш? На почетокот на таа година, европскиот ревизор Пол ван Бујтенен го објави својот извештај за финансиски неправилности и корупција во рамките на Европската комисија, која тогаш ја водеше Жак Сантер – поранешен премиер на Луксембург, повеќекратен министер, член на ЕК и европски парламентарец. Два месеца подоцна следуваше нов извештај од независна група финансиски експерти, кои дијагностицираа „измама, фаворизирање и корупција“ во рамките на комисијата. Иако не беа пронајдени докази за лична корист за поединечни комесари или претседателот Сантер, беше оценето дека „Комисијата, како највисок извршен орган на Унијата, е одговорна за сите случаи на финансиски неправилности, кршење на законот и за лошо управување“. И Сантер беше директно обвинет „за лошо управување и непочитување на финансиските регулативи на ЕУ… што создаде тенденција кон небрежност и избегнување одговорност“.
За договорите склучени од ЕК со приватни компании беше утврдено дека „во повеќето случаи ваквите договори биле склучени под сомнителни околности и дека (како во случајот со ’Фајзер‘!) механизмите за внатрешна контрола и ревизија не функционирале ефикасно“.
Иако штетите од ваквите договори се проценуваат само на десетици милиони евра (додека „Фајзергејт“ вреди над 20 милијарди евра!), Европскиот парламент ја обвини Европската комисија на Жак Сантер „за измама и лошо управување“. На 16 март 1999 година, како невиден одговор на обвинувањата од ваков вид, сите европски комесари, предводени од Сантер, поднесоа неповратни оставки девет месеци пред истекот на петгодишниот мандат на тогашната Европска комисија!

Модел за пример или исклучок?

Во контекст на предметната тема, особено е важно да се нагласи дека оставката на кабинетот на Сантер следуваше по речиси привремени индикации за „измама, фаворизирање и корупција“. Никаква формална истрага или пресуда од страна на Европскиот суд не беше на повидок, а дури ни Европскиот парламент не се залагаше за оставка на комисијата. Доволно беше да се наведе дека „Комисијата, како највисок извршен орган на Унијата, е одговорна за сите случаи на финансиски неправилности, кршење на законот и за лошо управување“, а претседателот на ЕК е лицето одговорно за добро или за лошо управување и (не)почитување на финансиските прописи на ЕУ.
Од формална и правна гледна точка, одлуката на Судот на ЕУ во случајот „Фајзергејт“ сама по себе е неизмерно политички понепријатна за Фон дер Лајен отколку што беа за Сантер речиси привремените парламентарни извештаи за незаконитостите во комисијата. До тој степен, оваа пресуда оди многу, многу подалеку од барањето на судот за почитување на европските стандарди за транспарентност. Напротив, може да станува збор за намерата на судот повторно да ја воспостави многу потребната институционална одговорност што стана особено дефицитарна во Европската комисија откако авторитарната Урсула фон дер Лајен ја презеде функцијата.
Доколку оваа процена наскоро се покаже како точна, солистичката вотцап-политика на Фон дер Лајен би можела да ја чини да ја изгуби својата работа, особено откако судот пресуди дека текстуалните пораки на највисоките функционери на ЕУ преку мобилни телефони имаат тежина на официјални документи. Иако судот експлицитно не наведе дека целата содржина исто така е јавен документ, тој утврди дека пораките преку мобилни телефони може да бидат предмет на законите за транспарентност ако ги разменуваат европски службеници и ако се однесуваат на деловни одлуки. Ова е многу сериозно предупредување до институциите на ЕУ и до сите оние што се обидуваат да влијаат врз нив. Имајќи го предвид авторитетот на Судот на ЕУ, склон сум да заклучам дека „Фајзергејт“ би можел да биде пресвртница во ставот на највисокото европско судство кон потиснување на интраинституционалната ароганција. Ако оваа процена се покаже како точна, тоа не е добар знак за Фон дер Лајен.


Кои се наредните чекори во постапката во судскиот процес „Фајзергејт“?
Судската наредба за правна постапка не може да се избегне

Дали правно-политичкиот бран само привремено ќе ја совлада Фон дер Лајен или на крајот ќе ја исфрли од нејзиното сегашно сидриште (бидејќи штетата и политичкиот срам за комисијата се неоспорни), ќе зависи од голем број фактори, од кои би сакал да посочам неколку.
Ø Прво: како владите и судските власти во земјите членки ќе ја доживеат многу неповолната пресуда на Судот на ЕУ во услови на одредени интраевропски поделби и трауматска глобална неизвесност.
Ø Второ: како ќе реагираат на пресудата традиционалните критичари од целиот политички спектар во рамките на Европскиот парламент, особено најгласните зелени и крајната десница.
Ø Трето: каков курс ќе следат водечките парламентарни групи како што се Европската народна партија, социјалдемократите и реформистите?
Ø Четврто: како оваа несомнено компромитирачка пресуда според Фон дер Лајен ќе биде валоризирана од сегашната американска администрација, која досега, реторички, воопшто не беше наклонета кон неа.
Иако, според договорите на ЕУ, вистинската моќ на Унијата сè уште лежи во националните престолнини, досега реакциите на пресудата беа езопски и млаки. Најострите критичари на Европската комисија во рамките на Европскиот парламент се радуваат на „историската пресуда“, но нивните потези сè уште немаат карактер на „удар во главата“. Владејачкиот парламентарен блок во рамките на Европскиот парламент е политички премногу хетероген за да биде хармоничен, а најсилната сила меѓу нив (Европската народна партија-ЕПП) е токму најсилниот бедем за сегашната комисија и нејзината претседателка, која самата припаѓа на истата политичка (популистичка) фракција. А што е со ставот на американската администрација кон Фон дер Лајен? Тоа отсекогаш било, и ќе биде, строго себичен лост на американската моќ, па така, ќе биде и овој пат!
Но комисијата и нејзината првообвинета претседателка сега нема каде да одат по пресудата на Европскиот суд на правдата: таа ќе мора повторно да го разгледа првичното барање за пристап до спорните пораки на Вотсап; да спроведе соодветни претреси и да ги пронајде спорните СМС; и да се даде ново правно објаснување ако таквите „документи“ повторно се означени како исчезнати. Бидејќи судот едногласно и недвосмислено оцени дека толкувањето на комисијата за тоа што се квалификува како документ и колку долго мора да се чува – не му го одзеде правото никому повторно да бара такви документи, ниту ја амнестира комисијата од барање и на крајот наоѓање такви документи! Точно, пресудата признава дека пронаоѓањето телефонски пораки може да биде тешко, телефонот на претседателот можеби навистина бил променет, податоците можеби (тенденциозно) исчезнале… Но овој пат судската наредба за правна постапка не може да се избегне.
Кога беше прашана за ова на расправа пред две години, комисијата изјави дека „претпоставува дека мобилниот телефон на нејзината претседателка бил заменет од безбедносни причини“. Овој пат, како одговор на пресудата, ќе биде потребно да се докаже дали и зошто мобилниот телефон бил заменет. До средината на јули, претседателката на комисијата мора да одлучи дали нејзиниот кабинет ќе поднесе жалба на одлуката на судот и, без оглед на тоа, комисијата ќе мора да ги плати судските трошоци на „Њујорк тајмс“ и да наложи преглед на внатрешните практики во спроведувањето на европските прописи за транспарентност на работата на европските институции.


Единствениот пат до вистината води низ Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO) со седиште во Луксембург, која веќе отвори кривична истрага за набавка на вакцини по наредба на Урсула фон дер Лајен

Можен епилог во постапката во судскиот процес „Фајзергејт“

Европскиот јавен обвинител е на потег!

Дали и кога ќе видиме компромитирачки СМС меѓу Урсула фон дер Лајен и Алберт Бурле е тешко да се знае без судска истрага. Со оглед на обемот и финансиската тежина на деловната трансакција што беше договорена во тоа време, тешко е да се поверува дека Европската комисија ќе ги открие деталите по своја волја.
Единствениот пат до вистината води низ Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO) со седиште во Луксембург, која веќе отвори кривична истрага за набавка на вакцини по наредба на Урсула фон дер Лајен. Барем теоретски, истражителите на EPPO би можеле, според тоа, да пристапат до давателите на телекомуникациски услуги и интернет-апликациите со цел да ги преземат евентуално избришаните пораки. Во тој случај, маската од лицето на „незналицата со стил“ би била фрлена, вистината би се појавила на хоризонтот, а Општиот суд на ЕУ и судот на јавноста на крајот би можеле да ги судат авторитарноста и кадровската тиранија на Урсула фон дер Лајен – лидерка што е исклучително омразена во комисијата и на која никој јавно не се осмелува директно да ѝ се спротивстави.
Немам ни најмала доверба во човечките и моралните рефлекси на претседателката на комисијата, а следствено ниту на нејзиниот колегиум.

Зекеријах Смајиќ