
Големо реструктурирање на владиниот кабинет во Украина
Големото преструктурирање на владиниот кабинет во Украина со изборот на првиот премиер од почетокот на војната со Русија е резултат на политички маневри со кои украинскиот претседател Володимир Зеленски се обидува да го одоброволи американскиот претседател Доналд Трамп за да стекне дополнителна поддршка од САД, како и да го подобри сопствениот рејтинг, кој е во пад, и да ја консолидира власта во Украина, пренесуваат светските медиуми. Владата во Киев е измачувана од корупциски скандали и чистки, јавната доверба во нејзината иднина и во лидерите од власта опаѓа и притисокот да се постигне мир по секоја цена расте, со што одлуката на Зеленски за големо преструктурирање е очекувана, според познавачите на состојбите во украинската политика.
Нова премиерка со силни врски со САД
Јулија Свириденко (39), единствениот кандидат за премиерската функција, го презема реконструираниот владин кабинет, задолжен за засилување на индустријата за оружје и за внесување живот во економијата што ја одржуваат западните кредитори. Изборот на Зеленски на млада економистка добро позната во Вашингтон ја одразува важноста за санирање на односите со администрацијата на Трамп, по катастрофалната посета на украинскиот претседател на Белата куќа во февруари.
Во меѓувреме, претходникот на Свириденко во заминување, Денис Шмихал, веројатно ќе се префрли на функцијата министер за одбрана, знак за важноста што Киев сега ја придава на градењето на капацитетот на својата одбранбена индустрија, како најдобра шанса за одбрана од Русија.
Но тоа што Зеленски сè уште се потпира на мала група блиски сојузници за да го направи своето најголемо реструктурирање во војната, би можело да ги разочара Украинците, кои сакаат да видат поширок фонд на таленти на врвот на власта.
Свириденко, со поизразен јавен профил од Шмихал, веќе одигра улога во зајакнувањето на врските со САД и беше еден од главните преговарачи на Киев во постигнувањето договор што му дава на Вашингтон преференцијален пристап до делови од рудното богатство на Украина.
– Нејзината номинација испраќа сигнал до Вашингтон дека Киев му дава приоритет на односот со САД. За нас, тоа е партнерство што не е само за пари туку и за вредности, за заеднички проекти и генерално за нашето заедничко движење напред заедно – рече политичкиот аналитичар Микола Давидјук.
Искусен економист ќе ги надгледува тековите на парите за одбрана
Шмихал (49) беше премиер со најдолг мандат во Украина. Неговото преместување во Министерството за одбрана, што е деградирање на хартија, му дава на Зеленски искусен технократски економист на функцијата што го надгледува најголемиот дел од државниот паричен тек на Украина.
Буџетот за 2025 година издвојува 53,2 милијарди долари, околу 26 отсто од бруто-домашниот производ на Украина за трошоци за одбрана. Министерството се соочи со јавни критики поради лошата организација и проблемите со набавките, додека Украина се бори да се одбрани од повеќебројната и подобро вооружена руска војска.
– Ова е министерство што практично од почетокот на војната страда од недостиг од системско управување – рече Хлиб Вишлински, раководител на Центарот за економска стратегија во Киев, опишувајќи го назначувањето на Шмихал како „исклучително добар чекор“.
Економски, Киев се соочува со тешкиот предизвик да најде пари за финансирање на својот растечки буџетски дефицит, бидејќи странската помош се очекува да се намали, но трошоците за одбрана продолжуваат да растат.
Официјалните лица изјавија дека на Украина ќе ѝ бидат потребни околу 40 милијарди долари меѓународно финансирање во 2026 година и дека би можела да се соочи со недостиг од околу 19 милијарди долари.
Нов амбасадор во САД ќе се насочи на клучното прашање за набавка на оружје
Украинскиот претседател Зеленски посочи дека министерот за одбрана Рустем Умеров, кој учествуваше во преговорите со Русија, ќе биде следниот амбасадор на САД.
– На Украина ѝ е потребна попозитивна динамика во односите со Соединетите Американски Држави, а во исто време и нови чекори во управувањето со одбранбениот сектор на нашата држава – му рече Зеленски на Умеров на состанок минатата недела.
– Именувањето на Умеров значи само едно. Клучното прашање во билатералните односи меѓу САД и Украина во моментов е оружјето. Снабдувањето со оружје е прашање број еден. Второто прашање се преговорите за завршување на војната. Умеров беше вклучен и во двете – рече политичкиот аналитичар Володимир Фесенко.
Се засилува влијанието на Зеленски
Ривалите на Зеленски долго време го обвинуваат дека се обидува да ја консолидира власта, а некои критички настроени медиуми велат дека назначувањето на Свириденко го означи најновиот чекор во овој тренд. Таа се смета за лојална на Андриј Јермак, моќниот шеф на кабинетот на Зеленски.
Независниот медиум „Украинска правда“ објави извештај во кој ги опишува потезите како „зајакнување на шефот на претседателската канцеларија, иако е тешко да се види како тоа е можно“.
– Очигледно е дека влијанието на претседателската канцеларија ќе се зголеми. Властите се стремат кон понатамошна централизација и одбиваат каков било дијалог – изјави за АФП пратеникот од опозицијата Микола Књажицки. Р.С.