Крстот е симбол на христијанството, а света должност е тој да се сака и да се чува. Затоа и за секој православен верник е чест да се извади крстот од водите на реките или езерата во земјава. Откако водата ќе биде осветена, граѓаните масовно полнат од осветените води. Се верува дека тој ден водата е благословена и лековита и носи здравје, среќа и бериќет

ДЕНЕСКА СЕ ОДБЕЛЕЖУВА ГОЛЕМИОТ ПРАЗНИК БОГОЈАВЛЕНИЕ-ВОДИЦИ

„Бог се јави. Навистина се јави“ е поздравот со кој верниците секој 19 јануари го честитаат празникот Богојавление-Водици. Овој ден веќе два милениума се смета за еден од најголемите христијански празници, со кој му се дава значење на крштевањето како една од светите тајни на христијанството. Прославите на овој ден се најизразени во Скопје, на реката Вардар, и во Охрид, на Охридско Езеро, но и во сите градови низ државата.
Празникот Богојавление е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител, а фаќањето на крстот означува соединување на човекот со Христа. Според теолозите, крштевањето значи и духовно раѓање, односно со самиот чин на крштевање почнува живеењето на човекот во верата. Крстот е симбол на христијанството, а света должност е тој да се сака и да се чува. Откако водата ќе биде осветена, граѓаните масовно полнат од осветените води. Се верува дека тој ден водата е благословена и лековита и носи здравје, среќа и благосостојба.
Од Македонската православна црква велат дека во Скопје очекуваат околу 130 верници да влезат во водите на Вардар по светиот крст. Во Скопје, церемонијата ќе почне со богојавленската литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“. Оттаму, г.г. Стефан, поглаварот на Македонската православна црква-ОА, со свештениците ќе се упати на мостот кај хотелот „Холидеј ин“, каде што околу 12 часот во водите на Вардар ќе го спушти крстот и ќе ги поздрави верниците со зборовите „Бог се јави“, на што тие ќе му возвратат со „Навистина се јави“. Во Охрид, пак, литургијата ќе се одржи во црквата „Успение на Пресвета Богородица Каменско“, по неа ќе има водосвет, а спуштањето на светиот крст ќе биде околу десет часот. Се претпоставува дека во водите на Охридско Езеро ќе скокнат околу 300 верници.
Со овој празник, како што објаснуваат теолозите, завршуваат дванаесетте некрстени дена, како и циклусот зимски празнувања, во кои спаѓаат прославувањата на Бадник, Божиќ, Нова година и на Василица.
– Кога се крстил Христос имал 30 години. Од тој момент ја почнал својата евангелска, спасителска дејност. Најпрво избрал 12 свои ученици и ги нарекол апостоли. Зошто ги нарекол апостоли? Затоа што апостол значи пратеник, а тие биле божји пратеници, нив Христос ги испраќал меѓу луѓето да проповедаат. За таа дејност тој ги подготвил, почнувајќи од Богојавление. По неговото крштевање на Водици, Христос почнал со својата спасителска дејност. Од тој ден, пред апостолите и пред народот, постојано и насекаде поучувал, и со зборови и со дела. А онаму каде што требало, правел и чуда, исцелувал болни и им помагал на луѓето. Им го проповедал евангелието на сите и насекаде. Сѐ правел од љубов кон човекот. Особено ги сакал децата, болните и сиромашните – истакнуваат теолозите.


Монахињата Марина со порака за Водици

Монахињата Марина, настојателка на сестринството на Слепченскиот манастир, поточно од манастирот „Св. Јован Претеча“ во Слепче, испрати порака до верниците за еден од најголемите христијански празници Водици.
– На реката Јордан, при крштевањето на Спасителот од страна на Светиот Јован Крстител, гулаб се појави над главата Христова, симбол на Духот Свети, но и симбол на помирување помеѓу Бога и човекот, уште една палмина гранка, но невидлива за да нема свршеток, односно човекот да продолжи и на крајот да се види дали ќе ја зачува новоздобиената нетлена облека на крштението, чиста до крајот на својот земен живот. Сепак секој од нас, по крштевањето е следен од зборовите: „Оди си и немој повеќе да грешиш“, како што по светото крштение, нашиот спасител Господ Исус Христос го продолжи својот пат во пустината, каде што беше искушуван од демонот, како и помеѓу народот за кого тој дојде и стана човек, а не беше примен, односно беше отфрлен – порачува монахињата Марина.
Таа додава дека пораката што црквата милува да ја даде денеска е дека сите сме браќа и сестри во Христа нашиот спасител, бидејќи првенствено во иста бања на простување сме потопени, со ист печат на простување сме запечатени, со иста крв пролеана божја за нас сме откупени и на тој начин подготвени треба да се вратиме во царството небесно.
– Нека денешниот ден не биде само празник во кој ќе се соберат верните при храмовите и причестат, туку уште едно потсетување што сѐ Господ направил за нас, и со такво поучување продолжиме како чеда на неговата љубова, а не индивидуи на сопственото самољубие, на кое нѐ учи овој свет што одминува – вели монахињата Марина, настојателка на сестринството на Слепченскиот манастир.