Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пресметавме дека бројот (10.637) на работници од Македонија учествува со, според нас значителни, околу 8,1 проценти во вкупниот број дозволи (131.879) за престој и работа на странци во Република Хрватска што беа издадени годинава. Во 2021 година биле издадени 5.926 дозволи на државјани од Македонија, во 2022 година бројот се зголемил на 10.053, а во 2023 година им се издадени 13.412 дозволи на наши државјани за работа во Хрватска

Од Хрватска издадени над десет илјади дозволи на работници од Македонија во 2024 година

Редакцијата на „Нова Македонија“ истражуваше и откри дека во согласност со статистичките податоци што се достапни во неколку текста на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи (МВР) на Република Хрватска, во текот на првите седум месеци од годинава, на повеќе од десет илјади работници од Македонија, поточно на 10.637, им е издадена дозвола за престој и работа во Република Хрватска!
Притоа, пресметавме дека бројот на работници од Македонија на кои им биле издадени овие дозволи учествува со, според нас значителни, околу 8,1 проценти во вкупниот број дозволи за престој и работа на странци што беа издадени годинава.
Во согласност со Законот за странци во Република Хрватска, во периодот од први јануари до 31 јули годинава, вкупно биле издадени 131.879 дозволи за престој и работа, од што во најголем дел (околу 89 проценти) биле во следните пет дејности: градежништво 44.065, туризам и угостителство 43.875, индустрија 16.328, сообраќај и врски 9.215, трговија 4.863.

Се зголемува потребата од странски работници во Хрватска

Во 2023 година биле издадени вкупно 172.499 дозволи за престој и работа, од што во најголем дел (пресметавме дека тоа биле вкупно 155.174 дозволи или околу 90 проценти) биле во истите пет дејности: градежништво 68.912, туризам и угостителство 45.868, индустрија 24.034, сообраќај и врски 11.497 и трговија 4.863.
Утврдивме дека само за првите седум месеци годинава, во дејноста туризам и угостителство се издадени речиси ист број дозволи како за целата измината година. Имено, годинава биле издадени 43.875 дозволи наспроти 45.868 дозволи минатата година, што укажува на тоа дека на пазарот на трудот во Хрватска се зголемува потребата од странски работници во дејноста туризам и угостителство, што веруваме дека може да биде мошне интересно за државјаните на Македонија што претпочитаат да одат да работат во странство, а особено во Хрватска.
Претпоставуваме дека, веројатно, до крајот на оваа година, во најмала рака, ќе се издадат приближно сличен број дозволи за престој и работа, ако не и повеќе, споредено со претходната 2023 година.
Ова дотолку повеќе е забележливо од текст објавен на 24 декември 2023 година на веб-страницата на Хрватската информативна новинска агенција (ХИНА), според неделниот билтен „Фокус на неделата“, каде што хрватското здружение на работодавци проценило дека повеќе од двесте илјади странски работници ќе работат во Хрватска во 2024 година. Се проценуваше дека до 2030 година секој четврти работник (односно помеѓу 400 и 500 илјади, под претпоставка на раст од годишниот БДП од околу два и пол проценти во следните седум години) во Хрватска би можел да биде од странство.
За споредба, во 2020 година, која беше последна година во која се применуваше составот на квоти, било предвидено издавање на 78.478 работни дозволи, при што на крајот од таа година останале неискористени 39.385 дозволи. Тоа не е чудно, со оглед дека 2020 година ја обележаа пандемијата на ковид-19 и, како последица на тоа, затворање и намалување на стопанската дејност. Веќе следната година кога беше укинат составот на квоти, а тогаш почна да закрепнува и стопанството, бројот на издадени работни дозволи се искачи на 82 илјади, а во 2022 година на 124.121 дозвола. Пресметавме дека по само две години, споредувајќи ја 2021 со 2023 година, изразено во проценти, бројот на издадени дозволи за странци се зголемил (од 82.000 на 172.499) за 110 проценти!
Специфицирано, од вкупниот број издадени дозволи за престој и работа во првите седум месеци годинава, издадени се: 85.400 дозволи за ново вработување, 31.619 за продолжување на дозволите и 14.860 за сезонски работници.

Македонија петта на листата на земји со најмногу издадени дозволи

Најголемиот број дозволи за престој и работа до 31 јули се издадени за државјаните на следните десет земји: Босна и Херцеговина 25.571 (пресметавме дека тоа е околу 19,4 проценти од вкупниот број издадени дозволи годинава), Србија 20.974 (околу 15,8 проценти), Непал 20.640 (околу 15,5), Индија 12.122, Македонија 10.637 (околу 8,1 отсто), Филипини 8.572, Бангладеш 7.604, Косово 5.299, Узбекистан 3.872 и Египет 3.368. Споредено со 2023 година, нови земји во првите десет се Узбекистан и Египет (во 2023 година деветта беше Турција со 5.067, а десетта Албанија со 4.244).
Лани најмногу дозволи им биле издадени на државјаните на: Босна и Херцеговина (38.236), Србија (24.028), Непал (23.493), Индија (15.627), Македонија (13.412 или пресметавме дека тоа е 7,8 проценти од вкупниот број издадени дозволи во 2023 година), Филипини (10.999), Косово (9.922) и Бангладеш (8.749).
Утврдивме дека досега годинава, споредено со лани, е зголемен процентот на издадени дозволи за државјани на Македонија во однос на вкупниот број издадени дозволи на странски државјани. Во седум месеци годинава од Македонија има 8,1 отсто работници од вкупниот број издадени дозволи за странци. Лани, нашите учествувале со 7,8 проценти.
Претпоставуваме дека, веројатно, до крајот на годинава, ќе се издадат, приближно, минимум, сличен број дозволи за престој и работа споредено со претходната 2023 година. Имено, лани вкупно биле издадени 172.499 дозволи за престој и работа, од што во најголем дел во погоренаведените пет дејности: градежништво 68.912, туризам и угостителство 45.868, индустрија 24.034, сообраќај и врски 11.497, трговија 4.863.
Од вкупниот број издадени дозволи за престој и работа, годинава за ново вработување се издадени 85.400 дозволи, 31.619 за продолжување на дозволите, 14.860 за сезонски работници. Гледано по жупании, од вкупно дваесет жупании во Хрватска, во 2024 година од вкупно 14.860 сезонски вработувања, најмногу (3.543), околу 24 проценти, се дозволи издадени во полициската управа на Сплитско–далматинската жупанија, по што следуваат дозволите издадени во полициските управи на Приморско–горанската (2.748 сезонски вработувања), Задарската (2.597) и Истарската жупанија (2.438).
Годинава убедливо најмногу нови вработувања се евидентирани во полициската управа на Загрепската (16.305) и Истарската (14.111) жупанија. Во полициските управи на овие две жупании вкупно се евидентирани 30.414 нови вработувања, што пресметавме дека изнесува околу 35,8 проценти од вкупниот број (85.400) на нови вработувања годинава.
Загрепската жупанија е доминантна и кај продолжените договори: во нејзината полициска управа се евидентирани 10.447 продолжени дозволи од вкупно 31.618.

Живко Здравкоски


Фото: Влада

Премиерите Мицкоски и Пленковиќ се заложија за пријателска соработка при македонските евроинтеграции

Хрватска останува подготвена да ѝ помогне на Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија, како што истакна хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по средбата со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски, кој е во прва официјална посета на Хрватска. На прес-конференцијата одржана по средбата лице в лице во владината зграда во Загреб, Пленковиќ рече дека Хрватска ќе се залага за што подинамичен процес на пристапување на Македонија кон ЕУ, додавајќи дека во изминатите 20 години имаше многу неправди кон Македонија. Премиерот Мицкоски порача дека неправдата што ни е нанесена во изминатите две и пол децении е голема, но додаде дека желбата на македонските граѓани да бидат дел од семејството на ЕУ е голема.
– Но се надевам дека како нова влада, со реформите што планираме да ги направиме најпрвин на домашен план, а потоа и во соработка со нашите пријатели, хрватската влада, но и преостанатите пријатели што доаѓаат од земјите членки на ЕУ, конечно таа неправда по повеќе од две и пол децении ќе биде исправена и македонските граѓани ќе можат да бидат заедно со европските граѓани како дел од големото европско семејство – нагласи Мицкоски.
Двајцата премиери разговараа и за унапредување на билатералната соработка на сите нивоа, особено на економски план, со оглед на тоа што постојат можности за унапредување, иако трговската размена сега на годишно ниво е 300 милиони долари. Беше предвидено премиерот Мицкоски да се сретне и со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, како и да оствари средба со претставници на македонската дијаспора. Н.М.


Македонските студенти во Хрватска ќе плаќаат иста школарина како
и домашните

Македонските студенти во Хрватска ќе плаќаат иста школарина како и домашните, според договорот што двете земји го потпиша вчера, а се однесува на соработка во образованието и науката. Истата практика ќе важи и за хрватските студенти во Македонија. Во однос на основното и средното образование, учениците државјани на едната држава имаат право да се школуваат во другата држава, под условите што важат таму.
Министерката за образование Весна Јаневска и хрватскиот колега Радован Фукс вчера потпишаа нова четиригодишна програма за соработка, со што националните образовни системи ќе бидат подостапни за граѓаните на двете земји, соопштија од Министерството за образование.
Министерот за здравство Арбен Таравари исто такa потпиша договор за соработка во областа на здравството и медицината, во рамките на посетата на македонската владина делегација во Загреб. Н.М.


По две години, дуплиран бројот на работници од Македонија

Во текст на хрватскиот портал „Лидермедија“ објавен на 25 јануари 2023 година се наведува дека, според податоците од МВР на Република Хрватска, во 2022 година најмногу дозволи добиле работници од: Босна и Херцеговина (36.783), Србија (19.176), Непал (12.222), Македонија (10.053) и од Косово (8.979). Интересно е кога таа статистика ќе се спореди со онаа од 2021 година кога државјаните на Босна и Херцеговина имале 30.721 дозвола за работа, од Србија биле 13.579, од Косово имало 7.013 работници, од Македонија 5.926, а од Непал 4.724 дозволи.
Во одговорот на МВР до „Лидермедија“ било наведено дека најголем број дозволи за престој и работа биле издадени за градежништво 53.772, туризам и угостителство 32.306, индустрија 16.932…
– Најчести дозволи за престој и работа биле издадени за занимањата; ѕидар, келнер, столар, работник во високоградба и готвач – одговориле од хрватското МВР на прашањето од „Лидермедија“. Ж.З.